Среќните петоци на Мијалков

Коментар на Васко Маглешов

Петок е среќен ден за Сашо Мијалков.

Веста дека му ги укинуваат пресудите, екс шефот на УБК ја добива двапати во ист ден – петок.

Покрај последните укинати „Трезор“ и „Таргет-Тврдина“, и денот кога е укината пресудата за „Титаник 2“, е петок, само годината е 2020.

Среќните петоци за Мијалков, судејќи по реакциите во јавноста, во основа се несреќни за граѓаните, кои на големо коментираат дека веќе е потоната секоја надеж за правната држава.

И бидејќи ова е трета по ред укината пресуда за Мијалков, веднаш се подгреаја шпекулациите дека некој вмешал прсти во правораздавањето.

Во советите што одлучуваа за Мијалков има судии што пресудувале во по два укинати предмети за поранешниот прв човек на тајната полиција. Но, нивните имиња се за некоја друга анализа.

А токму поради тоа што укинатите пресуди не се јавно објавени, јавноста само може да шпекулира со некоја од веќе познатите приказни дека можеби некој од судиите е „трговец-поединец“, односно „дил-ориентед“.

Се разбира дека дури и со образложена и јавно објавена правна аргументација, многумина не би биле убедени во исправноста на правораздавањето, ама барем ќе се знаат причините зошто пресудите се укинати.

Единствената укината пресуда за Мијалков што е јавно објавена е во предметот „Титаник 2“. Таму петмина судии, на 18 страници напишале зошто го вратија предметот од почеток. Од нив, ставот на судот е образложен на 5 страници, а другите 13 се прераскажување на жалбите на обвинетите и Обвинителството.

Апелациските судии, за „Титаник 2“ напишале дека во тој предмет фактите им противречат на доказите, дека немало анализа и оценка на нивната веродостојност, а пресудата била „нејасна, неразбирлива и противречна“.

И така предметот почна одново. Се суди две години и овој предмет во април за Мијалков ќе застари.

Но, за последните два, особено за предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, јавно објавени пресуди нема. А причина е Законот.

Вицепремиерката Славица Грковска напиша дека е загрижена за ваквиот исход и дека Апелација мора да го објави образложението за укинатите пресуди.

Но, судот вели – нема да ги објавиме пресудите, затоа што не се правосилни. Се повикуваат на измените на Законот за движење и управување со предметите, според кој, од 2020 година, кога Грковска уште немаше фотелја на Илинденска број 2, судовите ги објавуваат само правосилните предмети.

Врз основа на такво толкување, скопска Апелација не објави ниедна од двете укинати пресуди.

Меѓутоа, Законот за кривичната постапка, кој е системски закон и според кој практично се одвива целата постапка на судење во членот 126 е јасен: „сите судски пресуди се јавни и достапни во електронски или во печатени примероци, освен во случаите кога јавноста е исклучена“.

Тоа значи дека, ако сакал, судот, водејќи се од Законот за кривична постапка, можел да ги објави или барем да се потруди и да ѝ објасни на јавноста што се толку кабает првостепените судии и каде ја утнале работата.

Судиите Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева, на кои им требаше повеќе од една година да одлучат за предметот „Таргет-Тврдина“, буквално со две реченици за јавноста, (колку за да помине редот) информираа дека го укинале предметот, како да се срамат од сопствената одлука.

Токму тој предмет беше најважен од сите предмети на поранешното СЈО, бидејќи од него произлегоа сите случаи што ги отвори ова обвинителство.

Барем да се потруделе на една страница да објаснат зошто така пресудиле.

Ако се погледне веб-страницата на скопска Апелација за овој и за предметот за набавката на британската опрема за МВР, „Трезор“, судот буквално препишал исто соопштение, а различни се само имињата на предметите и имињата на обвинетите.

Соопштението главно се сведува на тоа дека првостепениот суд „сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка“ и со тоа се довела „во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“.

Знае ли стручната јавност што од 13 причини поради кои кривичната постапка може да биде суштествено повредена, било повредено во предметот? Знаат ли обичните граѓани воопшто што е суштествена повреда на постапката?

Неофицијалните информации за предметот „Трезор“, на пример, кои се провлекуваат низ судските кулоари, се дека предметот бил укинат наводно поради нејасните дејствија на обвинетите, поради наводната нејаснотија околу тоа дали има штета на буџетот во предметот.

Но, тоа е повеќе чамче муабет, шпекулации и нагаѓање. Како и тврдењата дека всушност се „отплаќаат“ старите и се „инвестира“ во новите уставни измени.

Вистинскиот професионален и институционален одговор на вакви ситуации сега е во рацете на Врховниот суд, Министерството за правда и Судскиот совет, кои треба да им го одземат алибито на оние што донесуваат одлуки без јавноста да ги чуе аргументите зошто нешто е пресудено така како што е пресудено.