Нема оскудација

Платите на избраните и именувани лица се разбудија од хибернација и највисоките меѓу нив веќе се ближат кон сумата што ја зема менаџер на бар на хрватска плажа или помошник готвач. Сѐ уште се далеку од плата на главен готвач, ама и тоа ќе биде еден ден.

Никој толку бргу како Уставниот суд, не го врати на јавна сцена финансиското достоинство на нашите функционери, со укинување две спорни одредби. А се сеќавате кога Груби се пожали: „Мојата плата е 70.000 денари. Во животот не сум работел за помала плата, кога сум работел во приватниот сектор, и ова ми е најмалата плата откако сум во политиката“.

Сега сѐ ќе си дојде на свое место. Очигледно, нема оскудација. Македонија не смее да си дозволи слабо платени функционери. Кога ќе се прави споредба на платите во регионот, лошо е земјава да биде на последното место според премиерската, министерските, градоначалничките и директорските плати. За имиџот се работи.

Со ваква политика не им се помага на сиромашните. Ваквата политика ги создава и сиромашните, и големите разлики во приходите во едно општество

Прашајте политичар од што повеќе се срами – од последното место според платата, или од последното место на македонскиот БДП. За второво уво не ги боли, а првото го доживуваат како „земјо отвори се, голтни ме“.

Шефот на државата смета дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите што се исплаќаат од државниот буџет. Ние сме во економска криза во изминативе три децении, а најневкусно е што реакциите се јавуваат дури откако во медиумите излегоа пресметки колку ќе изнесуваат зголемените плати.

А немаше никаква реакција кога Уставниот суд на 21 март (пред 10 дена) ги укина двете одредби поради двојство во уредувањето на прашањето за основицата на платата на избраните и именуваните лица. Можеби функционерите си мислеа дека ќе помине нечујно, бидејќи кај нас генерално е така, или во стилот – секое чудо за три дена.

Претседателот ја повика владата да предложи законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите. Ајде да го видиме и тоа.

Кај нас, чуда обично не се случуваат. А многу непријатно е кога во ист период ќе се вкрстат чудни податоци. Зборуваме за плати што ќе стигнат околу 2.000 евра (на политичкиот врв и повисоки од тоа), истовремено се фалиме за покачување плати за медицински работници за околу 3.000 и 2.000 денари, и за ќар од замрзнување на цени на продукти за четири, пет и десет денари.

Со ваква политика не им се помага на сиромашните. Ваквата политика ги создава и сиромашните, и големите разлики во приходите во едно општество. „Вие нѐ зафркавате? “, реторички прашува наставничка. Сигурно нема да кажат – „да, ве зафркаваме “, додека го гојат „прасето“ за следните избори. Очекувано е да речат – максимално се грижиме за стандардот, ги штитиме граѓаните и домашниот пазар со замрзнати цени на продукти.

И сега, кога е јасно на кои позиции и петлите несат XXL- јајца, уште повеќе ќе се вжешти битката за освојување и задржување на власта, сосе сите можности за пазарења, договарања итн. Одеднаш има пари за зголемени функционерски плати, како што имаше постојано за мебел и возила и дрес, а немаше навреме за учебници, за подобар студентски оброк, за лекови на клиниките, за лекови за ретките болести, за реновирање паднати кровови во училишта, за развој на талентирани деца, за наука, за истражувања, за ученички превоз, за нови автобуси, за пожарникарски и амбулантни возила.

Кога нема пари, нема пари. Секој исклучок ја урива довербата, ги брка граѓаните кон разни недојдии. И со задоволство заминуваат, за да не бидат предмет на постојано потценување.

Прашајте политичар од што повеќе се срами – од последното место според платата, или од последното место на македонскиот БДП. За второво уво не ги боли

Многу политичари се фатени во лага, а малку во вистина. Ќе нема политички амбициозна личност што ќе пропушти овие денови божем да се сензибилизира со реакциите на граѓаните, што тие оправдано ќе го доживуваат како чин кога по којзнае кој пат некој јавно ги прави будали.

Тие појави се битни за да се анализира поимањето на целите и суштината на власта и моќта. Македонските граѓани, по природа, се широкогради, и самите радо би предложиле за некого и десеткратно поголема плата, ако навистина ја оправдува довербата што му е дадена.

Но, кога разни бадијалџии, недораснати за позициите, кои ништо не разбираат од работата, ниту се трудат да разберат, ама експресно ги совладуваат дострелите на моќта и привилегиите што им ги носи позицијата, тогаш – нормално е на граѓаните да им пукне филмот.

Навредиво е луѓето да обиколуваат маркети за да купат поевтино за два-три денари и за тоа со денови да се труби како за врвно достигнување на власта, а во исто време од буџетската каса да тргне вистинска „поплава“ од пари кон приходните сметки на функционерите. И покрај тоа што сме навиканти на вакви и слични итроштини, ова е малку премногу во нашиот мал циркуски шатор.

Таму, счучурени пред новиот спектакл за ЕУ, сѐ уште чекаме одговори со чија помош се копал затворски тунел, како се испреплетени мрежите за трговија со дрога, како застареа некои судски предмети, како се враќаме назад, таму каде што требаше да тргнеме напред.

И сега многу добро ќе се види дали по прашањето на парите има разлика на политичката оска. Односно, дека доминантната идеологија содржи малку концепти, ама многу нули – и парични, и функционерски.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија