Време е македонскиот премиер да си оди – секое друго решение би било како разместување на столчињата на палубата на брод што тоне.
Како што одекнува скандалот со прислушувањето низ цела Македонија и пошироко, така се обелоденува и наводната корупција и заплашувањата од страна на премиерот Никола Груевски и неговата владејачка партија.
Шокантните детали за тоа како се злоупотребувале или едноставно се игнорирале законите и демократските стандарди од министрите и од високите државни претставници, го нагласуваат неказнувањето и „кавалерското“ однесување на режимот, без систем на одговорност, што секој би го очекувал од едно демократско општество.
Тврдењата на премиерот дека прислушувањата се дело на странски разузнавачки служби не можат да залажат никого, додека обвинувањата дека опозицискиот лидер Зоран Заев планирал државен удар, само ја одразуваат решителноста на Владата да најде каков било изговор за да ги замолчи своите политички противници.
Судејќи според тврдењата на опозицискиот лидер, дека оваа масовна операција на прислушување се одвивала неколку години, можеме само со страв да нагаѓаме што ќе се открива допрва, особено во однос на меѓуетничките односи.
Владата предводена од Никола Груевски беше обележана со постојани тензии помеѓу етничкото албанско и мнозинското македонско население, често провоцирани од недостиг на чувството за мултиетничкиот карактер на државата.
Наместо да промовира политика на единство, владејачката партија, преку агресивно занимавање со контроверзниот проект Скопје 2014, на пример, го загрози кревкиот баланс што земјата ја држеше обединета по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година.
Засега не е откриена ниту содржината на прислушувањето на странските дипломатски мисии. Самиот факт дека такви прислушувања постоеле ќе доведе до сериозни меѓународни импликации, воедно и затоа што Владата има меѓународни обврски според Виенската конвенција.
Ова е очигледно режим кој живее со позајмено време. Со губењето на кредибилитетот и легитимноста што се преостанати, премиерот во центар треба да ги стави интересите на државата и да ја поднесе оставката заедно со целиот негов кабинет.
Сугестиите дека некои од неговите министри кои се директно вмешани, треба да дадат оставки, како министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски, а премиерот да остане на функцијата, е исто како да се прередуваат столчињата на палубата на брод што тоне.
Според последните изјави на еврокомесарот Јоханес Хан – ЕУ, чиишто лидери беа крајно бавни во сфаќањето на степенот на развојот на кризата – се чини дека прави напори за медијација што ќе биде преземена од страна на делегацијата на Европскиот парламент.
Ова покренува многу прашања, особено етички, бидејќи станува збор за обид за медијација со владејачка партија која го загуби моралниот авторитет што го имаше и, судејќи според материјалите од објавените снимки, се однесува на автократски начин, игнорирајќи го владеењето на правото и институционалните процеси.
Исто така, сомнеж се става и врз тоа дали воопшто медијациските напори би имале можност за успех, ако се земе предвид искуството во минатото. Последниот медијациски напор во кој беше инволвиран Европскиот парламент се случи во март 2013 година, во обид да се надмине кризата предизвикана од исклучувањето на сите опозициски партии и новинари од Собранието во декември 2012. Овој напор не беше крунисан со успех, со оглед на тоа што владејачката партија, неколку месеци подоцна, дел од договорот за компромис го изедначи со „тоалетна хартија“.
Единствениот начин за излез од оваа криза е Владата да даде оставка и да направи пат за почеток на транзициски процес.
Овој транзициски процес треба да има три широки насоки:
– Земјата да се подготви за соодветен изборен процес, ослободен од секакви нерегулараности и закани кои беа нотирани во многу поранешни избори, документирани и во извештаите на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР. Доволно време треба да се издвои за да постои сигурност дека се обезбедени сите елементи на изборниот процес, вклучувајќи соодветна контрола врз користењето државни пари, финансирањето на политичките партии и гаранција за независните медиуми; независната изборна комисија треба да биде зајакната со поддршка од меѓународни експерти.
– Треба да се направи Независна комисија за истрага со директна вмешаност на меѓународно признати личности. Задача на комисијата би била да се испитаат сите аспекти од обвинувањата за прислушувањето, со надлежност да се повикуваат и сведоци. Ова би обезбедило објективна оценка, ослободена од политичко влијание. Ако оваа работа се остави на актуелниот јавен обвинител и на судскиот систем, тоа би немало никаков кредибилитет, со оглед на вмешаноста на владејачката партија во правосудниот систем во последниве години, нешто што е подвлечено и во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Независната комисијата треба да ја заврши работата и да направи јавен извештај пред да се одржат следните избори.
– Невладините организации, академската јавност и медиумите треба да одиграат клучна улога во однос на отворените дебати и дијалози насекаде низ земјата, ослободени од закани и заплашувања кои се белег на актуелната политичка средина. Ова би помогнало да се возобнови граѓанското ткиво во општеството, длабоко трауматизирано од политичките поделби каде што граѓаните се категоризираат како „патриоти“ или „предавници и непријатели на државата“. Ова исто така ќе придонесе да се намали нетолеранцијата и длабоката недоверба меѓу етничките заедници, а ќе дозволи и да се појават нови гласови, вклучително и нови политички сили.
Ова е критичен период за Македонија. Државата или ќе продолжи да тоне подлабоко во бездната на сегашниот режим или ќе преземе храбар чекор кон уривање на овој систем и кон враќање на основните демократски вредности и стандарди. На македонските граѓани е оставено да одлучат, но во средина ослободена од измами, нечесност, заплашување и страв што ги одбележаа последниве години.
А меѓународната заедница, особено ЕУ и ОБСЕ, мора да бидат тука и да понудат помош и насоки.