Репортажи

Тивко и сиромашно предизборие во Пласница  

Ликот на актуелниот градоначалник и кандидат Исмаил Јахоски е насекаде

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Билборди со фотошопирани лица под кои врви карван велосипеди предводен од кандидат за градоначалник. Луксузни печатени отчети и програми не можат да се преклопат од ветените илјадници садници, широки булевари, кружни текови, надвозници, мостови и амбуланти.

Лидерите зарипнати преку скапото озвучување прогнозираат сигурни победи во населбата, дури и целата општина ќе биде победничка, а гласањето – референдум.

Ако се водиме според изборите во 2013, само во овие дваесетина дена, колку што трае кампањата, партиите би требало да потрошат речиси три милиони евра, дефинитивно повеќе од тоа што една од најсиромашните општини, Пласница, и нејзиниот градоначалник Исмаил Јахоски потрошија за потребите на своите жители во изминатиот четиригодишен мандат.


Кампања сред село

„Може ли десет денари?“, побара русокосо девојче што ни пријде на сретсело во Пласница.

Немаше повеќе од шест или седум години, меѓутоа носеше неколку броја поголемо црвено бејзбол-капче, речиси идентично како она од кампањата Make America Great Again на Доналд Трамп, меѓутоа на ова пишуваше „Исмаил Јахоски човек за народот“.

Исто толку црвена маица со истиот натпис носеше и мајсторот, кој половина час се обидуваше да закачи транспарент со истиот слоган. Качен на скали го врзуваше платното од бандера до бандера преку целата улица што излегуваше на плоштадот.

Тоа место е најживото место во општината и само таму се забележува дека ќе има избори, меѓутоа судејќи според сликата што ја видовме во средата попладне прашање е дали селаните навистина ќе имаат избор.

Кафе муабет во Пласница | Фото: БИРН

Затоа што ликот на актуелниот градоначалник и кандидат Исмаил Јахоски е насекаде. Неговиот постер е залепен на прозорците од куќите без фасади, меѓу постерите на Кристијано Роналдо и на некој НБА-кошаркар на стаклената врата од обложувалницата, а плакатот со Јахоски во костум го има и зад решетките, на излогот на единствениот бутик.

„За живот во Пласница“, викна еден тинејџер кога нѐ забележа со фотоапаратот.

Вистина е, Пласница има свој кандидат за градоначалник и од владејачката СДСМ, тоа е Шпресим Ајроски и тој ќе му се спротивстави на Јахоски, меѓутоа плакати од него немаше никаде.

СДСМ во минатото го поддржувала Исмаил Јахоски, меѓутоа во 2005 година партијата му свртела грб и тогаш не го реизбрале за градоначалник, четири години подоцна ја добил логистиката од ДУИ и повторно победил.

„Дојде Али Ахмети во вторникот, тука го одржа првиот митинг, зборуваше на албански, а друг човек преведуваше“, ни раскажа еден повозрасен маж што денот го „тепаше“ во полупразното кафуле накитено со истите постери од Јахоски.

„Пласница ги негира и хемијата и физиката“

Ова е шуплива држава, повторуваше матичарот од Пласница, Абдурахман Амчоски | Фото: БИРН

Во четирите села од Општина Пласница живеат околу 5.000 луѓе и сите се изјасниле како Турци на пописот во 2001 година.

„Како може да има 5.000 жители, кога има и толку гласачи? А, каде се децата? Ве уверувам дека нѐ има околу 6.500!“, авторитетно нѐ подучи општинскиот матичар Абдурахман Амчоски.

Друга работа е, вели матичарот Амчоски, што кога младите ќе отидат во Кичево или во Скопје да учат средно школо, не се враќаат и си го фаќаат патот за Италија, Словенија или за Германија.

Неговите две деца работат во Австрија.

Впрочем, кандидатот за градоначалник од СДСМ деновиве не е во Пласница, заминал во Германија, а ќе оди и во Италија и во дијаспората ќе ја тера првата недела од кампањата.

„Ова е шуплива држава“, повеќе пати повтори матичарот Амчоски и ни објасни дека според неговата дефиниција шупливи се оние држави, каде што бизнисот ја контролира државата, а требало да е обратно.

Таков бил примерот и со Пласница, каде што градоначалникот Исмаил Јахоски со фирмата „Пуцко петрол“ е еден од најголемите нафтени трговци во Македонија.

Бензиската пумпа на градоначалникот, а зад неа новата општина | Фото: БИРН

„Имаме најбогат градоначалник, а најсиромашна општина, само од тоа треба да ви е јасно сѐ“, заклучи тој.

Околу 80 проценти од селаните се невработени, а овој процент го потврдуваат и во општината.

Повеќето млади заминуваат на печалба, работат како ѕидари, плочкари или градат на патишта, иако има и со факултетски дипломи, па дури и лекари.
Од овие краишта традиционално луѓето работеле во градежните фирми, па така во времето на Тито, неколку стотици работеле во градежната компанија „Пелагонија“.

„Тито беше еден за 22 милиони и пак беше подобро, сега живеам како пес, син ми не е вработен, а јас чувам овци за да има месо и млеко за трите внучиња“, ни се пожали 67-годишниот овчар Синаи, кого прв го сретнавме во нивите со пченка пред влезот во Пласница.

