За него малку или воопшто не се зборуваше, кога тема на муабет беше „Скопје 2014“. Сепак, новата истрага за спомениците фрли светло врз Владимир Здравев, прикажувајќи го како важна алка во контроверзниот проект.
Овој 49-годишен скопјанец е во притвор од 30 јуни, во рамките на истрагата „Феникс“. Полицијата го приведе на границата кај Табановце.
Обвинителството ја истражува неговата улога во спорните тендери за леење на Воинот на коњ и на уште 10 споменици додека беше прв човек на општинскиот Совет во Центар.
Најголем дел од кариерата ја поминал во администрација, 20 години бил на секакви функции, меѓутоа во притвор влезе како познат скопски угостител со амбиција да успее и во Италија.
Протеже на Груевски
Тој неслучајно е дел од најтесниот круг на некогашната фамилија на власт. Потекнува од истата улица во Капиштец како Никола Груевски и браќата Мијалкови, од маалото околу улицата Васил Ѓоргов, кое, се раскажува, му го дало прекарот Перхан.
Неговата кариера напредуваше под сенката на својот многу попознат комшија, од моментот кога Груевски беше реформаторска ѕвезда во владата на Љубчо Георгиевски, па сè до жестокиот пад на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година.
Во работната биографија напишал дека меѓу 1998 и 2000 бил ангажиран во Министерството за економија, а во 2000 година станал помошник на директорот во Управата за јавни приходи (УЈП). Раководел со процесот на фискализација и останал таму до 2003 година.
Паралелно со ова му бил советник на Груевски и во Министерството за трговија и во Министерството за финансии.
Од позицијата во УЈП, заедно со Гордана Јанкулоска и со Миле Јанакиески, членувал и во Управниот одбор на Националната платежна картичка што ја водеше помладиот од двајцата браќа Мијалкови, Влатко.
Беше човек од доверба на инаку недоверливиот преродбенички лидер.
Функциите му се ределе и кога ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт со Груевски како претседател. Во 2006 година кусо „престојувал“ во управниот одбор на јавното претпријатие за аеродромски услуги, а речиси цела 2007 директорувал со Институтот за акредитација.
Меѓу 2008 и 2010 година беше директор на МЕПСО, а за цело тоа време, уште од декември 2005 година ја држеше општинската функција на претседател на Советот.
„Посветен сум на осмислување и спроведување проекти од значење за заедницата“, на новинарите им ја објаснуваше улогата во општината.
Дури по реакцијата на Антикорупциска отстапи од престижната директорска фотелја, задржувајќи ја онаа во локалната самоуправа.
Само по два месеца од демисијата во МЕПСО го ставија во одборот директори на Македонски телеком.
„На Здравев му е судена втора фотелја“, овој наслов осамна во Утрински весник во 2010 година.
Советот го водеше до 2013 година, кога се смени власта во Центар, додека во Телеком остана до падот на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година.
Угостителот Здравев
Таа 2017, Здравев и неговото семејство со 180.000 евра отвориле фирма во Италија и следната година, според италијанските медиуми, за милион и 700.000 евра купиле запуштен објект во Трст, кој го реновирале во хотел со триесет соби.
Хотелот е во центарот на градот близу неколку историски знаменитости.
Така, фамилијата го прошири угостителскиот бизнис, кој се состои од локал во ГТЦ и хотелот „Солун“, кој се наоѓа на дофат од плоштадот.
Хотелот во Скопје има четири ѕвездички, 53 соби, велнес-центар и конференциска сала.
Здравев не беше функционер што милува да зборува со новинарите, а во ретките пригоди, кога го прашуваа за хотелот, тој не одговараше. Не бил ниту сопственик, ниту, пак, директор, газди биле неговите брат и мајка, Александар и Веселинка.
Брат му преку фирма, која барем на хартија нема вработени и приходи, поседува и куќа во Маврово што се протега на околу 350 квадрати.
СЈО го викна Здравев на распит во 2016 година, меѓутоа за потеклото на имотот или, како што се вели „од каде му се парите“, скопската чаршија и старите познаници се прашуваа многу пред тоа.
Одговорот можеби се крие во карипската офшор-дестинација Белизе. Имено, обвинителството тврди дека Здравев создал група за перење пари.
„Преку офшор-компании создал мрежа на новоформирани правни лица, и тоа три македонски правни лица и едно правно лице во странство, чии управители се опфатени во оваа постапка, и преку кои во повеќе наврати примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност, кои потекнуваат од казнени дела“, објави обвинителот Љубомир Лапе.
Здравев, според обвинителот, ја формирал групата во втората половина на 2008 година.
Во тој период биле основани две фирми, кои низ сложена шема преку Кипар, САД и Белизе инвестирале во Македонија. Тоа се компаниите со мистериозни сопственици „Макинвент“ и „Мелимејт“, кои БИРН во серија истражувања во 2016 година ги доведе во врска токму со Владимир Здравев.
Впрочем, иницијалите на дел од осомничените во „Феникс“ што излегоа во јавноста се поклопуваат со имињата на луѓето од доверба на Здравев, кои ја вршеа улогата на управители на овие фирми.
„Мелимејт“ поседуваше шест стана во центарот на Скопје, во згради на Партизанска и во Дебар маало.
Фирмата „Макинвент“, пак, влезе во бизнисот со хидроцентрали. Сторијата за неа предизвика големо внимание зашто го вклучуваше и Кочо Анѓушев, бизнисменот што набргу стана вицепремиер.
„Макинвент“ поседуваше и сè уште поседува третина од 600.000 евра вредната минихидроцентрала во Крива Паланка, каде што дел од сопствеништвото се и фирми на Анѓушев и на неговиот кум.
„Сопственик на фирмата е бизнисмен, мој пријател од соседството“, тврдеше Анѓушев без да открие за кого станува збор.
Денес, сопствениците се познати. Тоа се еден релативно непознат бизнисмен од Македонија, кој сега, според медиумите, е исто во притвор, и мајката на Владимир Здравев.
Сомнеж за потеклото на сиот овој имот фрлаат трансакциите вредни речиси половина милион евра од познатата офшор-дестинација, Кипар кон „Мелимејт“ и кон „Макинвент“, во периодот кога е во полн ек проектот „Скопје 2014“, од 2009 до 2011 година, на име на основачки влогови на компаниите.
Ползување на моќта
Кариерата или бизнис-подемот на Здравев покажува дека не се воздржувал да ја ползува моќта што ја имал.
Антикорупциска увиде судир на интереси при впишувањето на хотелот „Солун“ во деталниот урбанистички план за Мал ринг, бидејќи, како што тврдеше комисијата, Здравев како претседавач на општината гласал за промените на планот, иако градежната парцела била во сопственост на неговите татко и чичко.
Картите идеално му се поделија и при завршувањето на хотелот „Солун“, кога од државата со непосредна спогодба купи парцела за хотелскиот двор по цена од само 70 денари за квадрат. Спорно во овој случај е тоа што непосредно пред оваа зделка, судот го вратил тоа парче земја на семејство од Тетово, кое го барало по основ на денационализација.
По смената на локалната власт во Центар, во 2013 година, тогаш новоизбраниот градоначалник Андреј Жерновски објави дека за потребите на проектот „Скопје 2014“, Здравев дури осумпати патувал во Италија на трошок на општината.
„Нејасно е зошто тој морал да отиде во Италија“, се чудеше Жерновски.
Италијанските фирми „Фондериа Ф. Маринели“ и за „Пјетро Базанти“ ги добија тендерите вредни 16 милиони евра за 11 споменици што ги истражува обвинителството.
„Спроведени се незаконити јавни набавки за изборот на леарница“, изјави обвинителот без да сподели детали.
Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, во извештајот за „Скопје 2014“, тврдеа дека италијанските леарници биле фаворизирани и двојно поскапи.
Владимир Здравев е еден од 15-те лица под истрага во случајот „Феникс“. Обвинителството практично смета дека поранешната власт од највисоко ниво го замислила и го спровела проектот „Скопје 2014“ со умисла да се исперат пари.
Затоа меѓу осомничените се поранешните премиер и вицепремиер Груевски и Зоран Ставрески и ексградоначалниците на Центар, Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ.