Истражувањa

„Мелимејт“: Скопска фирма по теркот на „Ексико“

Анонимната скопска компанија „Мелимејт“ потекнува од познатите даночни оази каде што се зачнати и најпознатите офшор-фирми во Македонија, како „Ексико“ и „Финзи“. Како и другите, и оваа фирма се поврзува со луѓе од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Адресата што ги врзува трите офшорки

Адресата што ги врзува трите офшорки

По ненадејната смрт на Коста Крпач, сведокот на Специјалното јавно обвинителство, повторно се актуализираше темата за офшор-капиталот во Македонија, зашто Крпач фигурираше како директор на скопската „Финзи“, зад која стои истоимена фирма регистрирана на американска офшор-адреса.

БИРН во неколку наврати ги истражувашеврските на „Финзи“ со бизнис елитата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и покрај сопственичката улога во порталот „Нетпрес“, откривме дека компанијата има слична историја како и најпознатата офшорка „Ексико“.

Истата адреса во американскиот град Олбени и истите директори од Кипар ги врзуваат „Ексико“ и „Финзи“, меѓутоа ова бизнис друштво по сè изгледа е пошироко. БИРН дојде до документи кои откриваат дека речиси идентично „офшор-педигре“ има уште една скопска компанија.

Станува збор за „Мелимејт инвестмент“, која е регистрирана во Македонија во 2009 како друштво за градежништво и на прв поглед изгледа како сосема обична фирма со седиште во скопски Чаир, меѓутоа на таа локација има приватен дом и ништо не навестува дека таму функционира канцеларија на градежен бизнис.

Актуелниот сопственикот на „Мелимејт“ живее на друга страна од градот, во Центар, меѓутоа како и секоја компанија од ваков вид, првичните газди се скриени во папките спакувани некаде далеку преку Атлантскиот Океан.

Бизнисмените се одлучуваат да отворат офшор-фирма од најчесто две причини. Првиот мотив е фактот што даночните оази гарантираат апсолутна дискреција околу името на сопственикот, односно никој не може оттаму да дознае кој е сопственикот на компанијата, а втората причина, која е исто толку популарна, е тоа што овие офшор-држави многу ниско или воопшто не ги оданочуваат бизнисмените кога тие ги вадат парите од своите сметки.

Целиот овој систем овозможува брз и дискретен проток на парите, а тој функционира благодарејќи на државите како Панама, Белизе, а во последно време и некои места во САД.

Врската меѓу „Мелимејт“ и „Ексико“

„Мелимејт“ е зачната во Олбени, САД на 26 ноември 2007 година и тоа буквално на истиот ден и во истата канцеларија каде што е основана и американската компанија што се појавува во сопственичката структура на „Ексико“.

На ова место се наоѓа административна зграда, по што следува претпоставката дека таму има адвокат што асистира при отворање офшор-компании. Во еден момент на оваа американска адреса имало регистрирано и 250 компании, но во моментов се помалку, шеснаесет активни.

Оснивачки влог со пари од Кипар

Оснивачки влог со пари од Кипар

Откако некој ја формирал „Мелимејт“ во Америка, веднаш ја преселил фирмата во Скопје, ама трансферот одел преку светски познатата даночна оаза Кипар, операција идентична како и во случајот „Ексико“.

Уште еден показател дека фирмите имаат некаков заеднички именител е фактот оти и во двата случаја како директори на американските фирми се јавуваат истите две лица од Никозија, Кипар, Ани Јип (Annie Yeap) и Шејн Караламбус (Shane Charalambous).

Овие двајца, всушност и професионално управуваат офшор-компании за одреден надоместок, нешто што е сосема вообичаено во островската земја лоцирана во срцето на Медитеранот. Па така, на пример, Ани Јип во одредени периоди била именувана како директор на 52 фирми кои се водат во британскиот регистар на компании.

Иако двете фирми имаат слична офшор-генеза, сепак „Мелимејт“ во Скопје работи независно од „Ексико“. Откако официјално е формирана нејзината македонска компанија во февруари 2009, кипарските директори сите овластувања му ги предале на сега веќе 73-годишниот Благоја Велков, чијашто домашна адреса во Чаир е и официјалното седиште на скопската „Мелимејт“.

Велков во телефонскиот разговор ги потврди информациите, меѓутоа не сакаше да ги открие луѓето од Македонија што стоеле зад фирмата.

„Тие се мои другари, пријатели со кои повеќе немам контакти и не сакам да имам ништо со фирмата. ‘Мелимејт’ си има друг директор, тој ми се јавува понекогаш, ама јас го предупредив дека треба да ја смени адресата на фирмата, да не стои мојот дом во документите“, објасни Велков.

Тој вели дека на времето само им излегол во пресрет на пријателите и оти нема никаква друга врска со „Мелимејт“. Цел живот работел како градежник или продавал автомобили, а сега е пензионер, и како што вели, не го интересираат бизниси.

Нема македонска офшор-приказна без Белизе

Фирмата од Белизе влегува во „Мелимејт“

Фирмата од Белизе влегува во „Мелимејт“

И покрај тоа што „Мелимејт“ не е нашироко позната компанија, во меѓувреме нејзиното „странско“ сопствеништво се менувало. Во еден период, на местото од американската компанија, дошла фирма од Белизе, уште едно даночно прибежиште кое е многу популарно во Македонија.

Линкови со Белизе имале или имаат токму „Ексико“, неделникот и порталот „Република“, скопската фирма на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, додека опозицијата тврдеше дека премиерот Никола Груевски купил огромен плац на скопско Водно преку сметка од Белизе.

Минатото лето се случила поконкретна промена, фирмата од Белизе отишла во историјата и газда на „Мелимејт“ станал 39-годишниот Љупчо Бакев, жител на скопски Центар.

БИРН контактираше со Бакев и го замоли за средба, меѓутоа тој побара нашите прашања да ги добие по електронска пошта. Десетина дена подоцна, до објавувањето на овој текст, Бакев не одговори кои се вистинските сопственици на американската и на фирмата од Белизе, кои се јавуваат во сопствеништвото на „Мелимејт“, ниту, пак, објасни што работела неговата фирма досега и дали учествувала во изградбата на некој објект.

Тој не ја разјасни ниту релацијата на „Мелимејт“ со 73-годишниот Благоја Велков од Чаир.

Донатори на ВМРО-ДПМНЕ

Донатори на ВМРО-ДПМНЕ

Бакев не е позната личност во скопската бизнис заедница, меѓутоа негова сопруга е Маргарита Бакев, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и поранешната директорка на ЈП за паркинзи во Општина Центар, кога со локалната самоуправа раководеа кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ од позиција на градоначалник и Владимир Здравев од местото претседавач на општината.

Името Маргарита Бакев се појавува и во списокот на луѓе што донирале за ВМРО-ДПМНЕ. Во регистарот на донации за 2012 стои дека Бакев од својот буџет за партијата одвоила 60.000 денари.

Пари преку Кипар

Фото: Foter.com

Фото: Foter.com

Паралели помеѓу „Ексико“ и новооткриената „Мелимејт“ има и во начинот на којшто работеле двете фирми со парите. Ако „Ексико“ може да се пофали со основачки влог кој во 2010 бил поткрепен со пари од Кипар, истата ситуација ја имаме и во „Мелимејт“.

Во неколку наврати биле префрлени пари во скопската „Мелимејт“ со уплата од кипарска банка, а по налог на американската „Мелимејт“, која подоцна згаснала.

На пример, на 16 април 2009 година преку Рајфајзен банката од Виена биле префрлени 120.000 евра, кои две недели подоцна се појавиле во основачкиот влог на скопската „Мелимејт“. И за овие трансфери побаравме став од актуелниот сопственик на фирмата, Љупчо Бакев, меѓутоа тој немаше одговор кој ги плаќал парите што преку Кипар доаѓале во Скопје.

Има малку достапни податоци за „Мелимејт“. Фирмата во 2013 имала само тројца вработени, ја нема во регистарот на компании што добиле тендер или учествувале во некоја јавна набавка, нема интернет страница и не е присутна на социјалните мрежи и затоа се отвораат прашањата зошто некој ја отворил „Мелимејт“, за што служела и зошто првично била лоцирана на офшор-адреси.