Таман кога човек ќе посака малку да се одмори од политичките и да се зафати со некои поблагородни теми, на пример со литературата, ќе налета – на политика. Се разбира, станува збор за Нобеловата награда за литература, која годинава за првпат се додели на двајца автори (едната е за минатата година, кога, поради извесни секс-скандали на еден од членовите на Комитетот за доделување на оваа награда, таа воопшто не беше доделена).
За волја на вистината, ретки се моментите кога ова најпрестижно светско литературно признание не било дочекано, ако не на нож, тогаш барем со бурни полемики и дебати. И секогаш зачинето со мирудии од богатиот политички арсенал. Добро, кај нас можеби и не допираа премногу гласно овие расправи, ама што, пак, од светските дебати до нас воопшто стасува?
Сепак, на извесен начин како да се привикнавме дека добрата литература, па дури и уметноста воопшто, им припаѓа на творците што во своите јавни настапи инклинираат кон политичката левица, годинава Нобеловиот комитет направи некаков (дис)баланс, давајќи ја оваа награда на двајца автори што се наоѓаат на спротивните страни од политичкиот спектар.
Значи, лауреати на наградата се полската авторка Олга Токарчук (за 2018 година) и австрискиот или подобро речено средноевропскиот писател Петер Хандке (за 2019 година).
За јавноста, политичкиот ангажман на Токарчук, не само што е прифатлив, туку е и позитивна надградба на нејзиното дело, додека истиот тој ангажман за Хандке е недозволив, па дури и ужасен минус за Нобеловата награда
Ако ја прифатиме тезата дека делото на двајцата автори е неспорно (иако во светскиот печат можеа да се прочитаат и спротивни мислења, особено за книжевниот опус на Хандке), првото што паѓа в очи е поздравувањето на Нобеловата награда за Токарчук, најчесто низ призмата на нејзиниот критички став кон полскиот национализам.
Од друга страна, извештаите за Хандке веднаш почнуваат со констатацијата дека делото и естетиката мораат да се гледаат одвоено од политичкиот ангажман. Во најблагите форми, тоа отприлика изгледа вака: „Делото на Хандке е големо, ама…“.
Со други зборови, за јавноста, политичкиот ангажман на Токарчук, не само што е прифатлив, туку е и пожелен, дури и позитивна надградба на нејзиното дело, додека истиот тој ангажман за Хандке е хендикеп, недозволив, па дури и ужасен минус за Нобеловиот комитет, кој се осмелил да го овенча со ова признание.
Или да резимираме: делото на Олга Токарчук е неодвоиво од нејзиниот општествен ангажман, додека општествениот ангажман на Хандке мораме да го двоиме од неговото дело. И повторно доаѓаме до вечната дилема на современите проценувачи на уметноста околу односот на моралниот лик на авторот и неговото дело.
Сведоци сме како пропаѓаат блескави кариери (не само во Холивуд, иако тие случаи ни се најпознати) поради светската акција против насилство и злоупотреба на жените, наречена „MeToo“. На крајот на краиштата, жртва на оваа акција беше и Нобеловиот комитет, кој поради компромитацијата што ја доживеа еден нејзин член, лани не ја додели оваа награда.
Дилемите околу антисемитските ставови и поддршката на фашизмот од страна на еден од најголемите писатели на минатиот век, Селин, уште траат. Истото важи и за Езра Паунд. Нобеловецот Иво Андриќ е еден од творците на Тројниот пакт, со кои Кралството Југославија се приклучи на фашистичкиот сојуз на 25 март 1941 година. Нобеловецот Гинтер Грас е ранет како војник на Хитлеровата војска. Примери има уште многу. На крајот на краиштата, кој знае какво било моралното поведение на еден Хомер, на пример?
Контроверзиите околу Хандке излегуваат на виделина во времето на југословенските војни и неговата отворена поддршка на режимот и политиката на Слободан Милошевиќ. Хандке во медиумите зазеде поголем простор во почетокот на 1996 година, со неговата книга „Едно зимско патување кон реките Дунав, Сава, Морава и Драва или Правда за Србија“.
Во март 2004 година, заедно со канадскиот писател Роберт Диксон, го потпиша апелот за одбрана на Слободан Милошевиќ, а нешто подоцна, истата година го посети во затвор. Беше присутен и на неговиот погреб.
Реакциите се толку силни што дури и Микаел Остлунд, портпаролот на Нобеловата фондација, мораше да изјави: „Нобеловата награда не може да биде одземена”
При една посета на Вишеград, по босанската војна, изјави дека не верува дека е можно во Вишеград Србите да го тероризирале мнозинското муслиманско население, кое, според него, било добро вооружено и плус ја држело власта. Во моментот кога ја дава оваа изјава, во Вишеград повеќе нема муслимани.
НАТО бомбардирањето врз Србија го нарече „нов Аушвиц“. Хрватите ги нарече „католички, усташки Срби“. Изрази сомневање дали муслиманите што зборуваат српско-хрватски и потекнуваат од Срби, треба да бидат посебен народ. И тоа во текстот во кој изразува сомневање во известувањата од Сребреница, нарекувајќи ги „факти и привидни факти што ги диктира пазарот“. И така натаму.
Она што е помалку познато е неговиот став за Нобеловата награда од 2014 година дека таа треба да се укине и дека служи само за „канонизација на авторите“, а не како мерило на вредност: Денес не мисли така и веќе го потврди своето присуство во Стокхолм на свеченото врачување на наградата.
Што се однесува до движењето „MeToo“, кое наводно го реформира Нобеловиот комитет, Хандке вели: „Не можам повеќе ова да го слушам: жените што првин ги возбудуваат мажите, потоа се жалат“. Неговата бивша животна партнерка Мари Колбин, во отвореното писмо адресирано до него, ќе напише: „Сѐ уште слушам како мојата глава удира во камениот под. Сѐ уште ја чувствувам планинарската кондура на долниот дел од моето тело и шаката на лицето“. И така натаму.
Да, навистина е тешко да се одвои делото од поведението на неговиот творец. Реакциите се толку силни што дури и Микаел Остлунд, портпаролот на Нобеловата фондација, мораше да изјави: „Нобеловата награда не може да биде одземена. Во статутите на Нобеловата фондација не се споменува таква можност. Ни еден од одборите за доделување на наградата во Стокхолм или Осло никогаш не размислувал за отповик на наградата, откога е таа доделена“.
Австрискиот книжевник ќе ја прими Нобеловата награда што му е доделена, како што пишува во соопштението, „поради јазичната иновативност низ пишаниот збор, која ја опишува маргинализацијата на човекот и уникатноста на живеењето“, но прашањата ќе останат: Можат ли луѓето со вакви идеи да бидат добри писатели?