Таква загриженост има и во македонското општество. Но, за волја на вистината, Борисов во случајов прескокнува еден друг важен факт – загриженоста во македонското општество од Декларацијата на бугарскиот парламент.
Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија се двете страни на една иста медалја, наречена „македонска виза“ за почеток на преговoри со Европската Унија.
Беа направени крупни исчекори од македонска страна, со цел земјата да излезе од досегашното статус кво, или поточно, да го запре назадувањето и оддалечувањетo од ЕУ. Беа проголтани многу горчливи кнедли во интерес на перспективата на земјата.
Воопшто не ја оспорувам улогата на Борисов во поддршката за Северна Македонија на нејзиниот интеграциски пат во времето кога се калеа тие крупни договори. Таа беше отворена и огромна, но имам впечаток дека, како што поминува времето, така бугарските власти се на добар пат оваа надежна приказна да ја осудат на крај идентичен на приказната за кравата што дала многу млеко, ама на крајот го клоцнала котлето.
Она што Бугарите не го разбираат е дека има разлика во доживувањето на обврските од двата договора. Во рангирањето на „надворешните непријатели“, соседна Грција три децении ја држеше улогата на своевиден „архинепријател“, токму поради наметнатиот спор за името, јазикот идентитетот.
Брзањето е лош советник. Ваквиот притисок остава впечаток дека сѐ зависи од Комисијата, а какво ли е тоа добрососедство ако зависи од десетина историчари?
Познато е како и колку тоа резултираше со популистичко хомогенизирање на редовите за одговор со тотална антикоманија, како наводен штит за одбрана на македонскиот јазик и идентитет. Колку штета направи таа авантура делумно знаеме. Целосниот биланс не е пресметан.
За разлика од Грција, во очите на македонската јавност, Бугарија никогаш не била перцепирана на таков начин. Колку и да имало антипропаганди од едната и од другата страна, тие никогаш не биле пресудни за односите меѓу граѓаните во двете земји – и поради малите јазични бариери, но и поради личностите и настаните што се дел од заедничката историја на овие простори.
Тие, наместо да бидат мост за поголемо разбирање, станаа антипод на сето тоа. А како ќе се унапредуваат односите, ако над нив како Дамоклов меч висат условите предвидени во бугарската Декларација? Огромно е разочарувањето во земјава од тоа четиво.
Прво, се наметна впечатокот дека здравјето и напредокот на добрососедските односи ќе зависат и ќе се мерат исклучиво од работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, која се пече на врела рингла бидејќи Софија инсистира што побргу да се затворат спорните прашања.
Брзањето е лош советник. Ваквиот притисок остава впечаток дека сѐ зависи од Комисијата, а какво ли е тоа добрососедство ако зависи од десетина историчари? Дури и тие да се супермени, можат ли на свој грб да ја носат одговорноста за реализацијата на Договорот во неговиот „најполитички“ дел? Сигурно дека тоа е преголем товар.
Не се сомневам дека во минатиот век нашата историја доживеала одредени политички интервенции, и не само во контекст на прашањата што сега ги исправаме со Бугарија. За тоа сведочи и фактот што во нашите учебници не влегоа многу значајни македонски личности (кои не се дел од заедничкиот корпус со Бугарија), само затоа што биле проскрибирани во комунистичкиот период.
Сепак, тоа не ѝ дава за право на Бугарија да тврди дека еден дел од нашата историја е препишан од бугарската, и дека нивната историја е стопроцентна вистина. Па, и самите тие димензионираат или минимизираат одредени периоди од нивната историја поради настани што ги сметаат штетни за нивната кауза, како на пример одлуката за пренесување на посмртните останки на Делчев во Скопје.
Нивната оперативна моќ за толкување на историските прашања сега се потпира на политичка патерица – дека Бугарија како членка на ЕУ има можност да нѐ блокира ако не се согласиме со нејзините историски верзии. Ако презентирањето на заедничкиот дел од историјата, на пример, води кон услов – или да се согласиме дека Гоце Делчев били Бугарин, или Македонија ќе биде блокирана на патот до ЕУ, тоа не е начин на кој се разговара и се гради пријателство.
Под уцени никој не сака да разговара. Во таков случај Софија може да биде сигурна дека гласот на граѓаните овде ќе биде: благодариме за „поддршката“ во ЕУ, но не преку грбот на Гоце. Не само поради невидениот притисок веднаш и сега да се утврди „личната карта“ на Делчев, туку затоа што таквиот вид комуникација ниту е европски, ниту јазик на 21 век, ниту начин на кој се градат мостови.
Колку за илустрација – од 1 август 2017 година, кога е потпишан Договорот со Бугарија, до денес, на националните телевизии не сме слушнале ниту една бугарска песна, ТВ-серија, филм, гостување на уметници, спортисти од Бугарија, размена на студенти, училишни групи. Нема никаква видлива фреквентност на тој план ни во Бугарија. Целиот термин е посветен на „македонцките работи“ низ призма на Комисијата, историчари, академици, политичари…
И нормално е луѓето во таква ситуација да се прашаат – добро, на кого му служи Договорот – на властите или на граѓаните на двете земји? Тие што ја кројат политиката и списокот со услови мора да знаат дека табуата и пропагандите ниту се уриваат преку ноќ, ниту преку услови. Потребно е време, созревање и комуникација. Борисов знае дека и патот до пеколот е поплочен со добри намери.
Но, изгледа дека не е свесен оти Декларацијата на бугарскиот парламент најдиректно ја оттурнува Северна Македонија од добрите односи со Бугарија и ѝ го отежнува патот кон ЕУ, а како „природен избор“ ѝ го остава Малиот Шенген, во кој многу политички центри препознаа реминисценција на некогашната Југославија, овојпат персонифицирана преку нејзиниот некогашен административен центар – Белград.
Ако во „балканцките работи“, историјата се повтори како фарса, Бугарија ќе може да се пофали со своја голема инвестиција. Да не биде после – не знаевме, не сакавме
Софија не го гледа ли тоа? А потоа ќе читаме во Декларацијата дека „препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“. А кон што води оваа Декларација? Очигледноста е недвосмислена и според импликациите, и според пораката што ја упатува до македонските граѓани: бугарските услови ја туркаат Северна Македонија во затворен геополитички атар со Србија.
Ако историјата се повтори како фарса, Софија ќе мора да ги прими честитките и заслугите за тоа. Бугарија сега ја има сета шанса за испишување нова историја во регионот. Нејзините лидери треба да објаснат зошто не го прават тоа, туку преку условено преиспитување на минатото им даваат нов легитимитет на политиките што самите ги сметаат за главни платформи за антибугарската пропаганда во минатото.
А што да прават македонските граѓаните во ваква ситуација? По комисиските епизоди – чиј е Гоце, дали е Македонец според територијален или идентитетски принцип, со какво млеко бил доен, и кој му плетел чорапи, на крајот, кога ќе им пукне филмот на овдешните браќа од „најромантичниот дел на бугарската историја“, може да соопштат една сосема куса вест: „Братја Блгари, мерси за всичко досега. Ние заминаваме за Малкија Шенген. Вие држте си Европејскија сојуз при вас, а ние ште задржим Гоце Делчев при нас. Всичко најдобро. Целувки“.
И додека се караме за Гоце, светот ќе ни го претвораат во поле за „културен натпревар“ разни Цеци, Брени и други изданоци на фолк и игри за народот. А Бугарите и натаму ќе се чудат на експанзија на српска музика, филмови, книги, на парадигматичната баналност на неменувањето на состојбите. Нема зошто да се чудат.
Ако во „балканцките работи“, историјата се повтори како фарса, Бугарија ќе може да се пофали со своја голема инвестиција. Да не биде после – не знаевме, не сакавме. Има шанса да се поправат работите. Без брзање, без услови, со такт, трпение и разбирање. Така прават пријатели. Ако се искрени.