Портрет

Изборите ќе ја решат судбината на црногорскиот политички моќник

Претседателските избори во Црна Гора се решавачки момент за Ѓукановиќ и за неговата партија

Претседателските избори во Црна Гора, на 19 март би можеле да бидат судбоносни за претседателот Мило Ѓукановиќ и неговата Демократска партија на социјалистите, ДПС, кои се борат да го запрат двегодишното губење нa поддршката. Партијата што доминираше во Црна Гора речиси три децении, на парламентарните избори во август 2020 година загуби од нестабилната коалиција сочинета од три поранешни опозициски блока.

Политичкиот пад на долговладејачката партија продолжи и на локалните избори во октомври минатата година, кога изгуби власт во 10 од 14 општини, вклучувајќи го и главниот град Подгорица. На локалните избори во декември 2021 година, партијата ја загуби власта дури и во Мојковац и во Цетиње, градови каде што во минатото доминираше ДПС .

Според анкета за јавно мислење од декември, повеќе од 46 отсто од граѓаните рекле дека можеби би гласале против Ѓукановиќ, додека само 24 отсто рекле дека би го поддржале

На 6 март, Ѓукановиќ (61) изјави дека претседателските избори веројатно ќе бидат пресвртница во историјата на земјата.

„Подготвени сме да формираме сериозна коалициска влада откога ќе победиме во првото полувреме на претседателските и во второто на парламентарните избори. Ни требаат предвремени избори во следните два или три месеци за да може новата влада да ја води Црна Гора кон стабилност и кон европски просперитет“, рече Ѓукановиќ на партискиот собир  во Плав.

Земјата во моментов е предводена од малцинската влада, која е во заминување, откако падна на 19 август 2022 година. Владејачкото мнозинство и претседателот се борат околу тоа дали да изберат нова влада или да одат на предвремени избори.

Ѓукановиќ, на 19 март се соочува со шест противкандидати, од кои четворица се од блоковите на владејачкото мнозинство.

Негови клучни ривали ќе бидат Јаков Милатовиќ, кандидатот на движењето „Европа сега“, кое моментално е во подем, Андрија Мандиќ, лидерот на просрпската група Демократски фронт  и Алекса Бечиќ, лидерот на граѓанската група Демократска Црна Гора.

Други кандидати се  Драгиња Вуксановиќ Станковиќ, пратеничката на опозициската Социјалдемократска партија, Горан Даниловиќ, лидерот на владејачката Обединета Црна Гора, и инфлуенсерот Јован Радуловиќ Јоџир.

Доколку Ѓукановиќ ги изгуби овие избори, тоа дефинитивно би значело уште поголем пад на поддршката на јавноста [за ДПС]

Универзитетската професорка Николета Ѓукановиќ, за БИРН, изјави дека на претседателските избори Ѓукановиќ ќе се обиде да го спречи натамошниот пад на неговата партија.

 „Претседателските избори дефинитивно ќе ја покажат моменталната сила или слабост на ДПС, што ќе влијае врз нивните следни потези и позиции во однос на предвремените избори. Доколку Ѓукановиќ ги изгуби овие избори, тоа дефинитивно би значело уште поголем пад на поддршката на јавноста [за ДПС]“, рече таа. „Губењето на поддршката е евидентно, и покрај сите лоши потези во владејачките партии, и тоа треба да ја загрижи ДПС“, додаде таа.

Според анкета за јавно мислење од декември, повеќе од 46 отсто од граѓаните рекле дека можеби би гласале против Ѓукановиќ, додека само 24 отсто рекле дека би го поддржале.

Друга анкета од 22 февруари покажа дека најдобрата надеж за Ѓукановиќ е пресметка во вториот круг со Мандиќ, чии просрпски ставови на се гледаат со сомнеж од либерално настроените гласачи. Од друга страна, пак, според анкетата, Ѓукановиќ би можел да загуби во вториот круг од Милатовиќ и од Бечиќ.

Од комунистички апаратчик до поддржувач на ЕУ

Еден од политичките лидери со најдолг стаж во модерната европска историја | Фото: www.dps.me

Роден во добро ситуирано семејство од средна класа во 1962 година, Ѓукановиќ, син на судија, дипломирал на катедрата по економија во главниот град Подгорица, тогашен Титоград. По дипломирањето, тој почнува да се искачува по скалата на владејачката југословенска комунистичка партија како шеф на подмладокот на Сојузот на комунистите, како што тогаш беше позната партијата .

За време на таканаречената „антибирократска револуција“ на српскиот автократ Слободан Милошевиќ во есента 1989 година, Ѓукановиќ и неговите сопартијци Светозар Маровиќ и Момир Булатовиќ го водеа „новиот про-Милошевиќ бран“ во црногорската комунистичка партија, кој го собори старото раководство во почетокот на 1990 година.

Младите лидери беа наречени „џемпераши“, крстени по плетените џемпери што ги носеле за време на „антибирократските“ протести во Подгорица.

Ѓукановиќ стана премиер на Црна Гора во февруари 1991 година, на неговиот 29-ти роденден. Иако тоа беше неговата прва вистинска работа, тој стана еден од политичките лидери со најдолг стаж во модерната европска историја.

Мило Ѓукановиќ стана премиер на Црна Гора во февруари 1991 година, на неговиот 29-ти роденден. Иако тоа беше неговата прва вистинска работа, тој стана еден од политичките лидери со најдолг стаж во модерната европска историја

Toj и неговата ДПС, исто така предводени од Булатовиќ и од Маровиќ, почнаа како следбеници на Милошевиќ,  српскиот националистички водач за време на војната во Југославија во раните 1990-ти.

Но, додека југословенската држава, која тогаш беше сочинета само од Србија и Црна Гора, стана заглавена во економска беда и дипломатска изолација, Ѓукановиќ почна да се дистанцира од Милошевиќ во 1997 година.

Овој политички пресврт му помогна на Ѓукановиќ да го подобри својот имиџ на меѓународната сцена по долгогодишна загриженост на Западот поради шверцот со цигари што цутеше на црногорските пристаништа како финансиски спас за државата, за време на годините на војна и санкции.

Иако Европската Унија претпочиташе продолжување некаква форма на унија со Србија, Ѓукановиќ, сепак, почна да се залага за обновување на државноста на Црна Гора, нешто што балканската држава го изгуби со крајот на Првата светска војна.

Ѓукановиќ продолжи со овие политички цели, предводејќи го таборот за независност во мај 2006 година до тесна победа на референдумот, што резултираше со распаѓање на државната заедница меѓу Србија и Црна Гора.

Неговата влада потоа ги почна преговорите за членство во ЕУ , во јуни 2012 година. Но, во последната деценија, само три од 33-те преговарачки поглавја беа затворени. Под владата на ДПС, Црна Гора стана членка на НАТО во јуни 2017 година.

Комбинирање на политика и бизнис

На 19 март ќе се гласа за седум претседателски кандидати | Фото: БИРН/Самир Кајошевиќ

За време на неговата речиси тридецениска кариера, која вклучува извршување различни функции, Ѓукановиќ напредуваше и во бизнисот, станувајќи богат човек, кој за време на неговата кратка пауза од политиката од 2006 до 2008 година основа пет компании.

Три од овие фирми продолжија да работат откако Ѓукановиќ се врати на својата стара функција како премиер во 2008 година – „Капитал Инвест“, инвестициска, консултантска и менаџмент фирма, која поседува удел во поголема банка, „Прва банка“; „Универзитас„, компанија која управува со приватниот универзитет во Доња Горица; и „Глобал Монтенегро“, туристичка и консултантска компанија.

Специјалното државно обвинителство на Црна Гора отвори истрага за наодите на „Пандора пејперс“, кои открија дека Ѓукановиќ и неговиот син Блажо имале пари на офшор-сметки преку две големи компании

Изворот на неговото богатство и неговата големина низ годините се предмет на шпекулации.

Во октомври 2021 година, Специјалното државно обвинителство на Црна Гора отвори истрага за наодите на „Пандора пејперс“, кои открија дека претседателот Ѓукановиќ и неговиот син Блажо имале пари на офшор-сметки преку две големи компании.

Документите „Пандора“ открија како една швајцарска прокси фирма му помогнала на Ѓукановиќ да создаде две компании на Британските Девствени Острови во 2012 година.

Во 2010 година, британскиот весник „Индипендент“ го вброи Ѓукановиќ меѓу 20-те најбогати политичари во светот. Една година претходно, Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, ICIJ, го процени неговото богатство на 14,7 милиони долари.

