Иман Келиф и судирот на цивилизациите

Не помнам дека сум се тепал во животот. Да, бев тепан два-трипати во детството, ама јас не се тепав.

Добро, бев еднаш на граница да се истепам. Тоа беше во гимназиските денови, на час по физичко. Игравме баскет на тројки (тројца против тројца). Со оглед дека бев еден од повисоките деца во класот, природно беше да играм центар. И во еден момент да се кренам со баскетот под кошот, како да се урна една карпа врз мене. Добив блокада. Или како што велевме ние, попив рампа.

Ова беше сосема ново и невообичаено искуство за мене. Јас бев тој што удира рампи, а не тој што ги прима. Побарав и добив лична. Веќе во следниот напад попив уште една рампа. Побарав уште една лична. Во третиот напад ја добив третата рампа. Побарав трета лична. Тука веќе мојот школски што ми ги удираше блокадите се изнервира и почнавме да се туркаме со рацете по рамениците, заканувајќи се еден на друг.

Како што тоа обично се случува, во тој момент се појави наставникот по физичко и нѐ собра во неговиот кабинет, веднаш до фискултурната сала. Од некаде извади два пара боксерски ракавици и ни ги фрли.

„Ако се тепате, барем нека биде спорт“, се сеќавам дека рече.

Јас и другар ми збунето се погледнавме, ги вративме ракавиците и се вративме да го доиграме баскетот. Без никакви натамошни расправии и кавги.

Феноменологија на духот

Целата оваа приказна е наведена како некаков доказ колку јас (не) го почитувам боксот како спорт. Ако веќе некои решиле да се тепаат, нека се тепаат без ракавици. И навистина не знам зошто боксот се нарекува „племенита вештина“. Веројатно поради тоа што кога ќе доживееш класичен нокаут, го имаш истото чувство како да си ја прочитал „Феноменологијата на духот“ на Хегел – збунет си, растроен и мозокот ти е малку поместен.

Скршениот нос доаѓа како бонус.

Се разбира, колку што ми изгледа „машкиот“ бокс како апсурдна „племенита вештина“, уште поапсурдно ми изгледа „женскиот“ бокс.

Сакам да кажам дека сум целосно индиферентен во однос на кое било „постигнување“ во боксот, вклучувајќи ги резултатите на фамозната алжирска боксерка Иман Келиф. Меѓутоа, вревата што се крена околу неа е далеку од боксот и далеку од секој спорт.

Неколку општествени феномени се преклопуваат преку случајот на Келиф, кои, како што тоа сега изгледа, се многу поважни од нејзиниот успех или неуспех на ова натпреварување

Неколку општествени феномени се преклопуваат преку случајот на Келиф, кои, како што тоа сега изгледа, се многу поважни од нејзиниот успех или неуспех на ова натпреварување. Таксативно наброено, станува збор за речиси неверојатно потклекнување на дезинформации, да не кажам колективна психоза врз основа на погрешни премиси (или целосна неинформираност), потоа за „мрзеливост“ на таканаречената јавност (вклучувајќи ги тука и медиумите), па за класична омраза кон и онака невидливите трансродови личности и на крајот (иако не најмалку важно) за ноторна мизогинија.

Значи, првата вест беше дека Алжирката Иман Келиф е трансродова личност, односно дека се родила како маж по пол, па транзитирала кон женскиот пол. Па, се дојде до тоа дека „тепањето жени од мажи“ сега е спорт. И никому воопшто не му падна на ум дека женава доаѓа од една средина (ако сакате: држава) каде што побргу би ја распнале, отколку да ја пуштат некаде да ја претставува нивната земја.

Неверојатната омраза кон трансродовите личности е уште поневеројатна од податокот дека никој, ниту од медиумите, а уште помалку од оние што коментираа по социјалните мрежи (барем според она што јас можев да го проверам) не познава ниту една трансродова личност. Ама тоа не значи дека не треба да ја мрази.

Никој, ете баш никој не го изгугла името на боксерката за да види дека во нејзината кариера во женскиот бокс изгубила речиси половина од борбите. Некои и со нокаут. Веројатно тогаш била помалку „маж“ од денес. (Искрено, јас знам дека е прекрасна навиката да се верува во сѐ што ќе се прочита и дека е прилично напорно да се напише едно име и презиме на Гугл, ама понекогаш се исплаќа. Верувајте ми на зборот). Тоа што никој не ја изгугла боксерката, не спречи никого да не искоментира нешто од типот „Каде отиде светот“.

Да, тука е и „клучниот доказ“ – хромозомите. Наводно боксерката имала машки, односно XY хромозоми и затоа била дисквалификувана од минатогодишното светско првенство во бокс. Затоа што биолошки била маж. Прво, никој никогаш не ги извадил пред јавност резултатите од тие тестови. Сѐ се сведува на изјава на една личност од веќе одамна некредибилната Меѓународна боксерска асоцијација (некредибилна е поради низа коруптивни скандали, кои можеби и нема да добијат соодветна разрешница).

Но, еве, и да имала XY хромозоми. И? Знаењето од осмолетка ни вели дека според нив се распознава полот. Кој има такви е маж, а кој има XX хромозоми е жена. Но, претпоставувам дека не мора човек да биде Никола Тесла за да сфати дека снемало струја. И не мора да бидеме стручни во генетиката за да знаеме дека има низа генетски комбинации. Дека постојат комбинации од типот XXY, или XYY, или само X…

И? Во која фиока ќе ги сместиме тие луѓе? Во мажи или во жени? Меѓународниот олимписки комитет, како впрочем и целото човештво, сака да ја поедностави оваа работа, па полот го одредува според половите органи, односно според она што ни се наоѓа меѓу нозете.

Мизогинија

Не го видов соопштението, ама затоа го видов исмевањето врз наводната изјава на МОК дека на Алжирката во пасошот ѝ пишувало дека е жена и дека тоа за нив било доволно. Јас сфатив што сака МОК да каже, ама не го сфатив исмевањето. Поентата е во тоа, ако ти го признаваат полот во твојата држава (или ако државните институции те признаваат како маж или жена), кој е тој МОК да го проверува тоа. (Мала дигресија: во мојот пасош не пишува ниту дека сум машки, ниту дека сум женски пол. Бидејќи немам пасош, а мојата држава со месеци не ми го издава).

Фитиљот на целава приказна го запали италијанската боксерка Анџела Карини, која се откажа по неполна минута од борбата со Келиф. Рече нешто од типот: никогаш не сум почувствувала таква болка. Како, божем, да мислеше дека боксот е некое романтично милување, а не бескомпромисно тепање.

И тука доаѓаме до мизогинијата. Карини, се чини, на глобалниот плебс многу повеќе му личеше на жена отколку Алжирката. И емпатијата отиде на нејзина страна. Бадијала ѝ беше потоа извинувањето (а, патем речено, никого не ни обвини дека е маж, иако имаше такви алузии).

Париската Олимпијада можеби нема (а можеби и ќе биде) запамтена по некои ептен врвни спортски резултати, ама по едно секако ќе биде. Таа радикално ја отвори војната меѓу две цивилизации

Значи, стасавме до мизогинијата. Иман Келиф повеќе личи на маж отколку на жена. И тоа не му се допаѓа на овој машки свет (во чија креација се вклучени, за жал, и бројни припаднички на женскиот пол).

Но, тоа се само периферните обележја на мизогинијата. Она врз што овој случај може да остави сериозни траги е севкупниот женски спорт. Да, боксот е контактен спорт, ама што се случува во пливањето, во гимнастиката, во атлетиката… дали и колку таму има жени со XY хромозоми? Или во групните спортови: ракометот, фудбалот, одбојката… Како ќе им веруваме дека се жени?

Париската Олимпијада можеби нема (а можеби и ќе биде) запамтена по некои ептен врвни спортски резултати, ама по едно секако ќе биде. Таа радикално ја отвори војната меѓу две цивилизации. Вклучувајќи го тука и нејзиното отворање.

Токму на отворањето таа ја покажа целата демократичност на олимписката идеја, претворајќи го поголемиот дел од Париз во еден вид сцена, достапна за сите консументи, без оглед дали се наоѓаат во некој вид ложа или парцијализираните точки ги гледаат од своите или од нечии балкони. И покажа уште нешто, многу поважно: инклузивност на целата шареноликост на овој свет. Вклучувајќи го тука и настапот на сега веќе сериозно заболената Селин Дион.

Тоа е таа војна: од едната страна се луѓето и општествата со либерален светоглед, а од другата се луѓето што ги претставуваат конзервативните и неоконзервативните сили. Нормално е дека Трамп, Орбан и Маск ќе реагираат на отворањето на Олимписките игри токму затоа што некој нов поредок, не само што ги урива нивните вредности, туку ги загрозува и нивните општествени позиции.

Случајот на Иман Келиф е добар лакмус да се открие што е база, а што киселина.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија