На почетокот два ефемерни факта. Првиот е: живеам во „Скопјанка“, Општина Аеродром, Скопје. А вториот е дека медиумите пред некој ден имаа „директен пренос“ од „вооружен грабеж“ спроти „Скопјанка“, дека таму има бројни вооружени полициски сили, со панцири, специјалци итн. Па, дури и дека напаѓачите носат „хируршки маски“.
Сите медиуми што ја пренесоа оваа вест (а беа барем десетина) без исклучок информираа дека грабежот се одвива „во моментот“. Телевизијата со национална фреквенција Сител, на својот сајт објави баш драматичен наслов: „Драма во Аеродром: Вооружен грабеж кај Скопјанка“. Друга телевизија со национална фреквенција, Телма се задржа само на квалификацијата на делото: „Голем грабеж во скопски Аеродром“. Насловите на другите портали беа исто толку, а често и подраматични и поспектакуларни.
Како жител на „Скопјанка“, а богами и како човек кому му проработе некогашниот новинарски инстинкт се упатив „на лице место“ да ја гледам големата полициска акција во живо. Грев е, нели, да следам што се случува преку порталите кога сум веќе тука. И… си купив симит погача од блиската пекарница! Немаше ни „п“ од полиција, а само еден прилично возрасен човек носеше маска и никако не изгледаше како вооружен крадец, туку како човек кој, со оглед на неговите години, се грижи за својата здравствена состојба.
Човек би рекол, ништо особено. Само уште една лажна вест во морето други. И како и да звучи, таа евентуално може да предизвика само краткотрајна паника, и тоа само кај мал и ограничен број луѓе.
Јас го разбирам „ловот“ по „кликови“ и „лајкови“ и императивот на брзо реагирање, но дефинитивно не го разбирам омаловажувањето на крајниот консумент на информацијата – читателот или гледачот
Иако не сум склон да ги потценувам и овие „скромни“ ефекти на лажната „црна хроника“, сепак мојата поента е на нешто сосема друго. Прво, на изворот на информацијата. Фактор.мк, порталот кого најчесто го цитираа оние што ја пренесоа веста, се повикува на – читатели! Демек, читателите им јавиле. И уште пласираат фотографија што им ја испратил читател со која се докажува „бројното присуство“ на полицијата. На фотографијата може да се види едно полициско возило, за кое дури не може да се установи дали е паркирано или е во движење! Полициското возило е очигледно фотографирано од друго возило што стои на семафорите на истата раскрсница (која не е ниту затворена за сообраќај)! И, второ, некритичкото преземање од страна на други портали на што и да е кога еден портал ќе објави информација. Без каква и да е верификација или проверка.
Веројатно ќе бидам окарактеризиран како старомоден и неприлагоден на новото време, ама од времето кога јас ја учев новинарската школа, значи пред четири и кусур децении, запомнив една реченица, златното правило на новинарството, која, претпоставувам, во вакви прилики сум ја напишал или изговорил илјада пати и која сум подготвен, според потребите, да ја напишам уште толку или повеќе пати. Тоа правило отприлика гласи: „Ако мајка ти ти каже дека те сака, тогаш мораш да пронајдеш два независни извори што ќе ја потврдат таа информација“!
Поентата, се разбира, е дека не можеш и не смееш да имаш доверба само во еден извор, особено ако тој не е кредибилен, неофицијален, анонимен или на некој начин компромитиран.
Јас навистина не знам каква новинарска школа учеле или учат моите сегашни колеги, ама читател може да биде само поттик за проверка на некоја информација, никако не може да биде главниот извор. Исто така, објавата на некоја вест во некој медиум може да биде само почеток на надградба на сторијата, никако некритичко копи/пејст преземање.
Намерно се тука споменати телевизиите со национална фреквенција, затоа што нивната информативна, професионална, општествена, политичка, па ако сакате и финансиска положба е поинаква од оние човек-портал медиуми, што значи дека нивниот професионален погон и кредибилитетот врз кој добиле национална фреквенција мора да ги обврзе на минимум професионалност, па макар станувало збор за една обична вест пренесена на нивните сајтови.
Кога како општество јавниот простор и неговото загадување воопшто не ве интересира и не можете да очекувате ништо друго, туку неедуцирана и целосно затапена јавност
Јас го разбирам „ловот“ по „кликови“ и „лајкови“ и императивот на брзо реагирање, но дефинитивно не го разбирам омаловажувањето на крајниот консумент на информацијата – читателот или гледачот. Вака излегува дека информативните содржини не се наменети за крајниот корисник, туку за адвертајзингот, односно за статистики на отворања, кои натаму се презентираат на рекламерите.
Можеби на кус рок, ваквата политика ќе даде некакви резултати, но општествените последици можат да бидат несогледливи. И тие не се однесуваат само на општата недоверба на јавноста кон медиумите, туку на формирањето една информирана, квалификувана јавност.
Велам дека овој текст е пишуван во добра волја. И јас можам да ја прифатам аргументацијата дека од мушичка правам слон. Меѓутоа резултатите од тој рој мушички можевме да ги видиме токму деновиве преку истражувањето што го направи Институтот за социолошки и правно-политички истражувања за Европското општествено истражување (European Social Survey).
Во конкуренција на 24 опфатени држави, Македонија е прва или последна, како се земе, во омразата кон странците, кон луѓето од ЛГБТ заедницата, со патријархални ставови кон жената, авторитарни кон децата, најмногу верува во теориите на заговор, има ниска доверба кон науката, не верува дека човечкиот фактор ги предизвикува климатските промени, верува дека со светот владее мала тајна група луѓе, дека корона вирусот е намерно предизвикан…
Каква врска има лажниот грабеж со општата необразованост во која живееме? Огромна!
Кога создавате јавност врз лажни вести, кога воспитувате генерации врз риалити шоуа и телевизиски сапуници со ниски вредносни квалитети, кога како општество јавниот простор и неговото загадување воопшто не ве интересира и не можете да очекувате ништо друго, туку конзервативна (во најлошата смисла на зборот), неедуцирана и целосно затапена јавност.
Јавниот простор напросто е целосно загаден. Ама тоа е само уште еден ефемерен факт.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија