Се чини дека Заев подолго ја прави реконструкцијата на неговата влада, отколку што на традиционално инаетливиот и тврдоглав Иванов му требаше за да му го даде мандатот на Заев. А со оглед на информациите и шпекулациите што доаѓаат од медиумите, изгледа дека воопшто не е јасно зошто таа реконструкција воопшто се прави и зошто веќе пет месеци се држи ова прашање на дневен ред.
Имено, првин бевме на работ на општествен нервен слом со бројните изборни циклуси, па со изборот на спикерот на Парламентот и воопшто со 27 април, па со веќе споменатиот инает на претседателот Иванов да ги легализира изборните резултати, односно да му го даде мандатот за формирање Влада на Заев, па сега со предолгата реконструкција. Никако да ги завршиме овие важни техникалии за воспоставување нормален ред и поредок.
Имам чувство како да живееме во куќа што предолго, со години, се реновира и никако да биде завршенa. Никако да добиеме можност да уживаме во свежо варосаните ѕидови, заедно со изгланцаниот паркет и новиот, убав мебел. Она што навистина ме плаши е дека кога конечно реновирањето ќе биде завршено, ќе сфатиме дека куќата била без темели, дека ѕидовите се тенки, а мебелот од картон.
Не знам дали во овие ешалони спаѓаат и советниците на премиерот, меѓутоа првото име што го слушнавме е командант Хоџа, односно Џезаир Шакири, како советник за безбедност на премиерот. Впрочем, и самиот Шакири се пофали преку својот Фејсбук профил и тоа со тврдењето дека се договорил со Заев за државна функција, а во замена го ослободил Танушевци. Иако, за волја на вистината, барем пошироката јавност не знаеше дека ова село било под окупација.
Во секој случај, поставувањето на командирот на ОНА во Арачиново ги разбранува социјалните мрежи, иако, судејќи според коментарите, малкумина воопшто знаеја за кој лик, всушност, се работи. Имено, поставувањето на ова место на Шакири, всушност е поголема провокација за албанскиот политички блок, односно за ДУИ, отколку за македонското избирачко тело. Шакири, речиси од завршувањето на воениот судир од 2001 година, беше во постојан конфликт со ДУИ и со Али Ахмети.
Бизарно, ама интересно делува кадровската комбинација, во која Командант Хоџа, чии единствени квалификации, освен војувањето во ОНА, барем според неговата биографија објавена на официјалната страница на Собранието на Република Македонија, се познавање неколку светски јазици, се грижи за безбедноста, а Љубе Бошковски, на пример, прибира странски инвестиции!
Неговото поставување за советник за безбедност на премиерот станува особено интересно низ призмата на неговите жестоки обвинувања на ДУИ и, посредно, на претседателот Ѓорге Иванов за настаните од Диво Насеље во 2015 година. Шакири тогаш тврдеше дека извесен Ш.М., агент од Агенцијата за разузнавање што е во директна надлежност на претседателот Иванов, разговарал со неколку лица од терористичката група во Диво Насеље, меѓу кои и со командант Соколи. Разговорот наводно траел два и пол часа и бил снимен од збор до збор. Тогаш Шакири директно го обвини и Али Ахмети дека во Куманово го „наместил“ командант Соколи. „Ти давам беса дека нема да ти биде лесно да се извлечеш од ова зло што го направи“, му се закани тогаш Командант Хоџа на Ахмети.
Некогашниот пратеник во Собранието на Република Македонија, обвинуван за убиство на полицаец во трговскиот центар „Чаирчанка“, во 2007 година прогласи независност на неговото родно Танушевци и прогласи негово припојување до Косово, акт кој не допре до пошироката јавност, а како што се чини и немаше некои практични последици. Како и да е, оттогаш па сѐ до август минатата години, кога се врати во Скопје, Шакири практично беше во илегала, обвинувајќи ја претходната влада за политички прогон. Од друга страна, Белград во 2012 година распиша меѓународна потерница по него, обвинувајќи го како еден од организаторите на вооружениот напад на граничниот премин Доброшин, во Прешевската долина.
Владата на Заев досега ниту ја потврди, ниту ја демантираше информацијата за негов ангажман во кабинетот на премиерот. Иако, да бидеме искрени, бизарно, ама интересно делува кадровската комбинација, во која Хоџа, чии единствени квалификации, освен војувањето во ОНА, барем според неговата биографија објавена на официјалната страница на Собранието на Република Македонија, се познавање на неколку светски јазици, се грижи за безбедноста, а Љубе Бошковски, на пример, прибира странски инвестиции!
Ако им се верува на шпекулациите на медиумите, целата реконструкција, всушност, се прави за прибирање на едната половина на пратениците на Беса, како и оние на ДПА. Таман има две испразнети министерски места – она за правда, кое неправедно е празно толку долго, како и она без портфељ што го држеше сегашниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко. Таман по вкусот на двата нови коалициони партнери.
Додуша, има уште едно, вицепремиер за реформи, она што му беше понудено на Зијадин Села, а овој прилично арогантно го одби. Постојат некои нагаѓања дека Министерството за правда ќе го земе сегашната министерка за образование, Рената Десковска, но тоа суштински не ја менува работата. Едноставно, именувањето на целиот процес, кој, еве, трае веќе пет месеци, е погрешно – не станува збор за реконструкција на Владата туку за пополнување на испразнетите места.
А токму случајот со Шекеринска и нејзината посета на САД, односно скандалот со (не)однесувањето на амбасадорот Васко Наумовски, е најсвеж пример за неопходноста на мошне посериозно рекомпонирање на Владата, па и на нејзината организациона поставеност. Без оглед на меѓупартиските комбинаторики и партиските апетити, овој гломазен апарат, со уште погломазна придружна администрација, делува како диносаурус во порцеланска продавница. Премногу маса со премалку мозок секогаш е бавна и осудена на изумирање. Само што во случајов порцеланот е додатна колатерална штета.
Значи, ако реконструкцијата помине онака како што ќе помине, лесно можеме да очекуваме следниот пат Заев или некој следен премиер да направи конструкција на Владата наместо реконструкција.