Опозицијата и „огнените“ секојдневно го напаѓаат портретирајќи го како ѓаволот лично, медиумите и социјалните мрежи „пламнуваат“ на неговите некогаш неодмерени изјави, а обичниот народ сè повеќе го доживува како најмоќниот политичар во Македонија.
Тој, пак, ербапски, со подвиткани ракави од белата кошула игра кошарка и фудбал на мали голчиња со колегите во кабинетот. Со џокеровска насмевка ги боцка новинарите дека само уште за времето не го прашале и театрално на прес ја симнува вратоврската и му ја дарува на репортерот што заклучил дека краватата во маскирен дезен е воена провокација.
На Илинденска бр. 2 често ги протегнува нозете отаде чергичето и солира за клучни прашања.
„Прва точка – уставни измени, втора точка – распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум, нека влезат, нека гласаат“, ова првиот вицепремиер Артан Груби на телевизија им го понуди на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, откривајќи дека понудата не ја консултирал со премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот Али Ахмети.
Меѓутоа, седокосите сопартијци, дел од оние што и не се баш директно вмешани во партискиот раскол, саркастично ќе речат:
„Чаламџија!“
„Се фали дека го чува пенкалото со кое го потпишал договорот со ‘Бехтел и Енка’, а тој, всушност, ништо нема потпишано. Не е тоа негова работа“, коментираше партиски функционер на интегративците во неформален разговор со БИРН.
Фаленичарењето сериозно влијае врз сликата за него.
Не е потребна посебна сондажа на јавното мислење да се заклучи дека етничките Македонци баш и не го сакаат, иако на хартија тој би требало да биде далеку поприфатлив отколку неговите сопартијци – поранешни команданти.
Не е носител на герилски прекар, средно училиште учел во Карпош, во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, студиите ги завршил на државниот скопски универзитет УКИМ и беспрекорно говори македонски.
Ужива во медиумското внимание
Артан Груби ја надгради пратеничката со вицепремиерска функција по изборите во 2020 година. Прво во владата на Заев, а сега на Ковачевски, тој е министер за политички систем и односи меѓу заедниците и прв потпретседател на владата. Во описот и пописот на неговите задачи никаде нема инфраструктурни проекти.
Нема кога и каде да фрли лопата и да пресече лента.
Меѓутоа, потпретседателската функција му дава маневар да се занимава и со други прашања, а тој максимално ја користи можноста во случајот со „Бехтел и Енка“. Дотолку што изгледа дека ги грабнал патиштата од рацете на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и не му ги враќа.
Самоуверено „сурфа“ на бранот незадоволство предизвикан од скандалите, максимално користејќи го медиумското внимание. Единствено тој од владиниот тим влегува во материјална расправа со новинарите околу аферата со надзорот за коридорите 8 и 10.
„Дали тука кај нас се обвинети? Не!“, најчесто вака го правда изборот на дел од компаниите за надзор, чиj сопственик во странство се гони за измама.
Приватизацијата на проектот може да се протолкува како политички маркетинг зашто патиштата ќе минуваат главно во западна Македонија, каде што живее мнозинско албанско население.
Многумина веруваат дека Груби вака си го поплочува патот кон премиерската функција зашто за помалку од година треба да се реализира „псе-јо“ договорот меѓу Заев кон Ахмети.
„’Зборувај со Артан’ е одговорот што сите го добиваат кога нешто ќе му побараат на Ахмети“, вака припадник на „огнената“ група во разговор за БИРН ја опишува моќта што сега ја има вицепремиерот.
Најдобро знае каде му е местото
Неодамнешниот митинг на ДУИ во Чаир, предводен од Груби, целеше да демонстрира кој е кој на улиците во една од најважните општини за партијата.
Собирот беше одговор на „огнените“ обвинувања дека вицепремиерот, иако роден чаирчанец, не го сакаат ни во маалото и оти за него никогаш немало место во раководството на локалниот огранок и згора на сè – баш тој е лицето на најголемиот партиски пораз во Чаир како носител на листата во 2016 година.
Спасувањето на фудбалски клуб Слога од пониските лиги и неговото ребрендирање со општински пари во шампионскиот Шкупи се толкува како обид на Груби и на луѓето околу него, кои се во структурите на клубот, да се придобијат симпатиите на чаирчани.
Изворот на неговата политичка моќ често се мистифицира со шпекулации и со теории најмногу зашто недостасува логично објаснување зошто Ахмети баш Артана го зел при срце.
Заговорите одат по линијата дека Груби силата пред лидерот ја црпи „од надворешни сили“, алудирајќи на неговата работа за дипломатски претставништва и мисии и на ангажманот како хашки преведувач. Дека имал силен грб се толкува и тоа што влезе во партијата прескокнувајќи ги сите скалила директно на врвот, како шеф на кабинетот на Ахмети по тепачката на Кале во 2011 година, во која тој имаше и тоа како впечатлива боксерска улога.
Озборувањата околу причините за неговата стеларна партиска кариера ги засилуваат настани како оној во Диво Насеље, кога на изненадување на сите се откри дека лично тој преговарал со терористичката група.
„Според доказите од ПИ-мерките, пратеникот Артан Груби комуницирал со терористите, и тоа во моментот додека се пукаше на сите страни“, се обелодени на судењето.
И покрај сето тоа, остава впечаток дека самиот тој најдобро знае каде му е местото.
Во досегашните интервјуа за себе велел дека е продолжената рака на Али Ахмети во извршната власт, исто како што на времето биле Муса Џафери и Абдулаким Адеми. И доколку лидерот одлучи да го тргне од политиката, тој беспоговорно би го послушал.
„Во моментот кога Али Ахмети ќе ми рече да си седам дома, јас ќе си седам дома. И нема ни А, ни Б да кажам“, изјави Груби во интервју, во февруари годинава.
Нов лидер или нов „потрошен материјал“
Првиот вицепремиер го следат контрoверзии и обвинувања за лукративни потфати, при што не се штедат ни членовите на неговото семејство.
Очебијна е сенката на Груби врз профитабилното јавно-приватно партнерство во новоформираната видеолотарија.
Тројца од петте члена на надзорниот одбор на видеолотаријата важат за „луѓе на вицепремиерот“. Перпарим Бајрами му беше шеф на кабинетот, Омер Буњаку е советник во Министерството за политички систем, додека третиот – функционер на ДУИ од Дебар, Артин Спахиу, во една пригода, ќе воскликне:
„Артан Груби e страшен за противниците, a богатство за Албанците.“
Моќна партиска и политичка позиција не се утврдува без медиумска поддршка.
Со сегашниот прв вицепремиер се поврзува и сопственикот на порталите што го собрале кајмакот од државноплатените изборни реклами во интернет-просторот на последните избори во 2020 година. Тетовецот Рами Мислими обединува четири портали, кои за парламентарните избори добија дури 70.000 евра од буџетот, а токму Мислими е предлогот на пратеникот Груби во 2018 година за член на комисијата за државната награда за новинарство и публицистика.
Обвинувањата за лукративни комбинации се дел од причините за бунт во ДУИ, меѓутоа, главното незадоволство произлегува од стравот на „огнените“ дека Груби ќе го наследи Ахмети на лидерското место.
Сепак, постојат и толкувања, втемелени врз досегашната динамика меѓу лидерот од Зајас и неговите бројни заборавени заменици, дека Артан Груби е уште еден во низата ликови на истурена позиција во владата, кои се во функција на долговечноста на политички мумифицираниот Аxмети, човекот што две децении е во власта, за сè и сешто се прашува – а за ништо не одговара.