Истражувањa

Трст виа Скопје 2014

  • 36
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Зградата во која се наоѓа хотелот | Фото: Booking.com

Се зголемува хотелската империја на семејството на поранешниот функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Здравев. Угостителски објект близу до брегот на Јадранско Море има исто име „Солун хотел и спа“ и сличен имиџ на хотелот што семејството Здравеви го поседуваат во Скопје. Туристите веќе може да резервираат една од 30-тината соби колку што ги има хотелот преку Booking.

Тој се наоѓа во центарот на Трст, на улица Милано бр.16, во непосредна близина на неколку историски знаменитости.

Објектот каде што е отворен хотелот, според италијанскиот весник Il picolo Trieste, бил со децении напуштен и руиниран пред да биде купен за сума од милион и 700 илјади евра од фирмата на Здравеви во март 2018 година. БИРН дојде до одобрението на тамошните локални власти на барањето на Владимир Здравев за привремен сообраќаен режим (стеснување на патот, забрана за запирање и паркирање) на улицата каде што се наоѓа хотелот заради негово реновирање.

Купувањето на објектот и неговото реновирање е спроведено од компанијата Salonicco SRL. Документите што БИРН ги обезбеди од италијанскиот регистар на компании откриваат дека фирмата е основана во 2017 година, со капитал од 180.000 евра. Владимир Здравев и неговиот брат Александар имаат малцински удели во Salonicco SRL, додека скопската фирма „Солун и Иван“, каде што како сопственик се јавува нивната мајка, вложила 170.000 евра.

Италијанската фирма на Здравев, Salonicco SRL е регистрирана како произведувач на батерии и на портабл-акумулатори. Меѓутоа, очигледно е дека компанијата се активира во хотелиерството.

Владимир Здравев не одговори на нашите обиди за контакт во врска со овој, а до сега јавно не сакал да коментира ништо во врска и со скопскиот хотелот, со образложение дека формално не е ни сопственик, ни управител на фирмата зад угостителскиот објект. Без коментар остана и кога БИРН пишуваше како скопскиот „Солун“ успеал да купи 146 квадрати за својот двор по цена од 70 денари по метар квадратен во непосредна спогодба со државата.

Здравев со Груевски | Фото: МЕПСО

Здравев не беше од оние функционери што често се појавуваа во јавноста.

Неговата политичка кариера стартуваше како член на управниот одбор на Националната платежна картичка (НПК), која во првиот владин мандат на ВМРО-ДПМНЕ ја водеше помладиот братучед на Никола Груевски и брат на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков.

Во управниот одбор на НПК беше до 2002 година, заедно со ексминистерот Миле Јанакиески.

Овој 45-годишен машински инженер, во вториот мандат на ВМРО-ДПМНЕ беше независен неизвршен член на одборот директори на Македонски телеком, а најпознат е како претседавач на Советот на Општина Центар, кога кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ раководеа со локалната самоуправа.

Во период од две години, од 2008 до 2010 истовремено беше и генерален директор на АД МЕПСО, државната компанија за пренос на струја. Поради тоа реагираше Антикорупциската комисија, која констатираше дека Здравев не може да има две функции истовремено и побара во рок од 15 дена да се откаже од една „фотелја“.

Тој одбра да замине од директорското место во МЕПСО и да остане во Општина Центар.

Андреј Жерновски како градоначалник на Општина Центар откри дека Здравев, кога бил претседавач со општината, осумпати патувал во Италија на товар на локалната самоуправа како дел од делегациите што се запознавале со условите за леење на спомениците од проектот Скопје 2014.

Здравев, есента 2016 се појави и на распит во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), меѓутоа не се дозна зошто и во кое својство.

БИРН во неколку наврати пишуваше и за офшор-фирмите што се врзуваат со него.

Објавивме дека тоа се анонимните скопски компании „Мелимејт“ и „Макинвент“, кои потекнуваат од даночните оази каде што се зачнати и најпознатите офшор-фирми во Македонија, како „Ексико“ и „Финзи“.

БИРН за првата фирма објави дека поседува неколку станови во центарот на Скопје, додека втората ја најдовме како бизнис-партнер на сегашниот вицепремиер Кочо Анѓушев во една од неговите мали хидроцентрали.