Јасно е дека Унијата има свои правила за земјите што сакаат да пристапат во неа, критериуми што треба да ги исполнат, а на крајот – и принцип на едногласност во одлучувањето (ако се занемари излегувањето за пиење кафе во некои случаи). Едногласноста во догледно време нема да исчезне, бидејќи и за нејзино укинување е потребна едногласност.
Според тоа, џабе е да објаснуваме дека некои земји ја злоупотребуваат позицијата во клубот, изживувајќи се со вета врз кандидати заради остварување свои цели или недовршени историски соништа, со обиди за етнички интервенции/инженеринг и современо колонизирање – од европска позиција!
Изгледа апсурдно и неправедно кога никој во ЕУ не реагира на тоа, но не треба да се чудиме. Членките се солидаризираат со позициите на нивните партнери, а не на кандидатите, дури и кога аргументите се на страната на вторите. И тоа е еден маѓепсан круг, во кој обидот да се изведат работи на чистина нѐ наидува „ на ѕирка и проѕирка“.
Тоа е можно, само кога земјата-кандидат на интеграцискиот пат има моќен спонзор меѓу земјите од старато јадро на Унијата, како што имаа дел од оние кои сега се во клубот, а кои со шансите беа далеку зад Македонија пред две децении. Македонија такви поддржувачи нема.
Задоцнета тирада
Но, не е одговорноста само кај членките. Многу нешта може да се прочитаaт и од односот на земјите-кандидати кон центрите од кои зависи нивното пристапување. Пред неколку дена Албанија одржа втора меѓувладина конференција со ЕУ, а премиерот Еди Рама одржа „лекција“ за тоа како е онеправдена Македонија. Потсети дека земјата дури и името го сменила заради eвроинтеграцијата, а сѐ уште тапка во место иако била меѓу првите на тој пат.
Сето тоа убаво звучи, ама за жал Рама пропушти да биде така гласен и отворен за бугарските притисоци во време на пописот во Албанија, за што тамошните медиуми интензивно пишуваа. Тирана не сакаше да ја си ризикува поддршката од Софија, па сега тирадата за онеправданоста кон Македонија нема апсолутно никаква додадена вредност, како што би имал навремен потег кој ќе го раскринкаше „европското однесување“ на некои земји-членки.
Второ, по првата најава од македонската влада дека не планира да ги задолжува граѓаните со железничка пруга кој завршува во половина тунел (делот од Коридор 8), Тирана побрза да реферира пред Бугарија дека тие го поддржуваат Коридорот 8.
Претходно, претседателот Бајрам Бегај со задоволство ја одмолча забелешката на шефот на бугарското Собрание, Росен Желјазков (февруари 2024) дека „Бугарија никогаш не поддржувала вештачко поврзување на европските патишта на Албанија и РСМ“, притоа со отворено и јавно укажување дека „Софија со нетрпение го чека објавувањето на резултатите од пописот на населението во Албанија“. Чекаше и дочека. И Тирана си дочека.
Нова симултанка
Србија, со која Македонија нема отворени прашања, често пати беше критикувана дека седи на две, па и три столчиња. Земјата која вешто ги користеше стратешките односи со Русија и Кина како геополитичка алатка во односите со ЕУ, сега во ресурсите од домашен литиум (потребни за производство на батерии за европската автомобилска индустрија) пронајде нов инструмент за симултанка со ЕУ во одредување на важноста на Србија во Унијата, од позиција на етаблиран регионален дистрибутер на влијание.
Потпишаните меморандуми за соработка во сферата на критичните ресурси, веројатно и дадоа сила да ја разубеди ЕУ и за важноста на Коридорот 10, наспроти другите алтернативи, со цел Србија да биде центар на патната и железничка инфраструктура на Западен Балкан. Така барем се пофали српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ по неодамнешната посета на Скопје.
Горан Весиќ е поранешен градски менџер и помошник на градоначникот на Белград, во чиј мандат улицата „Гоце Делчев“ во Нов Белград после 53 години (во 2016 година) беше преименувана во „Маршал Фјодор Толбухин“. Образложението на Весиќ беше дека таа одлука е сосема природна, бидејќи Гоце Делчев, како основач и водач на македонска револуционерна организација не ги задолжил ни Србија ни Белград со своите дела, туку раководел со пробугарска политичка организација која била изразено антисрпска. Не е тешко да се погоди на кого му направија комплимент.
Да не бидеме заобиколени
Сега не се во прашање улиците, ни имињата, туку трансевропските коридори. Македонија многу повеќе од претходните „пресвртни моменти“, сега треба да покаже како се грижи за своите државни интереси, без наивно да учествува во еден или друг „хор“. Ова особено важи за коридорите. Треба да се води исклучиво од своите потреби и можности, како што тоа го прават и другите соседи, за да не излезе на крајот да извиси и да биде заобиколена со некој крак, во стилот „одмаздата е најубава кога се сервира ладна“.
Многу рути се во игра. Не е исклучено на Србија да и биде удоволено за Коридорот 10 заради потребата од нејзините критични ресурси, но Македонија да биде заобиколена со најблиска рута зад нејзината граница. Такви мапи веќе флуктуираат во регионот.
Не е исклучено и Србија до крајот на годината да отвори еден кластер. Додека во ЕУ се бара начин како да се протурка тоа кај сите земји членки, Вучиќ е во небрано – дали следната недела да оди во Казан, Русија, на самитот на БРИКС. Самиот ја сподели дилемата: ако одел во Казан – ќе рекле дека тоа е крај на европскиот пат на Србија, ако не одел – ќе рекле дека ги предал Русите (на кои не им воведе санкции). Но, секако задутре ќе им се оддаде чест на силите на Црвената армија (командувани од Толбухин, кој ја доби улицата на Делчев) што учествувале во ослободувањето на Белград пред 80 години.
Магарешка клупа
Македонија, чија надворешна политика е целосно усогласена со онаа на ЕУ и е земја која направи најмногу компромиси заради европскиот пат, и натаму седи во магарешка клупа, додека Србија ги апсорбира светлата на европските рефлектори, без таква усогласеност. Принципот на сопствени заслуги и на усогласеност со европската надворешна политика, како да губат значење. Не случајно косовската претседателка Вјоса Османи неодамна реагираше дека ЕУ треба да го промени начинот на доделување финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан, бидејќи финансиските средства на ЕУ не одат секогаш кај оние кои целосно ја усогласиле својата политика со Брисел.
„Има шест земји од Западен Балкан кои ги користат програмите на ЕУ. За која земја одат 63 отсто од парите обезбедени од ЕУ? На тој што не е во согласност со ЕУ. Србија. Петте други земји кои сме усогласени со ЕУ, добиваме 30 отсто од финансиската помош“, рече Османи во дискусијата на Берлинскиот глобален дијалог.
На прашањето зошто е тоа така, порача – прашајте ги европските лидери!
Не се во прашање само парите, туку пораката што се испраќа. Таа не само што ги обесхрабрува искрените призврзаници на евроинтеграцијата, туку им дава ветер во грб на оние кои не се тоа. После ќе биде предоцна Брисел да прашува како се дошло на чекор до совршена бура.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија