Секој 1 август, во предвечерјето на големиот празник, македонските семејства се исправени пред истата дилема – кој пат да го фатат следното утро за Илинден? Дали за големиот празник да се оди на Мечкин Камен, во Пелинце или во Скопје, тоа е хамлетовската дилема на која секој Македонец мора да се најде мудар одговор, да се најде некој разумен компромис меѓу желбите и можностите.
Таткото внимателно ги чита програмите, мајката е со дигитронот и пресметува патни трошоци за секоја од дестинациите, децата се тегнат кој да ја носи античката кацига, а кој кубурата. Тешко оди договарањето, тешки се преговорите за името на дестинацијата, можеби потешки и од оние за името на државата.
– Жено, во Крушево ќе биде Хорхе. Задњи Илинден му е ко претседател, тоа ќе биде спектакл – вели таткото, сукајќи си ги гоцевите мустаци.
– Не може, скапо е. Шест патарини, плус гориво, а ќе сакате локум со црешово топче, приврзок за колата со шеснаескрако сонце… – вели мајката додека го мести везот од народната носија пред огледалото. Потоа убедливо додава: – Немој да си тажен, душо, ако останеме во Скопје, ем ќе положиме свежо цвеќе на пет-шест споменици, ем ќе ми остане време да фатам нешто по дома, да зачистам.
– Две години како не сум бил на Мечкин Камен… – гледа во една точка таткото, задржувајќи си ги солзите.
– Уште оваа година, душо. Догодина ќе продадеме нешто, ќе те носам и на средбата во Трново, ти ветувам – го прегрнува мајката, а потоа со насолзени очи ги гушкаат и своите деца.
Познавате некое вакво семејство, кое се крши пред крстопатот за Илинден? Знаете некој кој ги сече од весници говорите на политичарите за Илинден и ги лепи во споменар, а притоа да не е под строг психијатриски надзор?
– Да не одиме во Крушево!? Па, останало ли мори во тебе нешто патриотско! Хорхе во џебот носи вето, што ако го истресе џебното вето качувајки се со свитата нагоре по планината или џепароши ако му го украдат? Кој ќе го бара ако не сме таму барем дваесет илјади комити и уште толку од фалангата! Кој е го одбрани ако недај боже некоја Злата го нападне со непозната течност од устата како онојпат Бранко, девеесет и седмата… – вика сопругот.
– Прво не се викаше Злата, туку Сребра! Второ, не беше Бранко, туку Киро! И како трето не беше девеесет и седмата, идиот еден, тоа беше Илинденот на кој се запознавме, си ни ја заборавил годишнината… – прснува во плач унесреќената сопруга.
Да не зборуваме за оние кои мора да поминат низ најголемата траума за секој родител за Илинден. Ќерката, едвај полнолетна, со кнедла во грлото ти пристапува и едвај чудно изустува:
– Дечко ми утре ќе ме носи на Пелинце.
Пу, пу, скраја да е, ама се случува. Потоа следува долг родителски разговор, во кој треба да ѝ се објасни на младата дама дека не се оди сама на Пелинце, дека е опасно, дека дечкото може да се претставува како македонски патриот, а во душата да е најобичен комуњар, кој е на Пелинце не затоа што ја сака Македонија, туку за да го слуша предавникот Зоран Заев…
Долги се маките на Македонците за Илинден, долги речиси колку раката на ВМРО, можеби дури и за некој сантиметар подолги ако раката на ВМРО си ги исече ноктите во чест на празникот. Мислам, логично е, која будала би отишла на плажа на море или на езеро, на планина во викендица, на концерт или во шопинг, и така да ја пропушти once-in-a-year шансата во живо да ги слуша еден од говорите на некој од претседателите на државата, на владата или на собранието.
Светот одамна е поле за културен натпревар, а вие уште се заебавате со тоа кој полошо да го злоупотреби овој цитат од Гоце во некој ебен дневнполитички контекст. Братја земјаци и мили комшии, доста е!
Толку ретко ги гледаме овие од водечкото трио на државава, зарем и Илинден да го поминеме без нив?
Да, убавите времиња кога државата ти плаќаше автобус, сендвич и дневница за на Илинден да си таму каде што е шефот, се зад нас. Сега сме оставени за празникот самите на себеси, но тоа е можеби божјо, патриотско искушение. Господ Бог кој е Македонец нè тестира дали сме вистински патриоти, дали навистина си ја сакаме и ја заслужуваме оваа Македонија. Не сакам да сум патетичен, но ако денес во овие тешки комуњарски времиња не заминеме за Крушево, за Трново, за Рила, за Прохорпчински или за Пелинце, на тој свет аџилак, тогаш можеби и не ја заслужуваме нашата Татковина.
А сега сериозно: познавате некое вакво семејство, кое се крши пред крстопатот за Илинден? Знаете некој кој ги сече од весници говорите на политичарите за Илинден и ги лепи во споменар, а притоа да не е под строг психијатриски надзор?
Не е ли дојдено време да почнеме да размислуваме да ја смениме оваа здодевна повеќемилениумска традиција на прослава на многуте Илиндени? Не е ли дојдено време на Македонецот да му ја соопштиме страшната вистина, верувал тој во неа или не, дека веќе цели 18 години сме во 21 век и со секоја следна се повеќе заглавуваме во иднината, а се оддалечуваме од славното минато.
Сакате старосниот просек на посетителите на илинденските собири да ви падне под 70 години? Донесете некој светски познат диџеј наместо политичари, направете шоу со стендап комичари од цел Балкан кај што ќе се зезаат на тема Илинден, не знам смислете нешто забавно. Светот одамна е поле за културен натпревар, а вие уште се заебавате со тоа кој полошо да го злоупотреби овој цитат од Гоце во некој ебен дневнполитички контекст. Братја земјаци и мили комшии, доста е!