Портрет

Нафтениот султан од Пласница

Профил на бизнисменот и пратеник Исмаил Јахоски 

„Можеше кој било друг да стават на негово место.“

Вака старите познаници на Исмаил Јахоски илустрираат како случајно тој станал градоначалник на малата Пласница во 1990-тите. Денес е еден од оние политичари што може да се пофалат дека има песна за нив.

„Пласница, Преглово и Лисичани имаат градоначалник за сите пофалби“, е стих од фолк-нумерата компонирана за кампања во 2017.

А, на почетокот со ништо не се истакнувал над другите во селото. Немал тутурутка со диплома од Скопје, само што почнал да тргува со нафта и бил анонимус за политичкиот врв во главниот град.

„Возеше црвено ‘југо’ што од сонцето беше станато портокалово“, се потсетуваат сведоците на тоа време.

Во 1980-тите, според неговата биографија, работел во земјоделска задруга, па едно време и во приватна фирма. Земјаците помнат дека една од задачите му била да вади песок од Треска.

На првите локални избори во 1996 година, Бранковиот СДСМ го кандидирал за градоначалник, а пласничари го изгласале. Станал партиски активист, го водел огранокот и бил на конгреси.

Оттогаш, со исклучок на еден мандат, низ три децении ја водеше општината и паралелно тргуваше со нафта градејќи бизнис-империја. Веќе во 2002 година, финансиски зајакнал за да се вози во „мерцедес“ и да има свој шофер.

Јахоски е типичен претставник на транзициските моќници што ги преплетуваа бизнисот и политиката и кои како по правило беа поуспешни работејќи за себе. Впрочем, Пласница беше и остана најсиромашната општина во Македонија, а Пуцко е еден од најголемите трговци на горива.

Поради тоа, опозицијата и новинарите му ги бројат милионските тендери, во илјадници квадрати му ги мерат атрактивните парцели низ центарот на престолнината и одгатнуваат заговори во дилови и во судски пресуди.

Веројатно, поради медиумското внимание, тој инсистира дека сега е само пратеник, меѓутоа бизнисите на семејството Јахоски бележат сѐ поголеми профити.

Можеби пумпите им ги препушти на најстариот син, општината на братот, Алија Јаоски, меѓутоа чувството за моќ не го напушта. Тоа го манифестира преку ароганција.

На вонредните избори во 2020 година, кога брат му стануваше градоначалник, тој сакаше јавно да гласа за противникот, покажувајќи надмоќ – убеден бил во победата на Алија.

Кога не му дозволија, го сврте ливчето кон камерата.

ДУИ како погонско гориво

Фото: Facebook

Пред да му тргне со бензинските и посериозно во политиката, на Исмаил Јахоски, сепак, му тргнало на лошо.

Во 2005 година, поради коалициските комбинаторики, СДСМ одлучил за градоначалник да предложи друг соселанец. Јахоски бил изоставен, иако, за сметка на партијата, трпел сериозни обвинувања, како она на претседателските избори кога штабот на Сашко Кедев го обвинил дека полнел кутии за Црвенковски.

Се налутил, независно се кандидирал и изгубил.

Следните четири години се посветил на фирмата, меѓутоа финансиските резултати не покажуваат дека баш од тогаш датираат почетоците на империјата што ја има денес. Незавидната позиција од тој период ја илустрира и кривичната пријава што ја добил за изнуда. Полицијата го обвинила Јахоски дека „лично малтретирал директорка од Македонски Брод“ зашто наводно му должела пари.

Квантниот скок се случил во време на повратничкиот мандат во Пласница, кој го избори како кандидат на ДУИ. Во овие четири години, добивката на фирмата се удвоила од 900.000 на 1,8 милион евра, а вредноста на сите тендери што ги добивала пораснала од 600.000 евра во 2009, на нешто помалку од 14 милиони во 2013 година.

Остана кандидат на ДУИ и на локалните во 2013 и во 2017 година. На општите избори стана пратеник на истата партија, па на негово место, како градоначалник, пласничари го избираат брат му. Повторно како кандидат на ДУИ.

Впрочем, Јахоски со Али Ахмети не го спојува само политиката, туку и бизнисот на нему блиските.

Човек од Пласница што ја транспортира нафтата на „Пуцко петрол“ од тендерите, истовремено е бизнис-партнер на зетот на Ахмети, Куштрим Смајлај од Косово.

А успешноста на „Пуцко петрол“ на тендерите стана пословична. Само лани, од јавни набавки се склучени договори во вредност од педесет милиони евра. Тие само го зацврстија „Пуцко петрол“ како втор најголем играч во нафтената трговија по „Макпетрол“.

Компанијата денес има 12 пумпи низ цела Македонија и околу 180 вработени, поседува десет проценти од „Окта“, што ѝ дава предност на пазарот поради големите капацитети за складирање.

МНР со признание за „Пуцко петрол“

Министерството за надворешни работи (МНР) ѝ доделило признание на „Пуцко петрол“ зашто компанијата го спонзорирала „Преспа форумот за дијалог“, кој се одржа минатиот месец во Струга.

Десетина компании дале пари за форумот, а само „Пуцко петрол“ одвоил најмногу, 15.000 евра, со што фирмата била истакната на паноа како единствен платинест партнер на оваа манифестација.

Следејќи ја логиката на сигурни инвестиции, фамилијата Јахоски амбициозно влезе во градежништвото.

Преку фирма што ја води Хана Јахоска, „Би холдинг“ изградија два објекта во скопски Карпош, кои заедно имаат преку 250 станови, кои се простираат на речиси 20.000 квадрати. Општественото влијание на фамилијата се отсликува и преку зградата што ја „насадиле“ на потегот меѓу Лептокарија и трговскиот „Алуминка“.

Зградата буквално упаднала во урбаниот простор, и тоа се гледа преку адресата, таа се наоѓа на Партизанска 102, додека сите кули во околината се нумерирани со броевите меѓу 60 и 70.

„Пуцко петрол“, пред две години, за 18 милиони евра го купи и земјиштето каде што порано се наоѓаше фабриката „Алумина“ и најави мултимилионерски градежен потфат.

Во портфолиото на фамилија влегува и пиланата на братот, Алија – новиот градоначалник, која е една од ретките места за вработување во сиромашната Пласница. Семејството, меѓу другото, поседува мотел во Кичево и концесија за минерална вода.

Покрај успехот на деловен план, Исмаил Јахоски, во последниве години и лично се надградил.

Не може да се утврди точно кога, меѓутоа меѓу 2020 година и денес, тој завршил економски факултет, судејќи според разликите во биографиите како градоначалник и како пратеник. На сајтот на Пласница во 2020 година пишувало дека завршил само средно економско, а на собранискиот портал тој се претставува како дипломиран економист.

Лукративна агенда во политиката

Избори во Пласница | Фото: БИРН

При личната пресметка со пратеникот Антонијо Милошоски, поради старата општинска зграда во Пласница што ја купи таткото на Милошоски, на површина излегоа обвинувања дека „Пуцко петрол“ е во групата на трговци што ја злоупотребувале црвената нафта.

„Набавува црвена нафта, ја збогатува со сулфур и ја продава за поскапо. Прави личен профит, а со тоа ја оштетува државата, ги оштетува граѓаните“, обвини Милошоски во 2011 година од собраниската говорница.

Додека не се изедначи цената на дизелот и екстра лесното гориво во 2020 година, според анализата на Министерството за финансии од претходната година, „Пуцко петрол“ беше меѓу трите најголеми купувачи на таканаречената црвена нафта.

Во последниов период, опозицијата и медиумите, одредени потези на Јахоски ги доведуваа во контекст на поместувања низ политичката сцена.

Турција во срцето

Карактеристично за жителите од Пласница е дека зборуваат македонски, на пописите се впишуваат како Турци, а официјален Истанбул, преку организацијата ТИКА, сериозно финансиски им помага во општината.

Јахоски на собранискиот сајт се изјаснил како Турчин, па оттаму и неговата голема почит кон лидерите на оваа нација.

Додека беше градоначалник, во кабинетот имаше голема слика од лидерот на Младотурската револуција, Кемал Ататурк, закачена веднаш над бирото, додека од спротивната страна му стоеше врамена фотографија на неговиот син со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Нему му се препишуваше „заслуга“ за приклучувањето на Алијанса на Албанците и нејзиниот прв човек Арбен Таравари во владејачкото мнозинство, со што се дефакторизираа непослушните пратеници од ДУИ.

Таравари, за 150.000 евра, купил куќа во Тафталиџе од Јахоски и од член на неговото семејство, меѓутоа опозицијата тоа го протолкува заговорнички, аргументирајќи дека куќата е платена малку, 500 евра по квадрат.

Последен случај е вмешаноста на „Пуцко петрол“ во скандалот со запленетиот имот на Сеад Кочан, вреден 17 милиони евра, кој, наместо кај државата, преку правни заврзлами заврши во фирмата на Јахоски.

ДКСК заклучи дека станува збор за свесно оштетување на државата и побара од надлежните да ги санкционира сите вклучени во оваа комплексна шема.

„Кланот Јахоски се проширува во правосудството“, вака беше протолкувано назначувањето на неговиот внук Емрах Михтароски за обвинител.

„Која правда може да ја очекуваат граѓаните кога најблиските роднини на политичарите и функционерите што креираат политики и закони се и обвинители и судии?“, реагираше опозицијата.

Исмаил Јахоски не е од оние активни пратеници со чии говори се отвораат ТВ-дневниците. Напротив, според расположливите податоци, кои се однесуваат на 15 месеци од тригодишниот мандат како пратеник, тој имал само едно излагање на пленарна седница.

Тој не одговори на поканата да разговара со БИРН. Впрочем, откако е пратеник, нема интервју со него, а од ретките изјави како градоначалник не може да се добијат контури на некаква негова политичка идеја.

Оттаму и никој не го доживува како идеолог, туку како човек со лукративна агенда во политиката.