Регион

Критики до Обвинителството на БиХ

Стратегијата бара од Обвинителството на БиХ, да „достави предлог за пренесување на предметите, во најраната можна фаза на постапката“.

Тарик Црнкиќ е обвинител во случајот против лицето Миленко Гојголовиќ, кој е упатен во Окружниот суд во Источно Сараево, каде му се суди за силување и нехумано постапување со цивил.

Црнкиќ вели дека сите случаи треба да бидат отстапени уште во истражна фаза, „бидејќи е многу полесно да се постапува во предметите, во кои уште од самиот почеток ја водите истрагата“.

„Со собирањето докази од почетокот и со надзор на собирањето на докази, добивате целосен увид во кривичниот предмет, што секако резултира со подобра проценка на доказите и фактите, при донесувањето на обвинителска одлука“, објаснува Црнкиќ.

Сепак, пренесувањето на предметите за кои државното обвинителство веќе спровело истрага, значи дека обвинителите изгубиле време, кое можеле да го посветат на други случаи.

Федералниот обвинител, Муниб Халиловиќ, кој работел во државното обвинителство и сега е член на надзорниот одбор за имплементација на стратегијата за воени злосторства, вели дека негативните последици на практиката на Обвинителството на БиХ, да поднесува обвиненија во предмети што треба да бидат пренесени на ентитетско ниво, се намалени со „позитивниот напредок на Судот на БиХ, да ги спушта непотврдените обвиненија, во ентитетските судови“.

Предметите требаше да бидат решени „одамна“

Ружица Јукиќ, заменик претседател на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ. Фото: БИРН

Ревидираната стратегија за воени злосторства, изготвена затоа што претходните рокови за решавање на заостанатите предмети не беа исполнети, ја нагласува потребата, поедноставните случаи да се упатуваат до ентитетските судови, за државниот суд да може да постапува по важни и сложени случаи.

„Нерамномерната распределба на предметите и процесирањето на помалку комплексните случаи од страна на Обвинителството и Судот на БиХ, меѓу другото, се една од причините за неефикасно гонење на најсложените предмети на воени злосторства“, се вели во ревидираната стратегија.

Во неодамнешниот извештај на Мисијата на ОБСЕ во БиХ, исто така, се заклучува дека „Обвинителството на БиХ, не го посветува своето време и ресурси само на истрагите и гонењето на најсложените предмети на воени злосторства“.

„Мисијата забележува дека, иако Обвинителството на БиХ, во последните две години, покрена обвиненија во неколку многу сложени предмети, многу од случаите на кои тоа работеше не беа доволно сложени за да го оправдаат процесирањето на државно ниво, што го покажува неуспехот на институцијата да се фокусира исклучиво на најтешките предмети, како што тоа се бара во националната стратегија“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека Обвинителството на БиХ треба да ги ревидира сите свои предмети и да достави предлози за трансфер на помалку комплексните случаи до судовите на ентитетите.

Коментирајќи го овој извештај, Ружица Јукиќ, заменик претседател на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ВСОС), истакна дека помалку сложените предмети, требале „порано“ да се спуштат на ентитетско ниво.

„Одамна требаше овие помалку сложени случаи да бидат вратени на ентитетско судење и мислам дека сите ќе беа завршени“, нагласи Јукиќ.

Наместо тоа, заради заостанувањето, многу осомничени за воени злосторства „нема да дочекаат нивните предмети да бидат завршени“, предупреди таа.