Хулиган е хулиган

Кратко траеше размислувањето во соседството како да го третираат вчерашниот инцидент во Чаир – како класично хулиганство или како чин од омраза на антибугарска основа. Во голема мера сепак се решија за второто, бидејќи им носи политичка дивиденда. И тргна лавината.

„Нова антибугарска провокација од Скопје. Дали треба да убијат Бугарин за државата конечно да заземе тврда позиција кон РСМ? За нив нема и не смее да има место во ЕУ “, и ред други критики за поткапацитетноста на нашава земја да ги разбере европските вредности.

Хулиганството не е вредност, ама го има меѓу навивачките групи секаде во светот, и во Бугарија, и кај нас. Од пресметки меѓу хулигани цивилизирани општества се срамат, и не ги бранат. Во Бугарија се обидуваат и од ова извлечат поен.

И како и секогаш зборуваат за права, ама не и за обврски. Зарем нивните граѓани кои доаѓаат овде на фудбалски натпревар или што било, немаат обврска за почит кон земјата домаќин, кон претставници на нејзините институции, во случајов кон полицијата? Или, од позиција на „европејци“ мислат дека овде им е дозволено да прават сѐ, па и да напаѓаат и да бидат агресивни кон полицијаците?

За тоа во голема мера придонесе и молкот на нашите надлежни институции во некои претходни случаи, што кај источниот сосед остави впечоток дека во име на деблокираниот наш европски пат, може да ја третираат Македонија како боксерска вреќа – да ја удираат кај ќе стигнат, а ако им биде возвратено – да пишуваат писма до ЕУ дека овде нема демократски капацитет.  

Во однос на инцидентот, немам сомневања дека и нашиот удел во хулиганската епизода бил на високо ниво. И до утре може да се расправаме – ММЕ кој прв почнал – но заклучокот е еден: и за кавга и за љубов се потребни двајца. 

На драгите Бугари едно нешто треба да им биде јасно: нас воопшто не ни е неопходно нивното присуство за да имаме инцидент(и) од ваков тип. Ние го можеме тоа и без нив. Примери има колку сакаш.

Два табора, главно од домашни навивачки групи (Комити и Шверцери) во февруари 2011 години темелно си ги измерија силите кај скопското Кале, а инцидентот заврши со 8 повредени лица, од кои двајца полициски службеници.

Ако Бугарија навистина сака добрососедски односи, треба да се откаже од деценискиот пристап кон Македонија низ санстефански очила

И тоа воопшто не ги засегна учесниците. Напротив. Низ едно такво „калење“, чекор по чекор, миц по миц, учесникот во инцидентот Артан Груби стигна и до функцијата прв вицепремиер. Оди после објасни им на младите дека не било исплатливо да се тепаш.

Патем, кај нас не мора ни да има спортски натпревар за да се крши и да се дивее.  Во ноември 2019 година, со одобрение од Министерството за култура во Македонскиот народен театар беше одбележан 30-годишниот јубилеј на навивачката група „Шверцери“. Гала-прославата заврши со скокање врз столиња, нивно кршење, демолирање и на друг инвентар, а тоа дивеење чинеше пари.

Но цената на конфликтниот потенцијал што го имаше тој настан, не беше мерлива во пари. И поправете ме ако грешам, ама немаше пријава за ниту еден од присутните навивачи кои демолираа дел од инвентарот во МНТ. А кој ја плати материјалната штета – еден Господ знае. Сите ние.

Кој ќе ја плати штетата сега? Се разбира, граѓаните на двете држави, на кои политичките елити успеаја толку многу да им го „унапредат“ добрососедството – што ако утре посакаат да си подадат по едно јаболко меѓу себе – секој ќе стравува дека е отровно.

И „нормално“, сето ова се случува во пресрет на 120- годишнината од Илинденското востание, кога на Гоце Делчев му се фрла ракавица за да потврдиме како точно гласеше онаа неговата – дали светот да го разбираме како поле за културен, или за хулигански натпревар меѓу народите?

Но, и на Бугарите не им требаат навивачки групи од Македонија, за да си произведат инцидент околу „Левски“. Илиана Раева, сопруга на Наско Сираков кој е мнозински сопственик на „Левски“, јавно побара помош од државниот врв на Бугарија, од Обвинителството и од јавноста, по смртната закана што била упатена кон нејзиниот сопруг, веднаш по завршувањето на мечот Левски – Шкупи.

Заканата била објавена на Фејсбук од Љубомир Костадинов, водач на навивачите од Сектор „Б“, инаку познат по криминални активности. Во коментар од негов поддржувач било наведено дека истото треба да ги снајде и ќерките на Сираков.

Раева вели дека за тој човек нема место не само на стадион, туку и на улица, и дека во секоја цивилизирана, правна, европска држава, тој човек веќе ќе бил приведен, како и другиот што се заканувал со смрт за нивните ќерки.

„Ако институциите не ни помогнат, ве уверувам, дека како граѓанка на Обединета Европа ќе побарам јавна помош од Европскиот парламент и институции“, порача сопругата на мнозинскиот сопственик на Левски. И сега што правиме? Ако Бугарија е европска и правна држава, нели е срамно нејзини граѓани преку Фејсбук вака да молат за помош?

Луѓе кои се декларираат како Бугари, но искрено и без мотив тоа да им биде чадор за заштита од санкции за криминал, денес се срамат да застанат во ист ред со Пендиков, Бекир Кадриески и други финансиски профитери со новостекната самосвест

Во однос на инцидентот во Скопје, пратеникот Даниел Лорер (од ПП-ДБ) порача дека треба побрзо да се направи мост меѓу двете нации, ова лето да се најде начин да се вклучат Бугарите во македонскиот Устав, а македонското општество да почне да разбира дека тие се рамноправни и дека нема место за дискриминација, а камоли за насилство.  

Македонското општество нема проблем со почитување на правата и рамноправноста на секој нејзин граѓанин. Но, има проблем со оние граѓани кои во име на своите права ја негираат посебноста на македонскиот јазик и идентитет. Ако едно право се користи за газење на друго, тогаш никогаш и никако не ќе може да се изгради таков мост.

А Бугарија како емблематични фигури на македонски Бугари, штити, форсира, помага и школува токму лица кои таа определба ја живеат исклучиво преку негирање на македонскиот идентитет. Со таква политика може само да се урне и последниот капиџик меѓу двете земји.

Луѓе кои се декларираат како Бугари, но искрено и без мотив тоа да им биде чадор за заштита од санкции за криминал, денес се срамат да застанат во ист ред со Пендиков, Бекир Кадриески и други финансиски профитери со новостекната самосвест.

А ако Бугарија навистина сака добрососедски односи, треба да се откаже од деценискиот пристап кон Македонија низ санстефански очила. Ако вели дека се залага за зедничка иднина со Македонија во ЕУ, не може тој наш пат истовремено да го третира и како полигон за реализирање на нејзини неостварени соништа од минатото.

Затоа, лажна е дилемата дека од Македонија зависи дали ќе се интегрира во ЕУ или ќе се изолира. Обратно, од ЕУ зависи дали единството и проширувањето на Унијата ќе се продлабочи низ фер шанса и исти критериуми за сите кандидати, или таа (не)свесно ќе негува дезинтегрирање, доколку продолжи да толерира вакви политики на нејзини членки во 21 век.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија