Наративите што ги применува македонската влада во одбивањето на синдикалните барања за пораст на минималната плата, во најмала рака се контрадикторни. Од една страна, се нагласува (релативно) слабата посетеност на синдикалните протести и блокади, користејќи ја оваа круцијална аритметика како клучен доказ дека Сојузот на синдикатите на Македонија нема поддршка во своето членство, дека работниците ја сфаќаат нереалноста на барањата и дека овие протести се маргинални и суштински „празни куршуми.“
Небаре оправданоста на барањата се мери со некакви квантитативни аршини, а не со квалитетот на понудените аргументи.
Од друга страна, водачот на овие протести, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, одеднаш е промовиран во „државен непријател број 1.“ Не можам да кажам преку ноќ, затоа што ноќта сѐ уште трае, ама, ете, сосема ненадејно ги истисна досегашните „дежурни виновници“, Зоран Заев и Венко Филипче, од бројните партиски и собраниски прес-конференции, од вестите на медиумите блиски до власта, од објавите на таканаречените инфлуенсери и партиски ботови по социјалните мрежи и воопшто од целиот овој и онака презагаден јавен простор.
Дури, ете, не во втор, туку во некој таму план, во тој јавен простор е ставена аферата со историски најголемата заплена на марихуана во Македонија и регионот, а особено најглемиот „уловен“ шверц на оваа дрога со македонско потекло во Србија. А можеби тоа и е вистинската намера на черечењето во „ситни цревца“ на ликот на Трендафилов.
Интересен факт како дигресија: на белградски медиуми на оваа тема видов и прочитав повеќе македонски новинари и стручни лица, отколку што ги имаше во македонските.
Ситни цревца
Што е тоа што ја натера власта да ја впрегне целата своја институционална и параинституционална пропагандна машинерија против лидерот на „маргиналните“ протести? Јас немам никаква двојба, кога велам дека тоа е – стравот!
Страв дека ќе се види дека четвртата или која веќе економија во Европа нема пари во буџетот да ги субвенционира придонесите или дел од придонесите на зголемените „минималци.“ Страв дека ќе се покаже дека актуелните политики не можат, не знаат или не се способни да обезбедат минимум достоинствен живот на своите граѓани. Страв дека Трендафилов може да ги симне оние розови диоптери пред очите на јавноста, што власта толку упорно и со многу љубов ги штелуваше. Страв дека некој доволно гласно ќе викне дека царот е гол.
Има само еден начин да се запре замавот на некоја општествено непосакувана идеологија, а тоа е да се овозможи или барем да се работи на обезбедување минимум пристоен живот на сопствените граѓани
Во спротивно, премиерот Христијан Мицкоски не би зборувал за „политички инструирани протести“, туку, на пример, би зборувал за влијанието на растот на платите врз растот на инфлацијата, за опасноста од урамниловка на тие исти плати или барем за нивото на продуктивноста. Наспроти тоа, тој славодобитно ќе објави дека е постигнат „историски договор“ со синдикатите на управата и администрацијата за зголемување на платите на вработените во јавната (државната) администрација.
Прашање, не за милон долари, тука за еден македонски минималец: Дали овој договор не е „политички инструиран“ и зошто е?
За остатокот од работништвото се повторува смешната мантра: „Што ќе се договорат синдикатите и работодавачите, ние ќе прифатиме.“ Велам дека е смешна, затоа што ако се договорат работниците и работодавачите, нема што владата да прифаќа или не прифаќа. Поттекстот на оваа реченица, всушност, е „ние не сме од тука“, односно – не сметајте на поддршка од буџетот.
Зошто е тогаш владата, покрај синдикатите и работодавачите, еден од партнерите во социјалниот дијалог? Да, зошто? Претпоставка е дека е тука поради законската рамка, која би требало да го овозможи тој договор, поради макроекономските политики што ги води и поради социјалниот елемент за кој треба да води грижа. И како тогаш не е заинтересирана за тој социјален дијалог? Е, како, де?
