„Македонската историја претставува суверен интерес на Република Македонија, како што историјата на Бугарија е примарен интерес на бугарската држава, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување.“
Првата реченица од овој текст е буквално преземена од медиумските извештаи за, како што се вели таму, реакцијата на „стотина академици, соработници на МАНУ, декани, професори, историчари…“, кои на овој начин (со индигнација) ги отфрлаат препораките на македонско-бугарската историска историја.
Се разбира дека не сум стручен да коментирам ставови, без оглед дали се тоа таканаречените Препораки на Комисијата, или тоа е ставот на „стотина учени“, иако мислам дека човек баш и не мора да биде Едисон за да сфати дека светилката прегорела.
Сакам да кажам дека, иако во реакцијата на академиците, соработниците на МАНУ, професорите и историчарите…, барем според она што го пренесоа медиумите, има уште некои спорни реченици (на пример: Политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки за историја која има мултилатерален и унилатерален карактер, па не може да се официјализира како „заедничка“ бугарско-македонска историја, претставува повреда на референтната парадигма на хуманистичките науки.), онаа од крајот на медиумските извештаи, односно од почетокот на овој текст ми изгледа најпроблематично.
Никој од академската сфера нема да го постави клучното прашање или барем нема да даде конзистентен одговор на него. Тоа прашање гласи: кому и зошто служи историјата?
Со неа, колку што јас можам да разберам, во текст кој наводно се залага за „деполитизација“ на науката, токму се промовира политичко арбитрирање врз научната мисла. Кој, имено, го одредува „суверениот интерес“ на Република Македонија во науката, па макар таа се викала и историја.
И што е тоа „примарен интерес“ на Република Бугарија во историската наука, па нејзе ѝ се дозволува да има право да го реализира својот интерес преку научната мисла? И кои сѐ хуманистички науки „претставуваат суверен интерес“ на една држава? Дали, на пример, филозофијата или етиката е парцијален „примарен“ или „суверен“ интерес на една држава? И дали секоја држава има право да ги толкува научните сознанија во согласност со своите примарни интереси?
Можат да се постават уште безброј прашања и прашалници, ама мислам дека никој од академската сфера нема да го постави клучното прашање или барем нема да даде конзистентен одговор на него. Тоа прашање, колку наивно и да звучи на прв поглед, гласи: Кому и зошто служи историјата?
Хрватскиот историчар Бранимир Јанковиќ во својот текст „Треба ли историјата да му служи на мирот, а историчарите на помирувањето?“, објаснувајќи го феноменот на „историографскиот национализам“, меѓу другото, вели: „Токму односот кон сопствената нација, всушност, е доминантниот облик на политизираност на историјата како дисциплина. Служењето на изградбата на нацијата и легитимирањето на државата е средишен белег на националната и државотворната улога на историјата во 19, 20 и 21 век. Затоа и денес историјата во својот најголем дел е во служба на сопствената нација“.
Јанковиќ забележува дека ваквото третирање создава црно-бела слика на историјата (при што сопствената нација секогаш се гледа како жртва, а никогаш како виновник), со која се инсистира на постојани антагонизми во рамките на релацијата „ние – тие“.
Национално исклучивата или национално доминантната историографија нема одиграно баш светла улога во некои токму историски преломни времиња. Историографијата во оваа смисла се злоупотребува и во актуелната инвазија на Русија врз Украина, во половично замрзнатиот конфликт меѓу Србија и Косово, во југословенските војни, во нацистичката експанзија врз Европа и Африка, па ако сакате и во македонско-грчкиот, а сега и во македонско-бугарскиот конфликт.
Историчарите не се и не би смееле да бидат „национални службеници“ што ги бранат „суверените и примарните интереси“ на сопствената држава, туку општествено ангажирани интелектуалци, отворени кон критичко преиспитување на „забетонираните“ национални историографски догми
Затоа, како што истакнува Јанковиќ, историчарите би требало да развиваат методолошки алтернативи што ќе ги избегнуваат стапиците на историографскиот национализам, методолошкиот национализам и националната парадигма, односно на исклучивиот фокус на историјата на сопствената нација.
Во таа смисла се наведуваат повеќе методолошки алтернативи, од типот на ставање акцент на регионалната и наднационалната историја, како и на компаративната и транснационалната историографија.
Дека улогата на историографијата не е само да го толкува минатото, туку и постојано да ги преиспитува синтетизираните сознанија, односно да биде во функција на денешнината и денешното сфаќање на светот, покажа и големиот проект, инициран од група француски историчари, наречен „Слобода за историјата“ (Liberte pour l’Histoire). Овој мултинационален проект, почнат во 2005, а завршен минатата година, набргу го менува своето име во „Историја за слободата“ (Histoire pour la Liberte).
Со тоа, се разбира, целосно се менува и фокусот на проектот. Од почетната идеја да се расправа за ослободување на историографијата од надворешни (првенствено политички и партиски) влијанија, се поминува на разгледување на потребата историографијата да биде активен чинител во креирањето на сегашноста и иднината. Или, како што би рекол еден од учесниците во проектот, Хуснија Камберовиќ: „Историјата да не служи за мобилизација за војна, туку за мобилизација за мир“.
На крајот на краиштата, бројни се примерите за партиципативно делење на историските искуства и инклузивна соработка во производството на знаењето (шпанската историографија за Шпанската граѓанска војна, историографијата на Јужноафриканската Република за апартхејдот, историската наука на Република Ирска за односите со Велика Британија…). Уште побројни се примерите за заеднички прослави на значајни личности и значајни настани што тангираат една, две, три или повеќе држави.
Затоа историчарите не се и не би смееле да бидат „национални службеници“ што ги бранат „суверените и примарните интереси“ на сопствената држава, туку општествено ангажирани интелектуалци, отворени кон критичко преиспитување на „забетонираните“ национални историографски догми и првенствено насочени кон толкување на минатото во клучот на сегашноста, а во функција на иднината.
Се разбира дека постојат и ќе постојат низа отворени прашања на оваа тема. Тоа, конечно, го потврдува и реакцијата на „стотината академици…“. И се разбира дека ќе помине извесно време додека се сфати дека „нашата кауза“ не е „одбрана на идентитетот“, туку надградба на сопствениот идентитет. И дека никакви идентитетски дефицити не создава препораката дека извесни две балкански држави заеднички ќе прославуваат значајни личности од својата средновековна историја.
Меѓутоа, додека не го пронајдеме методолошкиот клуч што ќе ни овозможи да ги реализираме сопствените цели, не нарушувајќи ги притоа автономните принципи на науката, па и на историографијата, време е да почнеме да чукаме на таа врата.
Да го реализираме и ние тој проект: „Историчари за иднината“!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија