И „Телма“ се претера!

Поради нечисти политички игри кои во старт ја компромитираат борбата против криминалот, се плашам дека никогаш нема да ја дознаеме вистината – дали навистина акционери на „Макпетрол“ се оштетени поради наводно незаконско постапување на 21 осомничено лице, или тие се гонат заради постигнување други цели?

Screen Shot 2016-07-08 at 1.45.47 PM

„Кога ќе порасне, Телма сака да биде А1“, напиша пред две години на својот Твитер профил, пратеникот Антонио Милошоски. Случајно или не, тоа беше истиот период во кој инспектори од МВР интензивно ја чешлаа документацијата на „Макпетрол“ во врска со наводно, незаконско прелевање на капиталот од ова акционерско друштво во Командитното друштво со акции „Оилко“, а во политички и бизнис кругови веќе интензивно се лицитираше со денот кога униформирани лица ќе спроведат спектакуларно апсење на првиот човек на „Макпетрол“. Но, тоа, сепак, не се случи.

Се случи нешто друго. Во истите кулоари проциркулира веста дека „паднала одлука од врвот“ акцијата да се одложи на неодредено време. Наодите на инспекторите беа складирани во фиока, а една од причините за таквиот пресврт исплива на површина подоцна, кога зад јавна сцена власта почна еден друг процес: разговори за купување на „Телма“, телевизија со национална концесија во сопственост на „Макпетрол“.

Извори упатени во разговорите тврдеа дека за таа цел, како формален купувач и параван за намерите на власта, наводно, била избрана фирмата на еден естраден менаџер, која во текстов симболично ќе ја именувам како „Шесто сетило“, а во разговорите за купување на телевизијата од страна на власта, наводно, директно учествувал еден прочуен шеф на кабинет.

По неколку месеци, разговорите завршиле без договор за купопродажба. Се шпекулираше за различни причини за таквиот епилог- од тоа дека на власта не ѝ била потребна уште една телевизија (бидејќи ги имала доволно), до тоа дека воопшто не морала да го одврзе ќесето, бидејќи и без да плати можела да оствари контрола врз неа.

Тоа било очекувано од сопственик кој знаел дека е субјект на истрага и потенцијален добитник на кривична пријава, па во стилот „самото ќе му се каже што треба да прави“, од сопственикот на „Телма“ се очекувало да даде директива во чија корист треба да меле воденицата на телевизијата.

Но, тоа не се случи, а во меѓувреме „Телма“ видливо „се претера“. Прво, воведе дневни дебатни емисии, заборавајќи дека дебатата во едно грижливо градено затворено општество се доживува како ерес. Второ, телевизијата започна кампања со инсталирање на „црвен телефон“, на чие ѕвонење новинарите ја трескаа слушалката, порачувајќи симболично дека не примаат инструкции, наредби или нарачани вести, ниту од власта, ниту од опозицијата.

По ваквиот маркетинишки потфат, се огласи единствено владејачката партија: „ВМРО-ДПМНЕ бара јавно да се каже кој прави притисок врз ‘Телма’ и инсистира да не се ставаат сите политичари во ист кош. Телевизија ‘Телма’ после овој потег има силна обврска пред јавноста да каже кој ѝ вршел притисок. Ако ‘Телма’ не го направи тоа, тогаш ќе остане јасно дека ‘црвени телефони’ и површен маркетинг за слобода им се позначајни од транспарентноста и точното информирање“, соопшти партијата.

telefonpng

За разлика од несфаќањето на духот на таа кампања во oваа и некои други домашни партии, „црвениот телефон“ во конкуренција на речиси две илјади проекти, во јуни ја освои престижната награда „Сребрен лав“ на адвертајзинг-фестивалот во Кан.

Но, тој „лав“ не им помогна да издејствуваат отчет од вицепремиерот Владимир Пешевски за инцидентот со Саше Ивановски, па „Телма“ уште еднаш „се претера“: најави дека ќе ги бојкотира сите негови активности. „Лавот“ остана во витрината, а „мечка“ заигра пред вратите на нивниот сопственик.

Едно со друго не би требало да има врска во земја во која владее правото. Но, како што видовме во случајот со Велија Рамковски, неговиот кривичен прогон најмногу имаше врска со судбината на А1 телевизија, а постапката против него почна дури откако стана „непослушен“ кон власта.

Поради вакви нечисти политички игри кои во старт ја компромитираат борбата против криминалот, се плашам дека никогаш нема да ја дознаеме вистината – дали навистина акционери на „Макпетрол“ се оштетени поради наводно незаконско постапување на 21 осомничено лице, или тие се гонат заради постигнување други цели.

Таквиот сомнеж најмногу е подгреан од фактот дека осомничените се товарат за активности преземени уште „во втората половина на 2006 година“. Календарот вели дека ја живееме втората половина на 2015 година. Колку кривични пријави навреме не биле процесуирани со цел одредени лица да бидат рекетирани, да се држат на „кратко јаже“ и ако не бидат издресирани по волја на власта, дури тогаш пријавите ќе им бидат адресирани?

Ова е „стандард“ исклучиво во земји во кои ниту владее правото, ниту искрена борба против криминалот. Од такви елити илузорно е да се очекува дека ќе спроведат реформи предвидени во поглавјата 23 и 24.

Ако некој тактизира со сознанија за криминал, или ги користи за да врши притисок за други цели, а не за да ја спроведе правдата, тоа не е ништо друго, освен класично соучесништво во кривичното дело и потврда за еден доминантен ајдучки менталитет кој ги злоупотребува институциите за селективно и временско темпирање на постапките, со што и ги релативизира и ги компромитира.

Кога ќе се подвлече црта под сѐ, нефундирано е назадоволството на власта и од едно друго „претерување на ‘Телма’“, како на пример, тоа што во некој ударен термин го емитувала филмот „Големиот диктатор“, прашувајќи нервозно што требало да значи тоа. По сето ова, веројатно одговорот „сам ќе им се каже“!