Портрет

Од инспектор до крупен градежник

Големиот бизнис-подем на некогашниот државен службеник Кочо Стојчески

Кочо Стојчески исплива од анонимноста пред седум години, кога во својство на градежен инспектор сакаше да го урне нелегалниот балкон над влезот во Белата палата.

„ВМРО-ДПМНЕ има рок од 30 дена да ја урне дивоизградената тераса на партиското седиште“, се закануваше тој во 2015 година.

Некаде во тоа време ја проверуваше легалноста и на кафулето „Дистрикт“, дел од хотелот „Мериот“ во сопственост на тогаш влијателниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и Александар Ивановски – Алек Теранова.

Денес, терасата на ВМРО ДПМНЕ не е урната, кафулето „Дистрикт“ се реновира, а Кочо Стојчески е крупен играч во градежниот бизнис, купувач на плацови од сега веќе осудениот Мијалков и рамноправен бизнис-партнер на неговиот „човек од доверба“.

„Пола-пола сме во бизнисот со Алек Теранова“, ни објасни Стојчески во разговорот што го водевме во канцеларијата на Теранова во центарот на Скопје.

 „А, кој не се вработил преку партија?“

Најголемиот објект што го градат Стојчески и Александар Ивановски | Фото: БИРН

Овој 43-годишен крушевчанец само што го завршил Правниот факултет во 2001 година, влегол во администрацијата, поточно во „Паркови и зеленило“, кога со во скопското јавно претпријатие управувал Сашко Насев.

Не крие дека тоа било со помош на СДСМ.

„А, кој не се вработил преку партија?“, реторички прашува.

Партиската припадност била фактор при неговото вработување и во Министерството за одбрана и во Министерството за правда и конечно при трансферот во Општина Центар.

ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше за партиски реваншизам и го нарекуваше „хаусмајсторот од Општина Центар“ зашто директниот трансфер од Министерството за правда на инспекторското место бил возможен само преку привремен ангажман како среднист.

Од тој период датира неговиот ангажман околу уривањето на терасата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, информациите за сопствеништвото врз „парцелите на Водно“ и имиџот на некој што се бори против илегалните активности на партијата на експремиерот Груевски.

Самиот вели дека во општината влегол од идеолошки причини зашто сакал да „се променат работите“.

Но, паралелно со тоа, ја градел и својата приватна бизнис-кариера.

Со градежништво почнал уште во 2004-2005, а фирмата „Специјал  градба“ ја основал во 2011 година. Тврди дека со ноќи не спиел за да ги тера двете кариери паралелно.

„По работното време, цела ноќ до рано наутро сум пишувал градежни книги.“

Судејќи според финансиските резултати, компанијата основана во 2011, првата година не заработува ништо. Добивката во 2013 е некои 290 илјади денари, но по 2016, приходите и добивката на компанијата сериозно растат од година во година.

Ако „Специјал градба“ во 2017 пријавила приходи од околу 700.000 евра и шестмина вработени, лани компанијата имала импресивни 10 милиони евра приходи и 36 вработени.

Стојчески ги отфрла сомнежите за „тргување со влијание“ и злоупотреба на фактот дека истовремено со приватниот бизнис е и градежен инспектор во Општина Центар.

„Најдете ми еден инвеститор во Центар од тоа време со кој сум соработувал. Немаше таков. Мојата фирма тогаш работеше во Карпош“, ни кажа.

Неисполнети ветувања

Центарската приказна му завршува со доаѓањето на Саша Богдановиќ како градоначалник на местото на Андреј Жерновски. Добива отказ поради недоаѓање на работа, иако, како што вели, „бил, всушност, во болница и раководството на општината тоа го знаело“.

За него отказот има врска со разделбата од тогашниот премиер Зоран Заев, до која доаѓа поради дадени, но неисполнети ветувања.

Ни малку скромно за себе вели дека во времето на владата на Груевски бил еден од ретките што биле подготвени да се изложат на ризик и да се спротивстават на партијата на власт.

„Пред промената на власта, само тројца ја ‘стававме главата в торба’. Заев, Шилегов и јас. Едниов стана премиер, другиот градоначалник, а што добив јас?“, прашува, не криејќи дека очекувањата се потпирале на конкретни ветувања, иако одбива да именува за што станува збор.

