Анализи

Четири години од триумфот и година од „погребот“ на СЈО

По дваесетина обвиненија и истраги, само шест правосилни пресуди

Музеј што ги чува бомбите и меморијата за заробената држава. Во зградата на некогашното специјално јавно обвинителство доминира чувството на празнотија. Од над 100 вработени и ангажирани, сега има едвај петнаесетина.

30 јуни 2020 е датумот кога формално згасна СЈО. На 29 jуни пред четири години, во само еден ден беа поднесени 17 обвиненија.

Иако со амбиција да стане редовно обвинителство, институцијата имаше „ограничен рок на употреба“. Точно пет години и девет месеци.

Во зградата на Рузвелтова нема интернет, а за одржувањето се грижат тие што останаа да доаѓаат таму.

Се покажа дека оваа законски умртвена институција и натаму вегетира со последните знаци живот.

Од друга страна, на правдата не ѝ се брза кога се во прашање судските постапки за високопрофилните случаи што ги отвори СЈО. Досега само во шест од дваесетина предмети има правосилни пресуди.

Доброволен прилог за хигиена

На пријавницата – листи за доброволен прилог за одржување хигиена | Фото: БИРН

Една година откако формално згасна специјалното јавно обвинителство и четири години по поднесувањето на обвиненијата, на Рузвелтова бр. 34 е тивко.

Ако пред четири години, беше врвулица кога пред зградата „кампуваа“ новинари од утро до мрак, се испитуваа десетици сведоци дневно, се одржуваа брифинзи, прес-конференции, денес ова место е една сосема поинаква слика.

На 29 јуни 2017 се одржа прес-конференција, на која тогашната шефица на СЈО, Катица Јанева, заедно со сите обвинители застанати еден до друг, објави дека поднесуваат 17 обвиненија. Во тој бурен јунски ден, во обидот да се запази рокот, десетици кутии со доказен материјал беа истоварени во Кривичниот суд.

Денес институцијата е формално загасната, но вегетира на апарати за дишење. Од над стотина вработени и ангажирани, сега се едвај петнаесет.

Полупразен паркинг. На самата пријавница, каде што се евидентираат тие што влегуваат во објектот, беа оставени листови за собирање доброволен прилог за хигиена.

На средината во зградата стои големото препознатливо бело пано со логото и долгото име на СЈО, пред кое своевремено обвинителките Јанева, Фетаи и Ристоска беа издигнати на ниво на полубожества.

А внатре – штама. Додека бевме внатре, не се слушна ниту еден глас или звук. Единствено што се движеше е времето во големиот ѕиден часовник.

Од десет обвинители, пет и натаму се во зградата, иако повеќе не се „специјални“ и се водат како основни јавни обвинители. Останатите беа избрани и унапредени и одат на работа во други обвинителства.

Тие што се уште таму ги застапуваат предметите пред судот и со тежок чекор ги доработуваат отворените истраги. Нема ниту еден стручен соработник. Останале без работа по згаснувањето на институцијата, а некои работат во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Таблата за обвинителството со најдолг назив | Фото: БИРН

Си заминале и половина истражители. Од над дваесетина, колку што имаше СЈО кога работеше во полн ек, сега се едвај десетина, но речиси и да не работат.

Обвинителите немаат интернет. Кога ќе им затреба, си пуштаат од мобилните телефони.

Исто е и со хигиената. Од свој џеб даваат пари за најелементарните хигиенски потреби, па повремено ангажираат човек за да чисти.

Канцелариските материјали што ги користат се оние што се набавени во време додека уште СЈО било живо.

Проверката на база на податоци на „Отворени финансии“ покажа дека парите секнале лани пред да стапи во сила новиот Закон за јавно обвинителство, кој ја запечати судбината на СЈО.

Последните исплати од сметката на СЈО кон вработените и ангажирани лица се од април 2020 година, непосредно пред и формално оваа институција да згасне.

Чувари на бомбите

Бомбите како сувенир без доказна моќ и натаму се во зградата на некогашното СЈО | Фото: БИРН

Обвинителите што уште се таму немаат записничар. Таа работа повремено ја работат некои од истражителите што некогаш биле, како што велат самите обвинители, „најмоќното оружје“ на специјалното јавно обвинителство.

За сѐ што ќе им треба да преземат, одат до Скопското или до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за да им се парафираат документите или да им се стави печат.

Иако многу ретко, сведоци сѐ уште доаѓаат за истрагите што ги водат обвинителите што останаа во СЈО.

Прес на СЈО – 29 јуни 2017 | Фото: БИРН

И обвинителите кои од СЈО беа избрани да гонат организиран криминал повремено доаѓаат во зградата на ова обвинителство. Како на пример, обвинителката Лиле Стефанова, која ја работи истрагата за „Империја“.

Нема ниту колегиуми, како што тоа се случуваше порано. Во канцелариите уште се наоѓа по некоја кутија полна со доказен материјал.

Оваа атмосфера на празнотија многу се рефлектира на квалитетот и брзината на истрагите. „Актор“ и „Пропаганда“ многу потешко ќе се сработат без онаа поддршка од истражители и стручни соработници што порано ја имаа обвинителите, велат оттаму.

Бомбите, со чија доказна моќ беа поднесени обвиненија, и натаму се во објектот. Она обезбедување што останало е токму поради бомбите и доказите, велат обвинителите. Две од нив, кои свовремено ѝ беа заменички на Катица Јанева, Ленче Ристоска и Елизабета Јосифовска се задолжени за протоколите во чувањето.

Но, бомбите една година немаат моќ да бидат докази во постапките, освен во обвиненијата што се поднесени до 30 јуни 2017.

Половина предмети без првостепена пресуда

Од дваесетина обвиненија – шест правосилни пресуди во четири години | Фото: БИРН

Дури девет од дваесет обвиненија на СЈО што првично беа поднесени и по четири години немаат правосилна пресуда и уште се судат во скопска единица, покажа анализата на БИРН.

Меѓу нив е и предметот што СЈО го отвори прв, „Титаник“, кој се суди повеќе од 3,5 години.

Некои од предметите со години не може да мрднат од мртва точка, како на пример „Тотал“, кој мина низ рацете на неколку судии и постојано почнуваше одново и одново, без да биде донесена првостепена пресуда.

Правосилно завршени се само шест од вкупно 22 предмети за кои беа поднесени обвиненија. Шест сѐ уште се наоѓаат во жалбена постапка пред второстепениот суд, меѓу кои и предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.

Активно се судат дури четиринаесет предмети на СЈО. Два предмета, пак, чекаат почеток, односно прво рочиште, „Плацовите на Водно“, и „Поштенска банка“.

Има и две затворени истраги: „Попис“ и „Рендген“. Обвинение за нив нема да има.