Груевски повикува Македонија да биде примена во ЕУ и НАТО. Сон или јаве? Човекот кој 11 години со своите политики „едно зборувам, друго правам“ даде огромен придонес Македонија да остане што подалеку од интегративните процеси, сега се буди, живее и заспива со рефрени за ЕУ и НАТО.
„Да се упати покана на Македонија за членство во НАТО веднаш годинава, и да се започнат преговорите за членство во ЕУ“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај ваква конструктивна опозиција, премиерот Заев очигледно нема да има многу работа по прашањата за интеграциите. Дури и не мора во понеделник да оди во Брисел. Груевски таму веќе кажал сѐ што требало да се каже. Само што задоцнил „малку“, околу 11 години, и што во Брисел се многу изненадени имајќи предвид од кого доаѓа „наредбата“ за итна интеграција: од човекот кој до вчера се потпираше на астролошките прогнози „НАТО вештачки ќе го држат, Европа ќе се распадне“ или „Дај Боже да не нѐ примат во ЕУ, што бараме со нив“.
Да, на ЕУ навистина не ѝ цветаат рози и нејзиното зацврстување нема да оди брзо и лесно, но Македонија и нема друга реална алтернатива во однос на вредностите и стандардите за кои се залага. Но, факт е дека Македонија под водството на Груевски покажуваше огромна амбивалентност во однос на ЕУ, поретко со причина, а најчесто без реални аргументи.
Ако Груевски е за членство во ЕУ и НАТО, тоа значи дека ќе гласа за законите кои водат кон исполнување на условите што водат до таа цел: закони кои обезбедуваат целосна демонтажа на МВРО-ВМРО во безбедносниот систем, надзор врз комуникациите, реформи во судството и во други области каде што беа нотирани значајни недостатоци.
Тој, всушност, го бара најкусиот пат за да го исчисти имиџот на децениски хомо дуплекс (гледам кон Запад, намигнувам кон Исток) и пост-фестум да се самопромовира во некаков чистокрвен ЕУ-монах. Кажано со негов речник, тој на шверцерски начин се обидува да се врати во игра во политичките коридори во Брисел, како ребрендиран и конструктивен партнер.
По големото назадување во неговата мандатна деценија, а заради страв дека во мандатот на неговиот опонент Зоран Заев може да се реализира конкретен исчекор на интегративен план, Груевски си обезбедува алиби за да може подоцна да тврди дека „и тој се борел за истата цел“. Декларативно да, практично не.
Уште долго време ќе се паметат паролите со кои неговото членство и поддржувачи ја гледаа иднината на Македонија, поттикнати и инспирирани од војната со меѓународната заедница во која влезе партискиот врв: „Не во ЕУ“, „NATO- North Atlantic Terrorist Organization“, „Вашите амбасадори се грди“. Но, уште повеќе и „досадни“.
Не верувам дека во Брисел е заборавен начинот на кој македонската Влада го испрати амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере, на крајот од неговиот мандат: вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски, му подари карикатура на која Фуере е прикажан како излегува од фрижидер!!! Но, всушност, таа прикажана карикатуралност на отсуството на политичка и дипломатска култура на Владата, подоцна добиваше малигни димензии. Груевски од 2015 година многу појасно „ги отвори картите“, користејќи секаква пригода за своето политичко дереџе да ја обвини ЕУ и стратегиските партнери на Македонија, употребувајќи за нив општ заговорнички назив „странски сили“ или „странски служби“.
За пресметка со нив беа употребени и партиските соопштенија, во кои разговорите со амбасадори на земји членки на ЕУ беа стенографски пренесени, со цел да се иронизира со средбите и да се знае што им „плеснало в лице“ раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа исто „храбро“ раководство, денес послушно трча од Малта до Брисел, во надеж дека ќе спаси нешто од својот углед, додворувајќи им се на истите „европски бирократи“ кои претходно жестоко ги критикуваше.
Накусо кажано, „искреноста“ со која Груевски пее на новото политичко це-де е идентична со „искреноста“ на некои национални телевизии кои одеднаш ја сменија плочата заедно со смената на власта.
Но, добро е што Груевски јавно и јасно ги декларираше своите про-ЕУ и про-НАТО позиции, бидејќи тоа наскоро ќе треба да го потврди и со конкретни чекори како пратеник и лидер на најголемата опозициска партија, која беше повикана од Брисел да соработува на реформските проекти.
Не верувам дека во Брисел е заборавен начинот на кој македонската Влада го испрати амбасадорот на ЕУ, Ерван Фуере, на крајот од неговиот мандат: вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски, му подари карикатура на која Фуере е прикажан како излегува од фрижидер!!!
Претпоставувам дека нему му е сосема јасно дека зачленувањето во ЕУ и НАТО бара исполнување на многу повеќе услови од начинот на зачленување во партијата, каде што како доказ за нечија членско-идеолошка компатибилност може да е доволно и едно истетовирано лавче или неколку сочни пцовки против опонентите.
Но, во случајот со ЕУ важат многу конкретни критериуми, па Европеецот Груевски на дело ќе мора да покаже дека не ги лажел своите соговорници во Брисел. Па отсега натаму, од него и од неговите колеги пратеници од ВМРО -ДПМНЕ ќе се очекува да притиснат „за“ кога во парламентот ќе се гласа за одредени законски проекти, за чиишто реформски капацитети претходно ќе биде консултирана и експертската група на Прибе, ангажирана од Европската комисија.
Ако Груевски е за членство во ЕУ и НАТО, тоа значи дека ќе гласа за законите кои водат кон исполнување на условите што водат до таа цел: закони кои обезбедуваат целосна демонтажа на МВРО-ВМРО во безбедносниот систем, надзор врз комуникациите, реформи во судството и во други области каде што беа нотирани значајни недостатоци…
Тоа ќе биде единствениот начин вистински да ја потврди неговата европска ориентација, во смисла на заложби за стандарди и вредности, а не само како корисник на визната либерализација за да се прошета до сестринските партии, да даде „подобна“ изјава и на враќање да си купи нешто од фришоп. Сега му останува само да се подготви за деновите што брзо ќе дојдат, кога тој ќе биде ставен на познатиот тест: Hic Rhodus, hic salta!