Портрет

Од демократ во исламист-автократ: Ердоган се соочува со најтешкиот тест

Што го очекува турскиот претседател на изборите викендов?

Кога Реџеп Таип Ердоган победи на своите први избори во 2002 година, тој беше перспективен конзервативен демократ. Дваесет и една година подоцна, тој в недела ќе се соочи со најтешките избори досега против обединетата демократска опозиција.

Турција драматично се промени за време на владеењето на Ердоган. Во текот на првите десет години, земјата стана ЕУ кандидат, почна со одамна задоцнетите реформи, економијата напредуваше и стана ценет партнер за Западот.

Во втората деценија речиси сè тргна надолу. Земјата се оддалечи од ЕУ и од Западот, економијата беше уништена, а правата, слободите и владеењето на правото паднаа на најниско ниво во поновата историја на Турција.

Анкетите покажуваат дека трката меѓу Ердоган и неговиот противкандидат од опозицијата за претседателската функција, Кемал Киличдароглу е тесна

Иако Ердоган има победено на речиси сите избори на кои учествувал, на парламентарните и на претседателските избори што се одржуваат на 14 мај, тој ќе се соочи со најголемиот предизвик досега.

Анкетите покажуваат дека трката меѓу Ердоган и неговиот противкандидат од опозицијата за претседателската функција, Кемал Киличдароглу е тесна. Трката меѓу нивните коалиции на поддржувачи, кои се стремат да постигнат мнозинство во парламентот, е еднакво неизвесна.

Сепак, Ердоган звучи самоуверено. „Се подготвуваме да напишеме сосема нов еп со силата што ја црпиме од она што го постигнавме во последната 21 година. Како нација, сега сме пред многу поголеми пресврти“, рече Ердоган на митингот на 3 мај во неговиот роден град Ризе, во регионот на Црно Море.

Од друга страна, критичарите сметаат дека уште една победа само ќе го зацементира неговото сѐ поавтократско владеење. Овој потенцијален исход би му обезбедило мандат на Ердоган да се оддалечи уште повеќе од Западот и од ЕУ и да ја уништи секоја форма на опозиција.

За опозицијата, пак, изборите на 14 мај се последната шанса за зачувување на турската демократија и спречување на земјата од натамошно лизгање кон автократско уредување.

Од село на Црно Море до лидер на државата

Во 2001 година, под негово водство беше основана Партијата на правдата и развојот (АКП) | Фото: www.tccb.gov.tr

Ердоган бил роден во 1954 година, во Ризе, во сиромашно муслиманско конзервативно семејство. Подоцна, семејството мигрирало во Истанбул, во потрага по нови можности.

Доживеал економски тешкотии за време на неговото детство. Морал да работи како уличен продавач на симит, флаширана вода и разгледници.

Неговите политички ставови биле обликувани во верско средно училиште, кое го посетувал во 1970-тите, во време кога политичката исламистичка мисла се вкорени во земјата. Бил вешт дебатер и спортист, уживал во фудбалот, но немал највисоки академски успеси.

Во 1981 година завршил студии по бизнис-администрација на факултетот „Аксарај“ за економија и комерцијални науки, кој денес е познат како универзитет „Мармара“.

Во 1994 година Ердоган бил избран за градоначалник на Истанбул, изненадувајќи ги речиси сите кога стана првиот исламистички градоначалник на градот

За време на универзитетските студии се вклучил во политиката. Во 1976 година се приклучил на антикомунистичката акциона група Националниот турски студентски сојуз. Истата година, тој станал шеф на младинскиот огранок на Бејоглу на исламистичката Партија за национален спас (МСП), а подоцна станал и претседател на младинскиот огранок на партијата во Истанбул.

Неговата политичка кариера беше запрена со воениот удар во 1980 година, кога работел како консултант и администратор во приватниот сектор. Во 1983 година се вратил во политиката, овојпат со исламистичката Партија за благосостојба (РП), станувајќи претседател на огранокот во областа Бејоглу, а подоцна станал и претседател на огранокот на партијата во Истанбул.

