Портрет

Крај на обвинителската кариера на Јовески – силна амбиција, слаба акција

Портрет на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески

Љубомир Јовески дојде тивко по бурната промена на власта во 2017 година. Мандатот го завршува во расправија со антикорупционерите за случајот „Труст“ и во „закопување на воените секири“ со министерката за добро владеење.

Колегите за државниот обвинител што наскоро заминува во пензија, ќе кажат дека е смирен и воздржан човек, што и се покажа во неговиот мандат, во кој даваше умерени и незапаливи изјави за јавноста.

На чело на Обвинителството застана со богата правничка кариера, во која, меѓу другото, бил и судија, и претседател на суд. Предметот по кој ќе остане запаметен во судиската кариера е за формирањето паравојска во 1993 година. Но, се чини дека многу повеќе ќе остане запаметен како шеф на Јавното обвинителство.

Јавно обвинителство на РСМ

Јавно обвинителство на РСМ | Фото: БИРН

„Му фали акција“, ќе рече негова поранешна колешка, опишувајќи го дури како премногу претпазлив.

Молчалив е, вели таа. Свесно избира да не отвора фронтови со колегите, дури и кога не се согласува со нив.

„Молчи, но си тера по свое. Како човек е добар, но како менаџер не е ‘булдожер’ што ќе прави коренити промени во Обвинителството“. Според неа, не му недостасува ни суета.

„Човек што го знае правото. Вреден е и работи, но не го покажува тоа. Таков му е карактерот“, вели друга соговорничка, која многу години работела со него како судијка.

А мандатот му беше турбулентен. Од политичките вратоломии околу донесувањето нов закон за јавно обвинителство, случајот „Рекет“ и погребот на некогашното СЈО, случајот со снимање на телефонската централа во обвинителствата…

Кариерата му ја обележаа последните две години. И тоа со потег што изненади многумина, како суспендирањето на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, но и со долгото чекање на листата да стане уставен судија.

Беше еден од ликовите што требаше да спроведе прочистување помеѓу обвинителските редови, но на крајот проверката не го постигна посакуваниот ефект.

Тој е еден од ретките државни обвинители што целосно го заврши мандатот без да биде разрешен, како што беа неговите претходници Ставре Џиков, Стеван Павлески, Александар Прчевски и Марко Зврлевски, иако за него стигна иницијатива за интерпелација.

Предвременото „пензионирање“ на Русковска

Обвинителката Вилма Русковска дава изјава пред Советот на јавните обвинители.

Од заемна почит до суспензија | Фото: БИРН

Седеа еден до друг пред камерите. За предметите, како „27 април“ и „Рекет“, држеа заеднички прес-конференции. Се оставаше впечаток дека Јовески ѝ верува. Тоа се покажува и преку фактот што речиси четири години не ѝ направи надзор над нејзиното работење, што му е законска обврска.

Русковска дури одеше дотаму што во интервјуа говореше дека ќе се пензионира тогаш кога ќе се пензионира и Јовески.

Но, наместо тоа, Јовески предвреме ја „пензионира“ со суспензија и дисциплинска постапка за претресот во Финансиската полиција, која заврши со нејзино разрешување од функцијата.

Токму тој претрес, на површина го исфрли нивниот меѓусебен судир, кој извесно е дека тлеел многу порано.

По суспензијата, поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција изјавуваше дека имала притисоци оти ѝ било „понудено“ да му биде заменичка, но таа одбила.

Некој ѝ рекол да внимава на потезите за да не заврши како Катица Јанева. Иако не кажа на кого мисли, се доби впечаток како да го „нацрта“ ликот на Јовески.

Речиси ништо од преземените предмети на СЈО

Државното обвинителство од СЈО, со писмото што Катица Јанева го испрати од затвор, презеде вкупно 171 предмет, од кои 22 обвиненија, 19 истраги, 38 финансиски истраги и многу предистражни постапки. Иако беа предадени во 2019 година, за многу мал дел беа поднесени обвиненија. Останатите предмети останаа под јавниот радар. Со измените на Кривичниот законик, пак, скоро се` застаре

Кога стана јасно дека нивниот однос е нарушен, Русковска, во јавноста ќе споменеше по нешто на сметка на Јовески, како на пример дека тој е првиот кому му се јавил ексдиректорот на Финансиската полиција кога истражителите дошле да прават претрес, но надвор од тоа беше резервирана во оценките за неговата улога.

Тој, пак, како што не се памети во други случаи кога реагираат странки, веднаш формира комисија, ја суспендира Русковска и побара да биде разрешена.

„Незаконско постапување нема да толерирам“, говореше тој пред медиумите.

Но, ја толерираше Русковска во 2019 година, кога им се закани на судиите од Скопска апелација, што ја пуштија Катица Јанева во домашен притвор, дека ќе „ги истресе од гаќи“, или кога се појавија аудиоснимки на кои Русковска говореше дека некого „намерно заборавила во притвор“.

Јовески тогаш велеше: „Не гледаме основи за покренување дисциплинска постапка“.

Она што јавноста не го виде е дали овој гамбит на Јовески има политичка заднина, или, пак, проблем е професионалната „своеглавост“ на Русковска.

Доза јавно кавгаџиство пред крај

Средба на Љубомир Јовески со министерката за добро владеење Славица Грковска

„Закопување на секирите“ меѓу Јовески и Грковска| Фото: ЈОРСМ

Политичките играрии со предлагањето нови уставни судии во парламентот, на површина исфрлија неколку имиња. Првото уште во 2021 година беше Љубомир Јовески. Тој самиот рече дека би му било чест да го изберат.

Власта некако успеа да ги помине другите двајца кандидати за уставни судии. Во меѓувреме избра и трет судија, но не и Јовески.

Со внимателен избор на зборови, соговорничка за БИРН, која соработувала со Јовески, рече дека во последниве години неговиот однос кон работата „малку ѝ е чуден“, односно дека „таков не го познава“, алудирајќи токму на неговото одбивање да се повлече од листата за уставен судија.

Против изборот за уставен судија беше опозицијата. Говореа и дека бил личен предлог за државен обвинител на поранешниот премиер, Зоран Заев. За време на целиот негов мандат, отворено му бараше оставка за, како што рекоа, низа скандали што не добиле кривичен епилог.

А тој од собраниската говорница им порача „Тоа задоволство нема да ви го овозможам“.

Со поддршка зад него застана премиерот Димитар Ковачевски, кога рече дека станува збор за „професионалец од браншата“.

Последната година од мандатот му помина во преписки.

Сепак, не се прислушувало во Обвинителството

Многу силно пред пет години, откако Joвески на брифинг со новинарите објави дека е снимана телефонската комуникација вршена преку фиксната телефонија на двата хард диска. И многу тивко, речиси нечујно, медиумите објавија дека истрагата е затворена

Беше изненадување кога министерката за добро владеење, Славица Грковска, во ТВ интервју рече дека не смета дека Јовески заслужува да биде уставен судија.

„Она што требаше да го направи како републички јавен обвинител, не го постигна на таа позиција и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија“.

По ова Јовески возврати со реакција, во која ја искара Грковска и ѝ порача парите што таа ги троши за „дебати и конференции со занемарлив ефект“, да ги пренасочат кон Обвинителството.

Веројатно, за јавноста да не добие впечаток дека извршната власт е во отворена војна со Обвинителството, Јовески и Грковска се смирија. Се сретнаа за да бидат „презентирани активностите што ги реализира Јавното обвинителство“. Потоа се сретнаа уште еднаш.

Јовески имаше oстра преписка и со Државната комисија за спречување на корупцијата.

Веднаш по објавата на ДКСК за изигрување на законите во конфискацијата за предметот на СЈО „Трансмет“, Јавното обвинителство излезе со „катиљ“ соопштение за антикорупционерите, во кое објавија дека ја замрзнуваат соработката, а иницијативата за кривично гонење веднаш ја оценија како „беспредметна и непотребна“.

Потпис за желбата на Мијалков

Љубомир Јовески на седница на Советот на јавните обвинители

Јовески направи упад во предметот на обвинителката Ленче Ристоска за бегството на Мијалков | Фото: БИРН

Сенка врз непристрасноста на Јовески фрли тоа што ја повлече жалбата за притворот на Сашо Мијалков, кога државата го бараше поранешниот шеф на тајната полиција „под дрво и под камен“.

Кога Мијалков ѝ се јавил на Русковска дека е спремен да се појави само ако се тргне барањето за притвор, таа го информирала Јовески. Тој, пак, лично со негов потпис, а не со потпис на надлежната обвинителката што го води случајот за бегството на Мијалков, го повлече барањето за притвор.

Оптимист за неоптимистичкото

Со последните измени на Кривичниот законик, со кој застареа десетици предмети со над 200 обвинети, меѓу кои, и масовното прислушување, Јовески речиси и да ги одмолча. Рече дека е оптимист дека предметите нема да застарат и оти е ирелевантен ставот на Обвинителството за ова прашање. Предметите, пак, како што и се очекуваше, еден по еден почнаа да застаруваат

Практично, Јовески ѝ направи упад во предметот на обвинителката Ленче Ристоска, што обвинители со кои разговараше БИРН велат дека не паметат дека се случило, иако е неспорно дека законот му дава таква можност.

На тој потег, според медиумските извештаи, му претходела средба на Јовески во Владата со тогашниот премиер Зоран Заев, претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, и министрите за внатрешни работи и за правда.

На новинарско прашање зошто бил во Владата на средба со премиерот и министрите, Јовески кратко одговори: „Заради неопходна соработка на надлежните институции во откривањето кривични дела и нивните сторители“.

Joвески, по Извештајот на Стејт департментот за 2021 година, во кој, се наведува дека обвинителите ги пречекоруваат роковите за истрагите, побара неговите колеги да направат увид во предметите. Но, неодамна на прашање за конкретен предмет од 2016 година, БИРН од Обвинителството доби одговор дека постапката „уште се работи“.

Името на државниот обвинител се прозиваше и откако струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се најде на американската црна листа поради сериозни наводи за корупција. Јовески веднаш потоа најави „национален фронт за борба против корупцијата“, со другите државни органи, а претходно формира комисија за да истражи што се случува со предметите против Мерко.

Се заврши само на апели. Надлежните јавни обвинители да бидат поажурни и да ги пријават обидите за компромитирање на постапките.

Тивкиот противник на Зврлевски

Љубомир Јовески како претседател на судот

Јовески како претседател на судот | Фото: БИРН

Сомневања за дил со политиката имаше за неговиот претходник Марко Зврлевски, кој важеше за своевидна правосудна поддршка на власта и со години не ги процесира пријавите за криминал.

А Јовески дојде како некој што му се спротиставувал.

Во ТВ интервју, веднаш по изборот, самиот ќе рече дека во најцрното време за обвинителството, во ставовите понекогаш „останувал сам, или со поддршка од само уште еден колега“ контра Зврлевски.

Но, сите не го делат таквиот впечаток. Негова колешка смета дека тој му се плашел на Зврлевски, кому му беше заменик за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Нејасното одлагање за избор на обвинител за Еуроџаст

Намерно или не, една година, Јовески не одлучи кого да предложи за обвинител за врски со канцеларијата на Еуроџаст – Агенцијата на ЕУ за судска соработка

Зврлевски земал предмети од колегите и ги чувал кај него во фиока. „Љупчо си молчеше и си чекаше“, вели соговорничка за БИРН.

Како и да е, во 2017 година, за обвинителскиот трон во барокната зграда на Обвинителството имаше голем интерес меѓу фелата. Дваесет и тројца кандидати. Меѓу нив имаше судии, професори по право, долгогодишни адвокати, обвинители.

Но, владата пресече дека нивни предлог е тогашниот член на Советот на јавните обвинители, Љубомир Јовески, a сите тогашни членови, кои во тоа време му беа негови колеги, едногласно му дадоа позитивно мислење.

Принципиелен, „не подлегнал на притисоци“ ниту од државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, рекла на седницата тогашната в.д. јавна обвинителка на Јавното обвинителство, Лилјана Спасовска.

Се ределе панегирици дека е „човек со висок морал и интегритет“, дека е смирен, одговорен и професионалец.

Пет години нерешена дисциплинска постапка

Дисциплинската за тројцата обвинители кои не постапија професионално на крвавиот четврток што Јовески ја отвори, по пет години уште нема епилог во Советот на јавните обвинители. Едната обвинителка за која се однесуваше дисциплинската, во меѓувреме се пензионира

Неговиот избор не помина мазно. Опозицијата во 2018 година не гласаше, а самиот избор се протна едвај „низ иглени уши“, поточно со трето гласање во парламентот. Пратениците двапати гласаа, но не успеаја да обезбедат кворум поради што претседателот на Собранието, Талат Џафери, по паузата закажа трето гласање, каде што се обезбеди кворум и Јовески беше избран со 61 глас „за“ и еден воздржан.

Во првата изјава за медиумите, веднаш по изборот, тој говореше дека ќе работи на враќање на загубената доверба во обвинителството.

„Пред голем предизвик сме да ја вратиме загубената доверба во работата на Обвинителството пред граѓаните и да се профилира како професионална институција што ќе ги гони сторителите на кривични дела“, велеше тој.

Шест години подоцна, довербата, не само што не се врати, туку речиси ја снема.