Некогашниот градежен гигант „Бетон“, во сопственост на познатиот бизнисмен Минчо Јорданов, се соочува со стечај. Како што е објавено во Службен весник, скопскиот граѓански суд од 1 ноември почнал постапка за испитување на условите за стечај. Нема информација која или кои се доверителите, фирмите или физичките лица на кои „Бетон“ не им ги исплатил долговите.
Финалната одлука за стечај ќе се знае на рочиштето закажано за 29 месецов, а до тогаш имотот и сметките на фирмата ќе бидат замрзнати.
Привремен стечаен управник е Ацо Петров, познат по тоа што тој ги водеше затворањата на телевизиите А1 и 1ТВ.
Годинава во бранови се појавуваа информации дека Минчо Јорданов сака да се ослободи од дел од своите фирми и имот.
Некогашниот градежен гигант „Бетон“, во сопственост на познатиот бизнисмен Минчо Јорданов, се соочува со стечај. Како што е објавено во Службен весник, скопскиот граѓански суд од 1 ноември почнал постапка за испитување на условите за стечај
Токму „Бетон“ пролетва ги стави на продажба седиштето од 2.000 квадрати во Капиштец, хотелите „Аура“ во Охрид и оној недоградениот во Скопје, што е дел од комплексот на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.
Низ чаршијата се зборуваше дека на продажба се и целата „Бетон“ и приватната клиника „Ремедика“, а нешто од тие шпекулации беше објавувано по медиумите.
Порталот „Фактор“ пролетоска објави дека познатиот трговец со горива „Пуцко петрол“, во сопственост на семејството на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски, бил загреан за „Бетон“.
Демантот бргу стигна, меѓутоа шпекулациите продолжија преку партиските говорници.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, без да го спомне Јахоски, обвини дека бизнисмен близок до ДУИ влегува во сопственичката структура на стара градежна фирма, каква што впрочем е „Бетон“ – основана во 1947 година, за да земе голем дел од „колачот“ вреден 900 милиони евра наменет за изградба на автопатот меѓу Македонија и Косово.
При последниот обид да договориме интервју за информациите околу неговиот бизнис, Минчо Јорданов ни рече дека не го загрижуваат шпекулациите и дека не сака да зборува за нив.
Проблеми во рајот
Официјалните податоци поодамна покажуваа дека носечката фирма на неговата империја, „Бетон“ е во сериозни проблеми.
Таа, лани пријавила загуба од цели 12 милиони евра, што е неочекувано бидејќи големата градежна фирма во последните пет години, за кои ги имаме податоците, секогаш била на позитивната страна од сметководствениот биланс и работела на големи градежни проекти.
„Бетон“ е во минус од 4,4 милиони евра од изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“ во центарот на Скопје, која по падот на Груевски остана карабина.
Не толку одамна ситуацијата беше сосема спротивна.
„Бетон“ работеше со полна пареа и беше чест партнер на државата. Впрочем, оваа градежна компанија има најмногу и „најтешки“ договори со владата за проектот „Скопје 2014“. Според базата на податоци на БИРН, „Скопје 2014 под лупа“, таа склучила вкупно 33 договори со државата вредни 216 милиони евра, што претставува една третина од сумата наменета за фејс-лифтингот на главниот град.
Проблеми, според неделникот „Фокус“, има и во „Ремедика“, наводно таму се случи „егзодус“ на лекари. Информацијава само ги засили шпекулациите дека продажбата на „Ремедика“ била готова работа, иако приватната клиника официјално сè уште е во рацете на фамилијата Јорданови.
Во „Ремедика“ доминантен сопственик е заедничка фирма на Минчо и на неговата сопруга Елица регистрирана во Виена – „Макмедикон консалтинг ГМБХ“.
Челичен магнат
Фирмата „Репро оне лимитед“ е центарот околу кој концентрично се градела империјата, главно фокусирана на металуршкиот бизнис.
„Репро оне“ е фирма регистрирана во градот Тортола на Британските Девствени Острови, држава што важи за даночен рај, каде што бизнисмените обично го кријат сопствеништвото. Меѓутоа, Јорданов од поодамна не крие дека тој е човекот зад „Репро оне лимитед“, а регистарот за вистински сопственици тоа и го потврдува.
„Репро оне“ со уште две други офшор-фирми го држат мнозинството акции на „Бетон“, а компанијата е целосен сопственик и на фабриката за челични конструкции „Факом“. Истава фирма до 2009 беше дел и од сопствеништвото на металуршкиот гигант „Макстил“, кога своите 20 отсто акции ги продаде на управувачкиот акционер „Дуферко“.
Офшорот од Девствените Острови го поседува и весникот „Нова Македонија“ и мнозински содружник, со 51 процент, е на неделникот за економија и бизнис „Капитал“. Под нејзина капа е и холдингот „Перминдекс“, кој, покрај винаријата „Стоби“, обединува млекарница и центар за пакување свежи овошје и зеленчук.