Под негово водство, РП се издигна во Истанбул. А во 1994 година бил избран за градоначалник на Истанбул, изненадувајќи ги речиси сите кога стана првиот исламистички градоначалник на градот.

Додека беше градоначалник покажа талент како ефикасен популист. Ги реши хроничните проблеми со водоснабдувањето, транспортот и инфраструктурата во градот, а стана политичка фигура и на национално ниво.

Меѓутоа, во 1999 година, секуларниот режим го затвори поради рецитирање на стиховите на една исламистичка песна: „Џамиите се нашите касарни, куполите наши шлемови, минарињата наши бајонети и верни наши војници“.

Но, неговите четири месеци затвор само ја зголемија неговата слава. Тоа се совпадна со политичките превирања во земјата и во неговата партија, бидејќи воениот режим резултираше со исклучување на неговата партија од владата.

Партија за благосостојба (РП) беше затворена од судовите во 1998 година. А новоформираната Партија на доблеста (ФП), исто така, беше затворена во 2001 година поради наводно прекршување на секуларистичките членови од Уставот на Турција.

По затворањето на ФП, Ердоган и неговите сојузници се разделија, а тој реши да тргне по нов пат за да ја прошири својата политичка база. Во 2001 година, под негово водство беше основана Партијата на правдата и развојот (АКП).

Бајката за демократија се претвора во автократска реалност

Пречек на Ердоган во Гостивар во 2011, кога тој беше премиер на Турција | Фото: Роберт Атнасовски

АКП ја освои својата прва победа на изборите во 2002 година, освојувајќи мнозинство во парламентот. Тогаш, Турција сè уште закрепнуваше од економските кризи и од политичките превирања во 1990-тите.

Како премиер, Ердоган се залагаше за статус на кандидат за ЕУ за Турција, повеќе слободи и економски развој.

Во 2005 година, Турција стана кандидат за членка на ЕУ. Тоа му овозможи на Ердоган да направи важни реформи за подобрување на демократијата и владеењето на правото, но и за намалување на улогата на војската во политиката.

АКП се соочи со случајот во кој имаше потенцијал да ја затвори партијата, но само ја доведе до нови врвови. На изборите во 2007 година, АКП доби 46,66 отсто од вкупните гласови.

Во 2010 година, со 57,88 отсто од гласовите на референдумот беше усвоен уставен пакет и беа направени измени со кои тој се усогласи повеќе со стандардите на Европската Унија. Поддржувачите на членството во ЕУ се надеваа дека уставните реформи би го олесниле процесот на членство.

Во 2016 година, во Турција имаше неуспешен обид за државен удар. Лојални војници и луѓе на улиците го спречија обидот за пуч, во кој над 250 луѓе ги изгубија животите

За многумина, тоа беше врвот на Ердоган. Британски „Тајмс“ во 2011 година пишуваше за „Патот на Ердоган“, поздравувајќи ги промените што премиерот ги донел за државата: „Турскиот происламски лидер ја изгради својата секуларна, демократска нација пријателски настроена кон Западот во регионална моќ“. На изборите во 2011 година, АКП освои речиси половина од вкупниот број дадени гласови, постигнувајќи ја својата трета победа.

Но, тоа беше и пресвртна точка, најавувајќи придвижување кон поавторитарни политики.

Во 2013 година почнаа протестите во одбрана на паркот Гези, во близина на истанбулскиот плоштад Таксим, каде што градските власти планираа да градат објекти.

За кратко време, протестите прераснаа во национален излив на бес против растечкиот авторитаризам на владата на Ердоган.

Демонстрациите го оспоруваа неговото владеење на национално ниво и беа пресретнати со брутална полициска акција во која загинаа најмалку девет лица, а илјадници беа приведени.

