Пред точно половина милениум, есента 1522 година, во пристаништето во Севилја впловува оштетениот брод „Викторија“ со 18 исцрпени членови на екипажот, вклучувајќи го тука и капетанот, Баскиецот Хуан Себастијан Елкано. Така е означен крајот на прилично неуспешната поморска мисија за пронаоѓање сигурен морски пат до Островите на зачините (денес Молучките Острови во состав на Индонезија).
Бродот „Викторија“ е дел од поморската трговска експедиција, составена од пет бродови, опремени по две години да донесат над 500 тони мускатни оревчиња, каранфилчиња и други мирудии, со екипаж од 240 членови, која тргнува на своето патешествие во 1519 година, под водство на вештиот португалски поморец Фернандо Магелан, а под покровителство на младиот шпански крал Карло Први.
Целта на експедицијата е да се избегнат ризичните копнени патишта што дотогаш се користеле, а сега се испресечени со надоаѓачкото Османлиско царство. Магелан, како и најголемиот дел од посадата, гине на своето најважно патување.
Денес, се разбира, Магелан и неговата самоубиствена мисија се помнат како крунски доказ дека Земјата е тркалезна, иако и во тој темен среден век, овој факт практично бил неспорен. Всушност, овој факт е неспорен уште од времето на Аристотел и Птоломеј, но Магелан е првиот што и практично ја докажал сферичноста на Земјината топка.
Подобро е да нема никакви учебници, отколку вакви. Подобро е незнаењето од погрешното знаење
Впрочем, тоа го знаел и Кристифор Колумбо, кога неколку децении порано стапнал на тлото на Новиот свет, сѐ мислејќи дека го нашол патот за Индија. Проблемот со неговото патување е првенствено во неговото потценување на должината на патот до Индија.
Зошто потсетувам на овие, тогаш неуспешни експедиции, но чии ефекти засекогаш ќе го променат текот на историјата?
Сакам да кажам дека, од аспект на овие патешествија и од фактот дека Земјата е топка, лесно може да се докаже дека авторките на оној учебник по географија, во кој пишува дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија, всушност се – во право!
Имено, ако тргнеш од Македонија на исток и доволно долго одиш, тогаш во еден момент Албанија навистина ќе биде на исток. И обратно, ако тргнеш на запад тогаш во еден момент и Бугарија ќе се најде на запад. Или, ако подобро размислам, можеби и Колумбо учел од истиот тој учебник, па затоа стасал во Америка наместо во Индија.
Но, да го оставиме за миг карикирањето на страна.
За Магелан и Колумбо е лесно. Точно се знае каде, како и зошто работите тргнале на лошо. Магелан во одреден момент ја преобразил трговската во освојувачка мисија и тоа го платил со својот живот и со животот на своите морнари. Колумбо, пак, не располагал со квалитетни навигациски средства, па пресметките ги правел „од око“.
Вистинската мистерија е што точно се случило со учебникот по историја за петто одделение, та излегле вакви буквално несфатливи грешки. Авторките велат дека грешките излегле „од брзање“!
Па, каде се брзале? На Монт Еверест, кој според нивниот учебник е висок преку 29 километри! И зошто се брзале? И дали таа неподнослива брзина е заразна, па, по принцип на сезонскиот грип, ги зафатила и рецензентите, Бирото за развој на образованието и Националната комисија за учебници? Или целата работа, впрочем, се одвивала по вообичаената рутина што во некои други светови се нарекува – корупција?
Што ќе му се случи на еден ученик што „од брзање“ ќе направи слични грешки на училишниот тест?
Тука и доаѓаме до заедничкиот именител на Магелан, Колумбо и нашите учебникари. Во прашање е брзината на – алчноста! Било за пари, било за слава. Таа нѐ тера да влеземе во непознати предели, таму каде што не сме кадарни да се снајдеме и не знаеме што нѐ чека. Ама знаеме дека станува збор за релативно добра тезга што не треба да се испушти.
Министерството за образование и наука, според сопствените навики и традиции, и овојпат, како и во многу други случаи, остана – затекнато и изненадено од ситуацијата што самото ја креира. Та, треба да ги разбереме, луѓето се зафатени со многу поважни работи отколку што се тоа образованието и учебниците.
Впрочем, таков заклучок може да се извлече од нивното официјално соопштение по повод најновиот во низата учебникарски случаи. „Во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти…“, мудро се констатира во нивната реакција.
Образованието без образование е навистина најкрупната реформа досега и веројатно најкрупната образовна реформа во целата историја на светот
Ете, сега станува јасно дека немањето учебници во оваа учебна година било дел од „најкрупните образовни реформи досега“. Морам да признам дека ваква реформа навистина немам видено досега. И да додадам дека луѓето од Министерството, за разлика од Колумбо, се на вистинскиот пат. Подобро е да нема никакви учебници, отколку вакви. Подобро е незнаењето од погрешното знаење.
Во таа смисла, образованието без образование е навистина најкрупната реформа досега и веројатно најкрупната образовна реформа во целата историја на светот. Поголема од онаа на Талибанците во Авганистан.
Патешествијата на Колумбо и Магелан засекогаш го променија светот, ја предизвикаа глобализацијата, ширењето на христијанството и колонизацијата што ќе се злоупотребува со векови натаму.
Не треба да се открие Америка за да се видат последиците од македонското учебникарство, па и образование воопшто. Функционално и медиумски неписмени генерации, антинаучни движења, теории на заговор, авионски прскања… И, се разбира, луѓе што уште тврдат дека Земјата е – рамна плоча!
Да се надеваме дека, како и во експедициите на Магелан и Колумбо, ќе „преживеат“ грст сегашни ученици што потоа ќе ги раскажуваат своите авантури во патешествието, наречено „најкрупна образовна реформа“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија