Регион

Косовскиот кандидат за Оскар е филм за воените трауми на мајките

Филмот на Антонета Кастрати е инспириран од личната трагедијата на нејзиното семејство

Филмот, со наслов „Зана“, инспириран од загубата на мајката и сестрата на режисерката, е предлогот на Косово, за престижната награда Оскар, во категоријата Меѓународен филм, за следната година.

Тагата и траумата од војната, 1998-1999, што ги искусила режисерката на филмот, се преточени во моќна драма за мајка чиј живот се распаднал по смртта на најблиските и за нејзините обиди, како родител, повторно да го среди.

„Чувствував дека ќе се случи нешто страшно“

нтонета Кастрати (десно) и нејзината сестра Севдије, директор на фотографија. Фото: Антонета Кастрати.

„Војната е најстрашната работа што може да ѝ се случи на една земја и тоа е најлошото искуство, од кое е тешко да се избега. Имав силно претчувство во текот на целата војна и кога беше постигнат мировниот договор, не сакав да останам дома. Чувствував дека, заедно со добрата вест, ќе се случи и нешто страшно“, вели во интервју за БИРН, Кастрати, додека разговара со нас од нејзиниот дом во Лос Анџелес.

Неколку години подоцна, додека таа сè уште се борела со своите воени кошмари, Кастрати решила да се обиде да ја надмине болката и да ја раскаже својата приказна.

„Сакав да одам подлабоко, да видам како нешто што повеќе не можете да го вратите, како изгубените членови на семејството, може да ви го трансформира животот“, објаснува таа.

„По војната, и покрај она што го доживеале, многу жени од Косово не добиле соодветно психолошко лекување“, додава таа.

Главен лик во филмот е Луме (ја игра Адријана Матоши), Албанка од Косово, која не може да ја прифати загубата на својата четиригодишна ќерка Зана, која загинала во војната, и која прогонувана од кошмари, заради нејзината психичка состојба, не може да има друго бебе.

Очајни бидејќи немаат деца, нејзиниот сопруг Илир (Астрит Кабаши) и свекрвата Ремзије (Фатмир Сахити) вршат притисок врз неа да побара помош од исцелители, бидејќи современата медицина не ѝ помогнала.

Овој филм истражува како мајките кои ги загубиле своите деца во војната, ја артикулираат својата тага, надополнета со чувство на неправда, но го прикажува и начинот на кој жените се справуваат со загубата на своето дете, паралелно со притисоците на патријархалното општество.

„Приказната е фикција, но има основа во мојот живот. Лошите соништа на главниот лик се дел од моите кошмари кои никогаш нема да исчезнат“, додава Кастрати.

„За жените кои ги загубија децата, војната и натаму трае

 

Како што одминувале годините, темата за посттрауматското стресно нарушување во повоеното општество, оној момент кога била подготвена да се соочи со болната епизода од сопствениот живот, ја мотивирале да ја раскаже приказна.

„Постојат длабоки проблеми. Сакав да одам подалеку и да ја покажам реалноста на нашето општество и предизвиците во решавањето на траумите на вистински начин“, нагласува таа.

„Од лично искустви знам дека емоционалната драма, кај многу жени, кои ги загубиле своите деца во војната, продолжува. Многу повторно станаа мајки, но има и некои, како ликот во мојот филм, кои чувствуваат дека не можат да бидат мајки на своите други деца. Ова значи дека не секој успеал да се справи со загубата на своите деца“, додава Кастрати.

За жените кои не можат да избегаат од својата болка, „војната и натаму трае“, истакна таа.

„Поради нашето патријархално општество, сериозноста на траумата што ја чувствуваат жените, е уште поголема. Жените се користат за војување, за (политички) отпор и во националистички цели и тогаш никој не може да види колку се длабоки и мрачни нивните страдања и трауми“, вели таа.

„Зана“ зборува и за постоењето на еден вид колективна тага, покажувајќи како болното минато на земјата, влијае и врз сегашноста.

Дури и ако сторителите бидат изведени пред лицето на правдата, нивните злосторства и натаму за последица ќе имаат загуба на луѓе, заклучува таа.

„Тоа мене ми се случи и тоа не може да се поништи“, нагласува Кастрати, потенцирајќи: „Може да има осудени во името на правдата, но тоа нема да обезбеди никаква сатисфакција, затоа што никој не може да ми го врати семејството или да го избрише моето страдање“.