Додека се присетуваше на времето на СФРЈ, запали цигара од брендот „Ориент“, кој на времето се викаше токму „Југославија“.

Денес оние што останале во Пласница ако не работат во општината, училиштето или во пиланата, која е во сопственост на братот на градоначалникот Јахоски, чуваат овци и продаваат млеко и сирење или, пак, живеат од социјална помош.

Обвинувањата околу водата се политички мотивирани, вели општинарот Еливис Беговски

На самиот пат од Кичево кон селото, од десната страна се наоѓа фабриката на странската инвестиција „Ки сејфти системс“ (КСС), меѓутоа таму не работат луѓе од Пласница.

„Од тука во КСС можеби има еден или двајца, таа фабрика е за кичевчани“, ни објасни општинскиот службеник Елвис Бегоски, како да беше убеден дека поинаку и не можело да биде.

Арно ама, беспарицата не е најгоркиот проблем.

„Ние во Пласница ги негираме и хемијата и физиката. Според хемијата водата нема ни мирис, ни боја, ни вкус, ама нашата вода за пиење ги има сите три особини. Според физиката, пак, помал притисок има во чешмите кај куќите на повисоките места, а повисок кај оние долу. И тоа кај нас е наопаку, оти тие што се нагоре, не се политички подобни и кај нив почесто снемува вода“, вели матичарот Амчоски.

„Ваквите обвинувања се политички мотивирани“, реплицира општинарот Елвис Беговски, кој нѐ пречека наместо градоначалникот Јахоски, со кого се разминавме, оти „дента има работа во Скопје“.

Овој соработник на градоначалникот нѐ уверуваше оти во селото Лисичани водоводот е обновен и за другите три сели проблемот наскоро ќе се реши, готови биле проектите.

„Може понекогаш водата да е нечиста, евентуално кога врне“, вели тој.

„Сега ако пуштам чешма водата може да изгледа чиста, ама понекогаш има боја на кафе. Не можам да пуштам машина, белите алишта ми ги фарба црни“, се пожали една повозрасна жена од соседното Преглово, која ја затекнавме во дворот.

„Прашајте го Исмаила и тој ќе ви каже дека за него гласаме уште од првите избори, ама сега не сакам никој да ми дојде, не отворам врата“, порача таа.

На пласничани им недостасува и лекарска грижа, амбулантата им работи само три-четири часа во денот.

Големо турско влијание

Речиси сите пласничари се декларираат како Турци

„Ас-салаама алаикум. Како сте, што правите?“, вака едно момче ги поздрави повозрасните соселани во кафулето на плоштадот во Пласница.

Иако речиси сите жители на Пласница се декларираат како Турци, освен кога вака се поздравуваат, меѓу себе комуницираат на македонски јазик. Меѓутоа, турското влијание е присутно насекаде.

Пласничарски план за мигрантите

Матичарот Абдурахман Амчоски дури има шеговит предлог како да се реши непостојниот проблем со мигрантите во Македонија.
„Печалбарите се враќаат само во лето, прават свадби, градат куќи и си одат. Цели куќи зјаат празни, можеме да им ги дадеме на мигрантите“, по малку на шега вели матичарот кој од својата евиденција извади податок дека само ова лето имало околу стотина бракови, од кои повеќето печалбарски.
„Печалбарските свадби во Пласница се богати“, вели матичарот, „се оставаат големи бакшиши на музичарите, од 5.000 до 10.000 евра, а во еден случај бакшишот отишол дури до 30.000 евра.“

Среде плоштад има црвена бина на кој од сите страни е нацртана белата турска полумесечина, а од еден од ќошевите на овој бекатонски плочник стрчи јарбол на којшто се вее избледено и поткинато турско знаме.

Многу куќи имаат зелен или син ламаринен покрив или, пак, метални порти во една од овие бои, а најубавите објекти во селата без конкуренција се џамиите. Од брегот на Треска, која тече на половина километар надвор од селото, се гледа како низ дрвјата се извишуваат златните минариња на новата џамија, која оттаму потсетува на дворец.

Турската канцеларија за развој и за соработка (ТИКА), државна фондација на Република Турција, ја финансирала изградбата на новото училиште во Пласница и затоа на него е закачена плоча со ликот на Кемал Ататурк.

Лидерот на Младотурската револуција го има и на голема фотографија во кабинетот на градоначалникот, ја закачил веднаш над бирото, додека од спротивната страна поставил врамена фотографија на неговиот син, кој сега ја раководи „Пуцко петрол“, со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

ТИКА дала пари и да се изгради општинската зграда, во која работат околу 15 службеници. Таму нѐ прошета општинскиот службеник Беговски, кој дента го заменуваше градоначалникот. Внатре е тивко и сѐ уште мириса на салон за мебел, бидејќи општинарите се вселиле пред Нова година.

За макијатото и за еспресото на плоштадот плативме вкупно 70 денари, му дадовме железна десетденарка и на девојчето со црвената бејзбол-капа и тргнавме кон Кичево, па оттаму за Скопје.