„Заев трипати ми ветуваше нешто и трипати не го исполни. Затоа уште во декември 2017 решив да се разделиме и сега сум среќен што тоа така излезе.“

Иако во тоа време фирмата на Стојчески бележи рекордна добивка, тој, сепак, не останува без државен ангажман. Градоначалникот Петре Шилегов, на кого тој му бил во изборниот штаб, во 2018 го прибрал во Град Скопје.

Ангажманот, како раководител на Секторот за комунални работи, го користел повеќе за да ги нервира и да им пркоси на своите партиски другари, од кои се разочарал, отколку што воопшто имал некакви амбиции во градската администрација.

Таму беше сè до доаѓањето на Данела Арсовска за градоначалничка на крајот од 2021 година.

„А, кој не учествувал во некаква егзекуција?“

Зградата што ги дигна на нозе аеродромци | Фото: БИРН

Првиот објект на кој соработувал со неговиот денешен партнер Алек Теранова е зградата во Аеродром, близу трговскиот центар Скопјанка, во време кога со општината веќе раководи градоначалникот на СДСМ, Златко Марин.

Станува збор за локација за која оваа партијата предизборно вети дека доколку ја добие довербата, ќе ги прекине градбите како оваа и онаа пред Мајчин дом и дека парцелите ќе останат јавен простор.

Изградбата на објектот ги вознемири аеродромци, протестираа зашто СДСМ не го исполни ветувањето за кое тој вели дека било дадено избрзано.

„Во партијата ги советував да не даваат ветувања што не можат да ги исполнат. Таму веќе имаше издадено градежна дозвола, немаше назад“, вели Стојчески.

На општината можеби навистина ѝ беа врзани рацете, меѓутоа Кочо Стојчески немал проблем приватно, како градежник да учествува во егзекуцијата на проектот што уништи зеленило и детско игралиште што го користеа сите граѓани.

„А, кој не учествувал во некаква егзекуција?“, се брани тој.

На овој објект, неговата градежна фирма работела само како изведувач, а на другите три таа е веќе партнер со Алек Теранова.

Кредити од 25-26 милиони евра

Стојчески пред неколку години ги купи и ги реновираше и хотелот и ски-центарот „Панорама“ во Крушево.

„Зад мене стојат 25-26 милиони евра кредити во Комерцијална банка“, одговори тој соочен со приказните дека можеби е истуреното лице на некои други бизнис-структури.

Станува збор за човек што беше едно од истурените лице на лукративната група, во која конците ги влечеа поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и бизнисменот Орце Камчев, групата што СЈО ја истражуваше во случајот „Империја“.

Тој многу добро знае кој бил неговиот сегашен бизнис-партнер, но, сепак, се оградува од неговите активности од тоа време.

„Јас немам ништо со таа, влегов во партнерство отпосле“, вели.

Стојчески и Алек Теранова сега градат станбени комплекси во скопски Аеродром на три локации, а најголем е оној што никнува зад поранешниот Тутунски комбинат.

Таканаречената Порта Супериум ќе биде составена од четири згради, со повеќе од 500 станови и седумдесетина канцеларии. И овој проект бил поврзан со луѓето истражувани во озлогласениот случај „Империја“.

Претходните сопственици на таа прилично атрактивна парцела, во еден момент, преку своите фирми, биле осомничени во случајот „Империја“.

„Знам чиј беше плацот. Јас го купував од Сашо (н.з. Мијалков), Луковски (н.з. Жарко) и од другите“, вели Стојчески.

СДСМ или ВМРО?

„Јас не сум се сменил, можеби некој друг се сменил“, вели тој за шпекулациите дека го променил политичкиот дрес | Фото: БИРН

Името на Кочо Стојчески повторно се појави во јавноста  во врска со парцелата близу клиниката „Букурешт“, но овојпат исклучиво во улога на градежен магнат.

Таму планираше да гради голем објект заедно со „Гранит“.

Потпишал договор со Орце Камчев за да го купи земјиштето, ВМРО-ДПМНЕ престана да го нарекува „хаусмајстор“, но конците ги заплетка градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски.

Сега земјиштето е во рацете на друг познат градежник од Скопје, Фатмир Етеми, но мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ го суспендираше урбанистичкиот план, во кој спаѓа оваа парцела и засега никој не може да гради.

По овие „игри“ околу таа градежна маркичка, се коментира дека Стојчески сега е поблизок до ВМРО-ДПМНЕ, отколку до СДСМ.

„Јас не сум се сменил, можеби некој друг се сменил“, вели тој за шпекулациите дека го променил политичкиот дрес.