Истата година, полицијата и судството беа фокусирани на Ердоган, неговото семејство и високи партиски и владини имиња поради обвиненија за корупција. Сепак, Ердоган возврати и ги отпушти сите полицајци и обвинители што ја водеа операцијата.

Тој сметаше дека тоа е обид за државен удар поттикнат од неговиот некогашен сојузник, сега прогонетиот свештеник Фетула Ѓулен. Ердоган претходно се здружил со Ѓулен и со неговата мрежа, со која успеа да ја зацементира својата власт, поставувајќи „ѓуленисти“ на високи позиции во државата, полицијата, армијата и во судството. Тврдењата за корупција никогаш не беа истражени.

Во 2014 година, Ердоган ја напушти премиерската позиција, кога беше избран за претседател. Сепак, судирите со неговиот поранешен сојузник Ѓулен, и без Ердоган на чело во парламентот, предизвикаа гласовите на АКП значително да се намалат на изборите во 2015 година и партијата го загуби парламентарното мнозинство.

Тоа, исто така, се совпадна со серија терористички напади и судири меѓу безбедносните сили и милитантите на забранетата Курдистанска работничка партија, ПКК. На изборите во ноември истата година, АКП доби 49 отсто од гласовите и го врати мнозинството.

Само една година од обидот за државен удар, Ердоган го стави на референдум својот долгогодишен сон за претседателски систем без речиси никакви контроли. По контроверзните резултати на референдумот, овие измени беа прифатени

Во 2016 година, во Турција имаше неуспешен обид за државен удар. Лојални војници и луѓе на улиците го спречија обидот за пуч, во кој над 250 луѓе ги изгубија животите.

Ердоган инсистираше на тоа дека тој бил организиран од поддржувачите на Ѓулен во армијата. Со ова објаснување, државата почна голема акција. Повеќе од 125.000 јавни службеници беа отпуштени, а 511.000 луѓе беа приведени или уапсени поради наводни врски со Ѓулен.

Критичарите го обвинија Ердоган дека го искористил пучот за да ги таргетира сите негови критичари.

Многу активисти за човекови права и политичари, вклучително и основачот на Фондацијата Отворено општество во Турција, Осман Кавала, и популарниот курдски политичар Селахатин Демирташ, оттогаш се држат во затвор со години, и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Само една година од обидот за државен удар, Ердоган го стави на референдум својот долгогодишен сон за претседателски систем без речиси никакви контроли. По контроверзните резултати на референдумот, овие измени беа прифатени.

Од 2018 година, Ердоган, заедно со своите националистички и исламистички сојузници, владее со земјата, со железна тупаница. Од тогаш, страдаа правата и слободите на жените, особено поради излегувањето на земјата од таканаречената Истанбулска конвенција за спречување насилство врз жените и семејно насилство во 2021 година. Владата, исто така, ја зголеми цензурата на медиумите, користејќи драконски закони и прописи.

Изгубени економски и дипломатски придобивки

Tурскиот БДП по жител се зголемил, од 3.100 долари во 2001 на 12.500 во 2013 | Фото: www.tccb.gov.tr

Демократијата и слободите не беа единствените работи што страдаа за време на втората половина од владеењето на Ердоган. Економијата и угледот на земјата како западен сојузник, исто така, беа уништени.

Во текот на првата деценија од владеењето на Ердоган, Турција стана економска сила во регионот. Банкарскиот систем беше силен, надворешната трговија во подем и земјата водеше дури неколку големи инфраструктурни проекти.

Турција ја преживеа глобалната економска криза од 2008-2009 година со мала штета, а во 2010 година забележа најголема годишна стапка на раст во светот, од 11 отсто. Во истиот период, западните економии се намалија и беа заглавени со ефектите од економската криза.

