Анализи

Предводник на „Шверцери“ и пејач го советуваат вицепремиерот Груби

Кои се посебните советници на вицепремиерите во Владата

Биографијата на Омер Буњаку е мошне кратка. Има едвај 70 збора. Половината од нив се потрошени да се опише ангажманот како актуелен советник во Кабинетот на првиот вицепремиер во Владата и министер за политички систем, Артан Груби.

Во другата половина од биографијата што БИРН ја доби од Владата, за него пишува дека дипломирал туризам и менаџмент. Директор е на фудбалскиот клуб Шкупи и покрај албански и македонски зборува англиски и турски јазик.

Но, ако сте малку пољубопитни и пребарате детално на интернет за Омер Буњаку, кој од 13 ноември годинава е еден од советниците на Груби за млади и спорт, ќе најдете многу повеќе податоци.

Особено кај Албанците, Буњаку е познат како предводник на навивачката група „Шверцери“, истата група чиј основач бил Груби. Има „сочно“ полициско досие и проблеми со законот од 2011 година.

Сегашниот советник на Груби учествувал и во тепачките на Кале во 2011 година за изградба на црквата-музеј. Не само што учествувал, туку тогашниот заменик-министер за полиција, Џевад Бучи, привремено го ослободи, кога пред телевизиските камери му ги извади лисиците.

Потоа неговото име се најде во пресудата за педесетина осудени за овие инциденти што ја вознемирија јавноста и долго ги разбрануваа меѓуетничките односи пред една деценија.

По објавата на пресудата за осудените, јавно со осуда реагирале и Груби и лидерот на партијата, Али Ахмети.

Но, тоа не е сè. Медиумските архиви сè уште содржат написи, според кои во 2014 година, Кривичниот суд го осудил Буњаку на казна затвор од една година. Со пресудата тој бил осуден за учество во инцидентот што се случи во барот „Њу Орлеанс“ во скопската чаршија, кога беа искршени стаклата и опремата на диџејот, наводно поради тоа што се пуштала македонска музика.

На јутјуб-каналот на МВР уште го има видеото во кое полицијата со уште едно лице ги апси за тогашниот инцидент.

Омер Буњаку | Фото: Јутјуб-канал на „Шверцери“

Во образложението на судот за втората пресуда на Буњаку пишува дека му е изречена казна затвор бидејќи веќе бил осудуван за истородно кривично дело, но првичната условна осуда „не влијаела воспитно поправно врз обвинетиот во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела“.

Советникот на Груби на Фејсбук е мошне популарен. Има речиси 6.000 следбеници. Во податоците сѐ уште му пишува дека работи во Општина Чаир, каде што и живее. Насловната фотографија му е фемили-фото со фудбалскиот клуб „Шкупи“ каде што и директорува и со чии успеси постојано се гордее.

Фејсбук-профилот одвреме-навреме му наликува на „службен весник“ на активностите на вицепремиерот Груби, кого од неодамна го советува, бидејќи редовно споделува негови објави.

Судејќи по јавните објави на фотографии, Буњаку е и долгогодишен поддржувач на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На пребарувачите може да се најдат заеднички фотографии со него како и со други челници од оваа партија. Гостувал и во дебатни емисии каде што говорел за насилството од спортските трибини.

Беше присутен и во МНТ на прославата на навивачката група „Шверцери“, кога присутните во еден глас го скандираа неговото име. Тоа е настанот во кој лани беше оштетен дел од инвентарот на театарот за сума од приближно 4.000 евра.

Директорката на МНТ, Симона Угриновска, тогаш за медиумите соопшти дека координатор за настанот бил токму Груби, кому му се јавила за дивеењето на шверцерите, но тој ѝ одговорил дека тие „само си пеат навивачки песни“, пренесе Фокус.

И покрај повиците и пораките, вицепремиерот Груби реши да не одговори на нашите прашања за тоа колку кандидати се пријавиле да го советуваат, како течела постапката за избор и дали гледа проблем што негов советник имал проблеми со законот.

БИРН го контактираше и Буњаку. На првиот повик рече „Ќе се консултирам и ќе ве барам за кратко“, па откако не се јави, го побаравме уште еднаш. Вториот пат рече дека не сака да говори, а за сè што нè интересира, „да се обратиме во Министерството за политички систем“.