И што, по ѓаволите, значи тоа „политички инструирани протести“ (претпоставувам од опозицијата)? Прво, сѐ е политика и се разбира дека секој протест е политички. И, второ, потсвесно или свесно, премиерот покажува дека ги меша термините „политика“ и „партија.“ Вели „политички“, а мисли „партиски.“
Еве една новост за него: барање услови за достоинствен живот е политика, а не партија. Партијата може да го има ова барање во својата политичка програма, како што впрочем го има и неговата партија, а и сите други партии што егзистираат на македонскиот политички простор. Но, сиромаштијата нема идеолошка боја. Таа постои или не постои.
Од сиромаштијата може да се роди идеологија, и таа може да биде и комунистичка, и социјалистичка, и демохристијанска, но може да биде и националистичка, и фашистичка, и секаква друга што постои на политичкиот спектар. Има само еден начин да се запре замавот на некоја општествено непосакувана идеологија, а тоа е да се овозможи или барем да се работи на обезбедување минимум пристоен живот на сопствените граѓани.
Што направи владата на ова поле, освен што донесе закони за ригорозно, да не кажам драконско казнување на истите тие граѓани?
Видеобрука
Сепак, најеклатантен пример во обидите на дискредитација на Трендафилов е она нелегално снимено видео што го лиферуваше пратеничката Дафина Стојаноска, а на кое се гледа Трендафилов каде што некаде ги развезува своите деца со автомобил, кој е во сопственост на ССМ. И немав намера да трошам зборови за оваа криминална бесрамија, да не беше онаа квазинародна мудрост со која беше проследен оваа видеобрука: „Не го слушајте што зборува, туку гледајте како се однесува…“.
Зошто би гледал како се однесува Слободан Трендафилов? И зошто би ме интересирало тоа? Зошто би гледал како се однесува кој било претседател на која било невладина организација. Напротив. Заинтересиран да слушнам што зборува Трендафилов за да видам со какви аргументи располага. Како што сум заинтересиран да ги слушнам мислењата и на другите чинители на граѓанскиот сектор.
Знае Мицкоски дека „маргиналните“ протести можат да се претворат во сериозна закана за неговата фотелја… Ете, тоа е тој страв од откривањето на царовото ново руво
Значи, Слободан Трендафилов е претседател на едно граѓанско здружение. Додуша масовно, ама сепак – само здружение. Да не кажам невладина организација. А, колку што знам, граѓанските здруженија не се буџетски (државни) организации и според тоа не ги трошат моите пари како даночен обврзник, поточно не одлучуваат за нивната распределба. Со други зборови, ако членовите на ССМ решат дека е потребно претседателот да го вози службениот автомобил и за негови потреби, тоа е нивна, интерна, работа. Моја, секако не е.
Се изначитав безброј цифри со кои се „гаѓа“ платата на Трендафилов. Ту била 1.700 евра, ту 2.300 итн. Иако цифрите изгледаат како да се извадени од нечиј мал мозок, што се однесува до мене, мене ми е сеедно, човекот може да прима и сто илјади евра плата, ако така решил Синдикатот и ако може тоа да го реализира. Барем така ќе го крене нивото на македонската просечна плата, веројатно најниска во регионот. Ќе повторам – не се тоа мои пари.
Но, затоа, и тоа како ме интересира зошто и како се користат државните возила, затоа што се купени со мои пари и јас ги полнам со гориво. И тоа како ме интересира кои се платите на функционерите и пратениците затоа што јас ги плаќам. Ме интересира и зошто е пренатрупана државната и локалната администрација, затоа што се тоа мои пари. Ме интересира што прават со моите пари. И, секако, ме интересира дали се способни да ми обезбедат пристоен живот.
И затоа е сега ова спинување во кое хорски и секаде каде што е можно се застанува во „одбрана“ на пратеничката Дафина Стојаноска. Таа е сега „жртвата.“ Небаре неа некој илегално ја следел, па објавувал видеоматеријали со што и со кого се вози. Таа е навредена, а човекот што е нелегално снимен „нема култура“, што би рекол нашиот премиер.
Но, сево ова го знае власта. Знае Мицкоски дека „маргиналните“ протести можат да се претворат во сериозна закана за неговата фотелја. Знаат дека борбата за правото на достоинство може лесно да еруптира. Ете, тоа е тој страв од откривањето на царовото ново руво.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