Ѓукановиќ, пак, вели дека бројките се измислени и се дел од кампањата против Црна Гора, која сака да се оцрни како мафијашка држава. „Би било прекрасно да беше така, но за жал не е“, рече тој за својата финансиска состојба во 2011 година.

Во меѓувреме, поради критиките за состојбата на демократијата во Црна Гора, неговата популарност е значајно намалена. Некогаш оценувана како регионален фаворит за членство во ЕУ, во извештајот на Европската комисија за 2019 година се вели дека корупцијата „е распространета во многу области, што остава простор за загриженост“.

Во 2010 година, британскиот весник „Индипендент“ го вброи Ѓукановиќ меѓу 20-те најбогати политичари во светот. Неговото богатство се проценува на 14,7 милиони долари

Во мај 2020 година, организацијата за набљудување на демократијата Фридом хаус ја оцени Црна Гора, исто како и Србија, како „хибриден режим“, повикувајќи се на „години на зголемено заробување на државата, злоупотреба на моќта и автократските тактики користени од Александар Вучиќ во Србија и Мило Ѓукановиќ во Црна Гора“.

Во меѓувреме, цутеа политичките скандали. Во февруари 2019 година се појави видео на кое се прикажува бизнисменот Душко Кнежевиќ, претседател на „Атлас груп“ со седиште во Црна Гора, како му предава на тогашниот градоначалник на Подгорица на ДПС, Славољуб Стијеповиќ, плик за кој Кнежевиќ подоцна рече дека содржи 200.000 долари за финансирање на изборната кампања на ДПС во 2016 година.

Поддржани од главните опозициски партии и граѓанското движење илјадници луѓе три месеци протестираа барајќи Ѓукановиќ и главниот обвинител за организиран криминал да дадат оставки. Ѓукановиќ ги негираше обвиненијата на граѓаните.

Битката со моќната Црква резултира со пораз

Од политиката паузираше само меѓу 2006 и 2008 година | Фото: www.dps.me

Друг клучен предизвик за Ѓукановиќ се појави откако парламентот го усвои контроверзниот закон за верска слобода во декември 2019 година. Поради тоа, Српската православна црква, најголемата верска група во земјата, почна протести низ целата земја.

Додека Црквата тврдеше дека законот е дизајниран да ѝ го одземе имотот, Ѓукановиќ тврдеше дека оваа верска институција се обидува да ја поткопа црногорската државност и граѓанскиот карактер на мултиетничката држава.

Кавгата заврши со парламентарните избори во август 2020 година, кога три опозициски блока ја соборија ДПС со тесно мнозинство.

Претставниците на ЕУ и на САД се приклучија кон опозицијата во барањето предвремени избори, сметајќи дека тоа е  единствениот начин за решавање на политичката криза во земјата

Таканаречената експертска влада предводена од Здравко Кривокапиќ дојде на власт во декември 2020 година, составена од три владејачки блока. Оваа влада, пак, беше соборена минатиот февруари преку гласање недоверба поддржано од опозицијата и владејачкото граѓанско движење УРА.

Партијата на Ѓукановиќ ја поддржа следната малцинска влада предводена од Дритан Абазовиќ, но неговата влада пропадна во август минатата година, откако нејзината одлука да потпише „фундаментален договор“ со Српската православна црква ги подели партнерите во власта.

Оттогаш, претставниците на ЕУ и на САД се приклучија кон опозицијата во барањето предвремени избори, сметајќи дека тоа е  единствениот начин за решавање на политичката криза во земјата. На партискиот собир на 6 март во Плав, Ѓукановиќ рече дека неговата партија е подготвена да ги исправи политичките грешки што ги направи во минатото.

„Како што нема човек без мани, нема ни политичари или влада без слабости. Кога велиме дека граѓанската коалиција треба да се врати на власт, не мислам дека треба да се враќаме со сите наши слабости и во истите изданија. Претпоставувам дека научивме некои лекции во овие две и пол години“, рече Ѓукановиќ.

Професорката Николета Ѓукановиќ смета дека ДПС ќе мора да почне внатрешни реформи во случај на пораз на претседателските избори, но и во случај на победа.

„Дури и Ѓукановиќ да победи, тоа може да донесе само краткорочно освежување на партијата, бидејќи без вистински длабоки реформи, ДПС не може да очекува дека ќе биде порелевантен политички субјект во следните години“, рече таа.