Како беседеше Горан

Овој мој и ваш простор, денеска ќе му го отстапам нему. Не дека немам што да кажам. Не дека и тој не кажал доволно или немал можност да го стори тоа. Напротив, кажал и напишал многу повеќе од што може да се каже и да се напише за еден човечки живот. Ако земе човек да ја препрочитува неговата раскошна творечка ризница, не ќе знае што попрво да издвои.

Вчера го одбележавме неговиот роденден, и во Скопје, и во неговата родна Битола. И повторно се уверивме во лажната вест за неговото „заминување“, имајќи предвид со колкав жар и натаму секојдневно ни се обраќа низ театрите, книгите, беседите…

Не знам дали имал некоја надреална моќ толку прецизно да ги антиципира состојбите и филигрански вешто да ги отслика со зборовите или, пак, ние сме биле многу големи мајстори во одржувањето една статичност што тој одлично ја испортретирал? Секој нека оцени.

Од почит кон неговото дело, но и поради фрапантната актуелност на она што тој го беседеше пред 19 години, а кое и денес со ист интензитет сведочи за нашите предизвици, дилеми, болки, стравови и состојби, сакам да се потсетиме на дел од пристапната беседа на Горан Стефановски во МАНУ, насловена „За нашата приказна“: 

„Доста веќе за болеста! Сите ja знаеме, сите сме сити од дијагнозите. Постојано ja чепкаме и отвораме раната. Тешко ja поднесуваме болеста затоа што знаеме што е здравје, затоа што сме горди и затоа што копнееме да најдеме иљач.

Еве некои од состојките на нашата приказна на кои сум јас длабоко горд. Горд сум на нашиот жив принцип на парадоксалност: антилогика, не како ирационалност, туку како принцип на живот. Слобода на итарпејовска јуродивост, итрина, снаодливост. Слобода на глупоста. Обратност на перспективата. Свест дека животот не може да се сфати со ум, ниту може рационално да се исцрпи неговата смисла.

Горд сум на нашите ритуали на живеење. Фамилија, прочка, слава, амкање со јајца, прегрнување, отворена емоционалност, прифаќање, помирувачка моќ, игривост, телесност, тактилност, затворање очи на песни, зурли и тапани, сарма, лубеница, пинџур и бурек, внатрешни лавиринти на заедништво и кругови на љубов, некаква постојана детска радост и возбуда околу мали нешта.

Горд сум на светата строгост и сведеност на нашите икони и фрески. Кај и да чепнеш палимпсести на раскошен дух, ризници на заумна уметничка артикулација. Божествена патина. Горд сум на нашата сериозна историја на паметење, питомост и кроткост и почит за различноста, Талмуд школи во Скопје и Битола, мудрост на соживот, извесна историска резигнација и зрелост, увид дека животот е сериозна појава, дека има смисла да се зборува само за метафизика, само за смислата сама.

Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот. Знам дека ме има според нападите со кои работат да ме снема. Знам дека сум, според упорноста со која се трудат да не сум. Мојата жилавост излегува од аванот во кој ме толчат и од тиганот во кој се крчкам. Токму тој аван и тој тиган се моите места на моќ.

Се разбира, овие македонцки работи се меч со две острици, термините што ги употребувам се контаминирани, можат да налеат масло на оган. Страста што ja имаме е и отров и храна, може да ни го стопли домот и да ни ja запали куќата, погонско гориво и за љубов и за омраза. Нашите најдобри особини лесно знаат да ни го свртат грбот и да работат против нас. Но, во нашите проблеми се нашите решенија. Дедо Цепенко нѐ учи: Кај што паѓа чоек, таму и станува.

Лани славевме стогодишнина од Илинден. Илинден и Крушевската република се една од нашите најголеми приказни. Тие се нашата мета нарација. Зошто оваа приказна така жилаво опстојува и нѐ опседнува? Несомнено затоа што нѐ уверува дека, иако сме мали, можеме да кренеме глава, да пуштиме глас, да избориме право на своја историска судбина. Со еден збор, дека сакаме да нѐ има, дека имаме волја за себе самите.

До пред десетина години, Македонија беше во Источна Европа. Значи, како-така, сепак во Европа. Но, таа приказна се распадна и Источна Европа веќе не постои. Ние се најдовме само на Балканот, и тоа во неговиот западен дел, некако поттурнати во третиот свет, не само некомплементарни на Европа, туку и некако спротивставени со неа, како ориентален приврзок, како темно огледало на кое таа ги проектира своите стравови. Тоа е нова, грда и опасна страница во приказната.

И како сега да се мислиме себеси? Како одново да се европеизираме, кога Европа се пази да не се балканизира? Како да се видиме, да се измериме, да поставиме дијагноза, да го наместиме нишанот? Водиме тешка и исцрпувачка дебата по овие прашања. Едни велат – исклучиво Европа е виновна за нашата положба, треба да ѝ се сврти грб на таа блудница, можеме без нејзината отуѓеност и јаловост, ние сме во однос на неа органичност, потенција и спонтаност.

Други велат – исклучиво ние сме виновни за cè, треба да си свртиме грб на самите себеси, да ѝ бакнеме рака на Европа, да ѝ појдеме во прегратка со првиот авион, со карта во еден правец, само подалеку од овој хаос, анархија и насилство, во однос на кој таа е ред, богатство и чистота.

И двете позиции се инфериорни. И само го потхрануваат европското егзотично клише за нас. Во првата приказна ние сме наакани самобендисани бабаити, а во втората лигави некритични епигони. Двете приказни меѓусебно се исклучуваат – нудат или cè или ништо, или пекол или paj и ништо помеѓу – никаков овоземски живот. Тие се малодушни и се темелат на негативна идентификација – не знам точно кој сум, но точно знам кој не сакам да бидам.

Тие приказни се мрзливи и пасивни, избегнуваат анализа, работа и одговорност и мелодрамски тврдат дека заслужуваме повеќе. Но, во политиката, како и во бизнисот, не го добиваш она што сметаш дека си го заслужил, туку она што ќе успееш да го избориш, да го испазариш, да го договориш.

Демократијата е постојано и стрпливо пазарење со оние што не мислат исто како тебе, со оние со кои си објективно спротивставен. Демократијата е преговор, прилагодување, компромис, нешто што му е туѓо на чаршискиот, инаетчиски, тврдоглав и фиксиран поглед на светот. Оној поглед кој мери ѓутуре, не признава никаква поединечност, оперира како затворен вилает, кој порадо ќе ги прифати историјата и политиката како судбина и елементарна непогода, отколку како работна обврска и граѓанска должност.

Ни треба макотрпна работа за да ja утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, волја и ум, на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет. Пред сто години, илинденските херои својата волја за држава ja потврдија со својата автентична и убедлива смрт. Ние денес, нашата волја за оваа држава, мора да ja потврдиме со нашиот автентичен и убедлив живот. Нивната победа беше во нивниот пораз. Нашата победа мора да биде – во нашата победа!“

(Горан Стефановски, 17 декември, 2004 година)

 

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија