Во земја со 28 отсто невработени и 30 отсто сиромаштија, ништо не е џабе. Сѐ е многу скапо. Патем, многу различни се стандардите за она што е „џабе“. За некого може да е џабе купен имот по цена од пет милиони евра, а за некого да е прескап и леб од 20 денари.
Култната песна „Неправда“ на „Лева патика“ создадена во 1977 година, ми стана некаква неофицијална парадигма за есенцијата на „македонцките работи“ која постепено се расветлува со објавувањето на прислушкуваните разговори. Не само според насловот на песната.
Прво, од аудио-снимките исплива ламентирање по потенцијалните услуги од извесна судијка Лина, која властите ја пикирале да им биде „џокер“ во Судскиот совет. Подоцна читам, дека таа многу години пред да стане посакуван кадар за Судскиот совет, и пред наводно да бара да ѝ решат одреден предмет „за братот“, била истата Лина опеана во песната „Неправда“ („Сакам женска луда фина, да биде како Лина…“)
Ова денес не би звучело како добра препорака за работа во судството. Или можеби баш тоа се бара? Како и да е, таа песна своевремено две недели била симната од програмата на Радио Скопје, наводно, поради антикомунистички дух, бидејќи стихот „неправда, па тоа е неправда, имаш ти, немам јас…“ не бил во контекст на тогашната социјалистичка урамниловка.
Не било подобно ни форсирањето западни, капиталистички вредности, какви што биле идентификувани во стиховите „Сакам ‘бе-ем-ве алпина’, а немам ни за ‘Дрина’…“ Но, сепак, брзо била вратена на програмата.
Помина епизодата со Лина, дојде на ред Водно, со обвинувања од опозицијата за огромни плацови што преку оф-шор компании за свои потреби ги купувал премиерот.
„Ни земаат дел од плацот, прават неправда“, изјавува во медиумите Леана Таќи, чија семејна куќа била под наводниот премиерски плац. Која е Леана? Ќерката на Гранит Таќи, вокалот на „Лева патика“. Потомци на истакнатиот борец и комесар од НОБ, Хамид Таќи. Дали е можно? Колку многу коинциденции и „насловно прогнозерство“ поврзани со една песна.
Да не бил текстописецот толку заљубен во Лина или Кети, сеедно, можеби ќе го „видел“ и ќе го вметнел во текстот и ѕидот од 6-7 метри, кој по повеќе од четири децении немало да сведочи за младешки бунт против социјални разлики туку за неограничена власт, за многу повеќе од фетишот да се пуши „Дрина“ и да се вози „бе-ем-ве“. Ќе сведочел за тоа како е возена целата нација. Во комбе.
Токму во вакви моменти ми недостига ентузијазмот на пратеникот Влатко Ѓорчев, да направи прошетка до посочениот плац, како што некогаш тоа го правеше пред куќите на, како што ги нарекуваше, „македонски олигарси“ или „црвена буржоазија“. Штом Ѓорчев веќе не реагира, веројатно тоа значи дека битката против „олигархијата“ е завршена со проста замена на една олигархија со друга.
Тоа ли беше целта? Или поседувањето на „само“ еден или четири стана може да биде доживеано како врвна (водњанска) неправда: имаш ти – немам јас! Расцепкани парцели, во вкупна површина од 13.700 квадратни метри, кои плачат за заштитен ѕид од погледите на народот, денес ја демаскираат повторуваната наводна желба за постојан контакт со истиот тој народ.
Сепак, главното „свлечиште“ во оваа приказна доаѓа од признанието дека толку многу квадрати биле купени „за џабалак“. Во земја со 28 отсто невработени и 30 отсто сиромаштија ништо не е џабе. Сѐ е многу скапо. Дури и со просечната плата од 21.000 денари на таа локација можат да се купат триесет квадратни сантиметри.
Патем, многу различни се стандардите за она што е „џабе“. За некого може да е џабе купен имот од пет милиони евра, а за некого да е прескап и леб купен по цена од 20 денари. Во земја како Македонија, која има највисок индекс на социјално раслојување во Европа и пошироко, кога некој јавно ќе глуми чесност, а зад сцената ќе трупа имоти, на крајот сето тоа „џабе“ може да го чини многу скапо.
Еден ден ќе разбере дека џабе му било принудното собирање толку народ по спортски сали, колку што нема ни на конгресите на Комунистичката партија на Кина. Дека џабе биле мобилизирани луѓе само со една цел – да аплаудират, да го потврдуваат легитимитетот на водачот, да го скандират неговото име и да го свиркаат опонентот.
Џабе е кога тоа се прави на едно ритуално и симболично ниво, со што по којзнае кој пат, се порачува дека не е во план никаква рационална и суштинска расправа за клучните проблеми туку само еднодневни партиски перформанси. Џабе е да се убедува јавноста дека само децибелите што ќе ги произведе по наредба организирана партиска маса, се доказ за експлозивната ерекција на демократијата во нечиј мандат.
Сѐ е џабе. Само битката за „квадратни метри“ слобода и демократија – никогаш нема да биде за џабе.