Неодамна неделникот „Фокус“ објави информации за имотот на уште една фирма-ќерка на „Репро оне лимитед“.
„Репро 21“, според „Фокус“, поседува станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми од кои се издвoјуваат 12.000 квадрати шума во скопска Железара.
На победничката страна од транзицијата
Минчо Јорданов е еден од југословенските директори што завршија на победничката страна од транзицијата.
На почетокот од 1980-тите бил директор на еден од погоните во поранешна „Железара“, познат како Топла валалница. Од таа позиција, во февруари 1986 година, Минчо Јорданов ги поддржал своите работници, околу 12.000, кои дигнале штрајк против тогашната извршна власт предводена од Глигорие Гоговски, која не ја одобрувала одлуката за зголемувањето на нивните плати.
Настанот имал сериозни реперкусии во тогашна СФРЈ, а некои аналитичари го вбројуваат и како една од причините за падот на сојузната влада на Милка Планинц (поднела оставка зашто не успеала да ги замрзне платите во некогашна Југославија).
Потегот на Јорданов му донел популарност, која подоцна се ефектуирала со негово устоличување како генерален директор на скопска „Железара“.
Таму се задржал до крајот на деценијата, кога заминал во Москва, како директор на претставништво на „Технометал-Вардар“, позиција што профилираше уште неколку други моќни бизнисмени во првата деценија од самостојноста на републиката.
Престојот во Русија подоцна му овозможил и премин во швајцарската металуршка компанија „Дуферко“, и тоа како директор и одговорен за земјите на поранешниот Советски Сојуз.
Во 1990-тите, Јорданов ја носи швајцарската фирма во Македонија и од остатоците од „Железара“ заедно ја формираат денес познатата фабрика за челични лимови – „Макстил“.
Кокетирања со политиката
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), во своето истражување објавено во февруари, го проблематизира податокот дека Јорданов во периодот од 2000 до 2009 година имал пари на швајцарски сметки што не ги пријавил во анкетниот лист како избран функционер.
Целиот овој период, корпоративниот подем на Минчо Јорданов се преплетува со неговите излети во политиката и флертувања со различни политички опции и иницијативи.
Во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ и на Љубчо Георгиевски, тој бил член на владиниот Економски совет предводен од Никола Груевски, како тогашен министер за финансии, заедно со Трајко Славески, Сем Вакнин, Љубе Трпески, Ристо Гуштеров и други.
Неговото име повторно се појави на политичката сцена кога стана дел од „Граѓанското движење за Македонија“ што го иницираше референдумот против територијална поделба, што ја предвиде владата на СДСМ предводена од Владо Бучковски во 2004.
Затоа беше тотално неочекувано кога еден месец по референдумот, тој му се придружи на Бучковски во владата како вицепремиер за економски прашања.
Последната политичка акција на Јорданов е поврзана со Алијанса за позитивна Македонија (АПМ), партија што ја водеа поранешниот премиер Владо Бучковски и новинарот Љупчо Зиков
Јорданов не се прослави како вицепремиер во релативно кусиот мандат што траеше помалку од две години.
Само 12 месеци по назначувањето, почнаа да кружат шпекулации оти сака да замине од позицијата, посебно поради тоа што му пропадна помпезно најавуваниот проект со малезиска фирма, која требаше да ја изгради хидроцентралата „Бошков мост“ и уште 10.000 стана во Ново Лисиче.
„Малезиецот на Минчо во долгови до гуша“, гласеше насловот во скопски „Дневник“ од ноември 2005.
Таа година Јорданов ја отвори и „Ремедика“ за што беше критикуван поради можен конфликт на интерес бидејќи ја шири бизнис-империјата од позиција на власт.
Последната политичка акција на Јорданов е поврзана со Алијанса за позитивна Македонија (АПМ), партија што ја водеа поранешниот премиер Владо Бучковски и новинарот Љупчо Зиков.
Партијата за првпат настапи на парламентарни избори во 2014 година, меѓутоа беше доживувана како тројански коњ, чија цел е да ги одзеде гласовите на тогашната опозиција предводена од СДСМ.
Јорданов не се кандидираше за пратеник, иако неговиот лик се појавуваше на рекламните спотови и на изборните плакати, а партијата не успеа да влезе во Парламентот.
Оваа партија, пак, денес е дел од владејачкото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ под друго име – Партија за општествен и економски напредок (ПОЕН). Лидер сега е пратеникот Рубин Земон.
Подемот и падот на олигарсите
Независно од беневолентноста на 78-годишниот Јорданов да ѝ препушти на чаршијата да плете приказни, останува впечатокот дека кога информации за продажба на имотот и повлекување од јавноста почнуваат да се мултиплицираат, тоа укажува само на едно – империјата на некогаш, според „Форбс“, најбогатиот Македонец е на сериозен залез.
Трагите од неговото дејствување, пак, ќе останат како дел од историјата за подемот и падот на групата, која во јавноста се препознава како „олигарсите на Македонија“.