Советник за „култура и општество“

Шпат Касапи | Фото: Официјален Јутјуб-канал на Касапи

Љубителите на музиката на популарниот пејач Шпат Касапи веројатно и не знаат дека, освен што пее, од неодамна влегол во Кабинетот на вицепремиерот Груби.

Триесет и петгодишниот тетовец Касапи, кој му е советник на првиот вицепремиер, инаку е син на експратеничката од СДСМ, Ѓумлсере Касапи и нема толкаво богато „портфолио“ како што има неговиот „колега-советник“, Буњаку.

И неговата биографија што Владата ја достави на барање на БИРН, е многу кратка.

За советник во Кабинетот на Груби е избран ист ден со Буњаку. Во биографијата, ангажманот кај Груби го пишува во идно време: „ќе ја извршува функцијата ‘советник за култура и општество’“.

Касапи, освен што завршил политички науки на Универзитетот ФОН, нема многу допирни точки со политиката. Лани изјавил дека планира да влезе во политиката и да се кандидира за пратеник во Собранието.

Во доставената биографија му пишува и дека „учествувал на повеќе настани поврзани со промовирањето на културата во Република Северна Македонија, но и во регионот“, иако не е напишано за какви настани станува збор.

Освен македонски и албански, говори и англиски и турски јазик.

Но, иако биографијата што ни беше доставена не е така обемна, многу пообемна е онаа биографија што ја има на Википедија, каде што пишува дека ја почнал музичката кариера од мали нозе, учествувал на многу музички фестивали, а освојувал и награди. Освен во Македонија, настапувал и во Албанија.

Има богата дискографија, а на видеоканалот на „Јутјуб“ има објавено осум песни за кои се изработени видеоспотови, последниот е од пред четири месеци. Веб-страницата shpatkasapi.com.mk не е во функција, но затоа во функција се неколку фан-страници на Фејсбук.

Oбидот да го добиеме Касапи за да го прашаме кој бил мотивот да конкурира за оваа позиција беше безуспешен. БИРН се обрати и до владиниот портпарол и до Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во обидот да побараме контакт од Касапи, но не добивме одговор.

Кој ги советува Битиќи, Николовски и Димитров

Николовски го советуваат Иван Тодоровски и Александра Ковачева | Фото: Влада на РСМ

Oсвен советниците на Груби, и останатите вицепремиери избрале посебни советници што ги советуваат за различни прашања.

Така, Владата во октомври годинава објави оглас за вработување шест посебни советници во кабинетите на вицепремиерите Љупчо Николовски и Фатмир Битиќи, за суми меѓу 42 илјади денари и 52 илјади денари. Пред неполна седмица, Владата повторно на оглас барала советник во Кабинетот на Николовски, со квалификации од областа бизнис-администрација – финансии.

Николовски барал советници за координација на кабинетот, за борба против корупцијата и за човечки ресурси, а Битиќи за анализа и следење на деловното окружување во Кабинетот, за следење на реформите и за следење на проектите што ги помага меѓународната заедница.

По завршувањето на огласот, Николовски почнале да го советуваат Иван Тодоровски и Александра Ковачева. Од сите доставени биографии за посебните советници, нивните беа најобемни.

Младиот кривопаланчанец Тодоровски работел многу години како помошник за евалуација на доказен материјал во канцеларијата на главниот јавен обвинител во Хашкиот трибунал за Либан. Ковачева, пак, има богато портфолио во менаџирање меѓународни грантови.

За посебни советници во кабинетот на Битиќи, пак, избрани биле: Александар Талимџиоски и Ана Трпеска. Во кратката биографија на Талимџиоски пишува дека работел во приватна компанија и на проекти финансирани од странски организации. Трпеска, пак, работела во утринска програма на национално радио и во маркетинг-тимот на „Опера и балет“. На оваа позиција дојде од тимот за комуникации на премиерот Заев.

Во Кабинетот на Никола Димитров, пак, работат Кристина Димовска и Елена Пресилска, за кои, до БИРН, беа доставени опширни биографии.

Димовска има богато си-ви, како координатор, асистент и истражувач на повеќе проекти, a му била поддршка на медијаторот во политичката криза, Питер Ванхауте.

Пресилска, пак, работела со Димитров уште во претходниот мандат додека тој беше прв шеф на дипломатијата. Има работни ангажмани за односи со јавност во Делегацијата на ЕУ во Подгорица, во ФФМ, во маркетинг – агенција и во други фирми.