Богатството на луѓето, исто така, се порасна. Според Светска банка, турскиот БДП по жител се зголемил, од 3.100 американски долари во 2001 година, на 12.500 американски долари во 2013 година, што е еден од најголемите растови на глобално ниво.

Овој бум му овозможи на Ердоган да следи проактивна надворешна политика фокусирана на инструментите на „меката моќ“, како што се меѓународната помош, медиумската експанзија и стипендиите.

Турција формираше неколку институции за да го зголеми овој политички пристап, како што се агенцијата за помош ТИКА, јазичните центри на Институтот Јунус Емре и новинската агенција Анадолу. Турската државна фирма ТРТ отвори филијали и на локални јазици.

Овие институции посебно се фокусираа на Балканот, Кавказ и во Централна Азија, кои беа прифатени како природна заднина на турската надворешна политика. Како сигурна членка на НАТО и членка-кандидат за ЕУ, Анкара на почетокот беше поддржана од Вашингтон и од Брисел.

Успешната економска приказна, во меѓувреме се претвори во неуспех. Огромните падови на вредноста на турската лира и високата инфлација ја направија Турција посиромашна

Турската одбранбена индустрија се вклучи во овој економски бум. Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот, растечката одбранбена индустрија на Турција го зголемила својот извоз за 69 отсто во последните пет години, со значително зголемување на нејзиниот удел во глобалната трговија со оружје.

Извозот на оружје на Турција, особено вооружените беспилотни летала (дронови), добија големо медиумско внимание, бидејќи ја променија судбината на неколку војни, вклучително и локалната војна во Либија, азербејџанско-ерменската војна и тековната војна во Украина.

Во 2013 година, Ердоган и неговото семејство беа примени во Белата куќа од тогашниот американски претседател Барак Обама, кој ги нарече Турција и нејзиниот лидер пријатели на САД и стратешки партнер.

Меѓутоа, во последната деценија, турската надворешна политика драматично се промени. Проблемите со НАТО и западните сојузници се зголемија поради приближувањето на Турција со Русија и другите надворешно-политички несогласувања, како што е вмешаноста на Турција во либиските и во сириските конфликти.

Како резултат на авторитарните потези дома и неколкуте надворешно-политички несогласувања, процесот на членство на Турција во ЕУ е практично мртов. Сега, односите ЕУ – Турција се сведени на неколку теми, како што е запирање на мигрантските текови во ЕУ преку Турција.

Купувањето руски високотехнолошки ракетни системи С-400 од Турција во 2016 година ги поттикна американските и европските санкции. Поради тоа, земјата беше исфрлена од неколку западни проекти и иницијативи, како што е проектот за Ф-35 борбени авиони.

Некогаш почитувана и поддржана во другите региони, Турција под Ердоган сега се смета за расипувач на западните и европските вредности. Одбивањето на Ердоган да се приклучи на западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина само го зацврсти овој став во западните престолнини.

Некогаш почитувана и поддржана во другите региони, Турција под Ердоган сега се смета за расипувач на западните и европските вредности

Успешната економска приказна, во меѓувреме се претвори во неуспех. Огромните падови на вредноста на турската лира и високата инфлација ја направија Турција посиромашна. Вредноста на лирата падна за повеќе од 200 отсто само за три години, а инфлацијата се искачи на официјална стапка од 64 отсто минатата година. Неофицијално оваа стапка е и на многу повисоко ниво.

Турскиот БДП, по жител, падна на 9.600 американски долари во 2021 година и поради овој пад ризикува да ја изгуби својата улога меѓу 20-те најголеми светски економии.

Огромните земјотреси во февруари со јачина од 7,9 и 7,7 степени според Рихтеровата скала дополнително ги влошија работите. Бидејќи повеќе од 50.000 загинаа, а милиони останаа без домови, властите објавија дека земјотресите најверојатно ќе ја чинат економијата 103,6 милијарди долари, што е еднакво на една осмина од БДП на земјата во 2021 година.