Како лего-коцки се редат стравувањата дека Македонија е на добар пат да го изгуби својот идентитет, што заради Договорот со Бугарија, што заради евентуален компромис за името со Грција, а на крајот – и да го загрози статусот на македонскиот јазик со Зaконот за употреба на јазиците, кој според критичарите, фаворизира само еден од малцинските јазици во земјава – албанскиот.
Реални или ирационални стравови? Правни, политички или политикантски дилеми?
Нема да потсетувам дека никој од нас не стана „Југословен“, затоа што повеќе од една деценија на земјава и е наметната грдата привремена референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Ниту името Македонија не згасна во комуникацијата со земјите што не признаа под уставното име. Дури и да биде постигнато решение кое со географска одредница ќе ја прави разликата меѓу нашата држава и северниот регион на јужниот сосед, тоа никако не може да го загрози нашиот идентитет. Само уште посилно ќе го потенцира потегот изнуден од специфичните регионални и интеграциски контексти, кои на тест ја ставаат нашата демократска и добрососдеска зрелост. Нашиот идентитет е армиран и не зависи од решенија кои служат за гаснење туѓи стравови од наш, наводен, иредентизам.
И како да е малку тоа ирационално искушение, на сцената имаме нов проблем. Идентично на стравот од наш иредентизам кој на билатерален план го рефлектира Грција (а кој беше оспорен со пресуда од Меѓународниот суд на правдата), сега вo Македонија оживува таков страв на внатрешен план – во однос на проширената употреба на албанскиот јазик.
Она што во моментов е потребно, е одвојување на каколот од житото, во смисла, дали политичката/коалициска логика је прегазила правната/уставната, не со лоша намера, но сепак со лош производ токму во име на добрата намера? Во случајов и критиката и молкот зборуваат доволно
Ваквите стравови, колку што се рефлектираат од дел од законските одредби, толку повеќе откриваат нешто попоразително – недостиг на доверба. А таа за жал, не може да се регулира со закон. Или ја има, или ја нема. Или се зголемува или ја еродираме однатре. Ако резултатот зависи од „двете страни“, тоа само по себе укажува на некаков превид, бидејќи Македонија не е двонационална, туку мултиетничка држава. А, ако тој превид се вгради во закон, дефектот ќе се интитуционализира и ќе предизвикува пречки во практиката, но ќе ја компромитира и легислативата како спротивна на одредбите од највисокиот правен акт.
На ниво на идентификација, принципите се јасни во секоја модерна уставна демократија: универзални еднакви слободи, владеење на правото, еднаквост, човечко достоинство… Дали Законот за употреба на јазиците го нуди тоа, или инсталира еден вид „привремена спогодба“ со употребна вредност повеќе за коалициски, отколку за јазични потреби? Тоа е прашањето на кое правни и јазични експерти бараат јасен одговор и нудат контра-аргументи. Она што во моментов е потребно, е одвојување на каколот од житото, во смисла, дали политичката/коалициска логика је прегазила правната/уставната, не со лоша намера, но сепак со лош производ токму во име на добрата намера? Во случајов и критиката и молкот зборуваат доволно.
Притоа, и јазикот на критиката мора да биде ослободен од етнички стереотипи за голема згроза, превласт и т.н., за да не останат правните и јазични аргументи изгубени во етноцентрични и националистички преводи. Во аргументацијата за лошите страни на законот на граѓаните треба да им биде понудени експертски, а не екстремни ставови. Притоа едно мора да биде јасно: големите демократски цели не се постигнуваат со набрзина носење закони, кои во себе го немаат потребниот и реален реформски капацитет, особено ако не се во „коалиција“ ни со правниот аргумент.
Идентично на стравот од наш иредентизам кој на билатерален план го рефлектира Грција , сега вo Македонија оживува таков страв на внатрешен план – во однос на проширената употреба на албанскиот јазик
Во таков случај, и најдобрите намери може да ја одведат земјата далеку од посакуваната цел. Веројатно некаде таму, каде што своевремено (пред 70-тина години) заскита Бенџамин Ли Ворф (Benjamin Lee Whorf) со неговата „научна“ аргументација дека ако во јазикот не постои збор за некој концепт, говорникот нема да биде во состојба да го разбере тој концепт. Во превод, ако во јазикот не постои идно време, говорникот не ќе може да создаде претстава за идното време, за иднината.
Се плашам дека наспроти намерите за подобра иднина (од аспект на јазичните и човекови права), во овој закон со некаква Ворфова „логика“ е деинсталирано токму идното време, па сега разни сеништа на минатото оживуваат преку негови одредени одредби. Тоа го прави компликуван, позамрсен, и подготвен поцврсто да ги институционализира незаконитостите, отколку јазичните права на етничките заедници.
Во реформска година, Македонија не смее да си дозволи никакви, а камоли поголеми пропусти во спроведувањето на реформскиот курс. Ако се замижи пред законска дупка ваму, дупка таму, целиот амбиент подготвен за промени може да заличи на голема отворена јама во која несреќно ќе настрадаат и ќе бидат погребани првичните добри намери. Потоа секој може да не дисквалификува како неподготвени за големи чекори во согласност со владеењето на правото, нешто слично како што Трамп се изрази за Хаити и делови од Африка – „тие земји се по…ни дупки“.
На крајот, и не е важно како другите гледаат на нас, ако ние самите внатре сме сигурни дека не сме дупка и дека сме на вистинскиот пат. А тоа чувство ќе го имаме ако ниеден индивидуален или колективен актер заштитата на човекови права не ја реализира преку игнорирање или свое толкување на уставни одредби, што на крајот завршува со отфрлање на заеднички, наднационални принципи, но пред се, на правната држава.
Ако по усвоениот закон, инсталираме едно „ќе“ во смисла на обезбедување квалитативно добар, и во согласност со Уставот – закон, тогаш јазиците на кои ќе зборуваме за иднината, еднаквоста и правната држава, навистина нема да се разликуваат.