Криминалот како култура

Криминалците и натаму висококалорично се хранат со слабостите и пропустите на државата. А тие дупки не се случајно, туку свесно оставени, за џганот да има отворен капиџик со тие што ја кројат политиката и регулативата, се разбира, на двострано задоволство и профит. Таа, колку затскриена, толку и отворена коегзистенција, е претворена во внатрешен поредок на земна зависност, солидарност и на точно поделени улоги.

Понекогаш се мешаат улогите, па криминалци со тапија на политичари, заштитени од таква тапија – им праќаат предлози како треба да изгледа одреден закон или негови измени.

Устата им е преполна со фрази и предлози за реформи во правосудството, еден коктел од популизам и правен формализам

Политичарите, подготвено ја дочекуваат топката, и со сериозни изрази на лицата, кои треба да зрачат со врвна одговорност за значењето на законскиот проект, ни пласираат десетици „разумни“ аргументи зошто токму таквиот предлог треба веднаш да се изгласа. И ги игнорираат ставовите на експертските и на граѓанските организации, кои не можат да најдат никаква логика во предложените правни авантури.

Во сите изминати години, нашево општество не научи еден ноторен факт. Големата грешка на сите добронамерни предупредувања „ова не е во ред, ќе има големи правни последици“, е што тие тргнуваат од претпоставката дека и предлагачите имале чесни намери, ама несакајќи направиле грешка, превид.

Измените на Кривичниот законик се само една потврда дека воопшто не е така. Дека се донесени со причина. Политичка, се разбира. Малку со тие измени, малку со притисок да се издејствува начелно мислење од Врховниот суд што ќе ги врати во живот аболициите на Иванов, е проектиран еден пакет, не правен, туку политички, и со голем изборен ДДВ. Знаеја какви ќе бидат реакциите, но, сепак, брзаа да ги донесат измените.

И, еве, нема релевантен меѓународен извештај во кој не се жестоко критикувани измените на Кривичниот законик. И што со тоа? Предметите си застареа.

Тие што мислат дека властите се „избрукале“, мора да се крајно наивни. Мува не ги лази. Никој ниту се засрами, зашто кај нас политиката апсорбира кадри оперирани од срам, ниту, пак, некој помислил да понесе одговорност за таа авантура.

Обратна е работата. Устата им е преполна со фрази и предлози за реформи во правосудството, еден коктел од популизам и правен формализам. Воопшто не им е непријатно да се претставуваат како агнеси за идните реформи, држат предавања кој сѐ е виновен што застареле предметите, ја убедуваат јавноста дека не биле виновни измените, туку долгите судски постапки, интегритетот и човечкиот материјал на обвинителите и судиите, и сѐ друго.Само политиката не. Образ ѓон, карактер каучук, денес едно, утре друго, зависно од партикуларните, но не и од интересите на државата.

Тие што мислат дека властите се „избрукале“, мора да се крајно наивни. Мува не ги лази

Не треба воопшто да губиме време со анализирање на антропологијата на криминалното поведение кај нас, бидејќи тоа што некогаш почнало како „поведение“, до денес толку метастазираше, што го издигна криминалот како култура сама за себе.

Така е благодарение на трансмандатните ајдуци, подмитливите и декласирани политички елити, но и на анестезираното граѓанство, кое изморено од сите лажни политички ветувања за правда и битка со корупцијата, веќе не чувствува порив за каков било општествен протест, бидејќи не верува дека тоа е идеалот и на елитите.

И не е. Да беше, железни опинци ќе искинеа за да се оневозможи застарување на предмети, јавно ќе говореа од каде доаѓаат политички налози за судии да чуваат предмети во фиоки и под чија заштита се таквите судии од санкции. Ама битката со криминалот и битката за правна држава не се поважни од коалициите и од номинациите за разни позиции.

На крајот, дури и црните листи на САД се релативизирани во односот на политичкото вреднување на поединци засегнати од листата. Мерко и Тачи се доволен пример.

Она што е изненадувачко, на црната листа не се најде ниту едно домашно лице од скандалот со „Маѓар телеком“, случај кој имаше завршница во САД во 2017 година, а кај нас застари. И сега, навистина е добро да се види кои се судиите што суделе во предметот, ама уште поважно – кои им биле домашните муштерии. За да биде појасно.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија