Портрет

Мерко: Од директор на земјоделска аптека до црна листа на САД

Струшкиот градоначалник често беше споменуван во јавноста, но ретко беше под истрага

Полнолетството во политичката кариера, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко го дочека на црната листа на Соединетите Американски Држави. На неа се најде и неговото потесно семејство поради значајна корупција.

Според соопштението на Стејт департментот, како градоначалник на Струга, Мерко „присвои средства и се мешаше во судските и во другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери на Северна Македонија“.

Американските власти се скромни во објаснувањето за каква точно корупција станува збор, но јасно е од нивните изјави дека не се работи за ситни подмитувања.

„Одлуката е донесена затоа што државниот секретар имал веродостојни информации што сугерираат дека г-дин Мерко бил вмешан во голема корупција“, рече координаторот за корупција на Стејт департментот, Ричард Нефју.

Доктор Рамиз Мерко, како што официјално е наведен во биографијата објавена на општинската интернет-страница, до 2003 година работел и државно и приватно, како референт во Агенцијата за земјоделство, но и како директор на семејната земјоделска аптека.

Тој сега нема бизниси на свое име, но имаат членови од неговото семејство. Еден од нив е синот Генц, кој заедно со двете сестри и со мајка му се најде на листата санкционирани од САД.

Генц е сосопственик на Еуро колеџ Струга, фирма, која, пак, е сопственик на Меѓународниот универзитет во истиот град. Просветните инспектори пред неколку години тврдеа дека таа установа работи како „пералница за дипломи“ оти студенти учеле без нострифицирани документи, а дека имало и професори што предаваат без дипломи, а меѓу нив и самиот градоначалник.

Но, тој случај не доби никаков епилог, а во меѓувреме, папката на правни постапки против Мерко и неговото семејство во Македонија ретко се полни, иако сомнежи често се изнесуваа во јавноста.

Денеска дури и премиерот Димитар Ковачевски спореше со постапките на македонските истражни органи, па праша „како Америка на илјадници километри од тука видела корупција кај Мерко“, а домашните институции не забележале.

Мерко е присутен на македонската политичка сцена од 2005 година, кога првпат стана градоначалник на Струга. Потоа доби уште еден мандат во 2009 година, па така со општината раководеше сè до следните избори во 2014 година.

Пред крајот на вториот мандат за него беше подигнато обвинение. МВР отвори постапка во 2013 година поради тоа што дозволил изградба на дивоградба, но обвинението беше повлечено во 2016 година, со оцена дека не е кривично дело. Подоцна судот во Струга го ослободи.

Во меѓувреме, додека не беше градоначалник стана пратеник. Од редовите на ДУИ беше дел од парламентарното мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ од 2014 до 2016 година. По тогашната промена на власта и доаѓањето на СДСМ влезе во владиниот кабинет на Зоран Заев како министер без ресор.

Пред гласањето на министрите доби и јавна потврда од тогашното Специјално јавно обвинителство, дека за предложени кадри не се води постапка.

Во кратката министерска улога немаше многу јавни настапи. Владата на Заев беше избрана на први јуни 2017 година, а веќе во октомври истата година Мерко одлучи да се натпреварува за позицијата од која и ја почна својата политичка кариера.

На локалните избори тогаш го победи Зијадин Села и од тогаш тера втор градоначалнички мандат.

Во меѓувреме имаше многу сомнежи за неговите постапки како градоначалник. Во 2019 година, Антикорупциската комисија иницираше  кривично гонење поради злоупотреба на положбата при купувањето четири автомобили вредни вкупно 114.000 евра, и тоа во време кога општината има долг од четири милиони евра.

„Долгот на општината е ирелевантен, ќе го исплатиме“, рече Мерко тогаш на интервју, потсмевајќи се на забелешките на новинарот за новиот автомобил „ауди“, во кој тој се возеше како градоначалник. 

„Видиш колку е убаво? Како јас ќе дојдев вечерва ако немав возило… Каков градоначалник сум јас, со „фиќо“ ќе одам? Не вреди градоначалник со скинати алишта и слаба кола. Море требаше да земам уште поубаво возило“, рече Мерко.

Ова се случуваше во 2019 година. Истата година, откако УНЕСКО инсистираше дека треба да се урнат дивоградбите во струшкиот крајбрежен појас за да се зачува статусот на Охридско Езеро, Мерко стана актуелен со контратврдењата – дека дивоградби нема.

Тогаш почна и конфликтот со тогашниот премиер Заев, кој дури и јавно кажа дека жали за поддршката што му ја дале на локалните избори во 2017 година.

Мерко низ годините даваше и други скандалозни изјави, кои често оставаа впечаток дека воопшто и не му е грижа како ќе бидат разбрани во јавноста.

Па, така во 2012 година бараше пукањето со пиштоли на свадбените веселби да биде дозволено оти „вообичаено е да се пука еднаш додека невестата ја носат од нејзиниот дом или кога семејството се разделува од својата ќерка“.

Тој има уште половина мандат како градоначалник на Струга. Сега во американскиот систем е заедно во друштвото со претходно санкционираните Никола Груевски, Сашо Мијалков, Љубе Бошкоски, Мендух Тачи, Џеват Адеми и други.