Анализи

Наредбата на Бајден ја открива загриженоста на САД за регионот

На што точно мисли Вашингтон?

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Проширената извршна наредба издадена од американскиот претседател Џо Бајден, наменета за оние за кои се смета дека го дестабилизираат Западен Балкан, е одраз на тоа колку Вашингтон е загрижен за насоката во која се движи регионот, за растечкото влијание на Кина и за слабеењето на политиките на ЕУ, велат експертите.

Единственото прашање е – кој треба да биде повеќе загрижен?

„Верувам дека наскоро ќе слушнеме нови имиња, не само од политиката“, вели Ѓерѓ Вурмо, програмски директор на Институтот за демократија и медијација во Албанија, шпекулирајќи дека политички поврзаните бизнисмени и медиумски личности „наскоро ќе си ги најдат имињата на листата“.

Според босанската политичка аналитичарка Тања Топиќ, лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, бил „инспирација“ за наредбата, поради неговите постојани закани за отцепување, но „ќе биде интересно да се види кој ќе му се придружи на Додик на листата“.

Кој и да е на нишан, наредбата на Бајден се гледа како знак на длабока нелагода.

„Американците не се задоволни со тоа како се развиваат работите“, вели поранешниот српски амбасадор во Вашингтон, Иван Вујачиќ.

„Интеграцијата во ЕУ, која е важна за нив, не напредува, додека корупцијата и криминалот цветаат. Ова изгледа дека е наменето и за владите што потпишуваат нетранспарентни договори со Кина, чие влијание во регионот е во пораст“.

Срушена надеж

Наредбата на Бајден од 8 јуни за „блокирање на имотот и забрана за влез во САД на одредени лица што придонесуваат кон дестабилизирање на ситуацијата на Западен Балкан“, доаѓа две децении откако администрацијата на Џорџ В. Буш издаде извршна наредба со која се блокираше имотот на „оние што се закана за меѓународните напори за стабилизација“ во регионот, издадена по една деценија помината во војни и по симнувањето на српскиот претседател Слободан Милошевиќ од власта во 2000 година.

Тогаш беа силни надежите дека стабилноста ќе биде забетонирана и дека регионот бргу ќе се движи кон интеграција со Западот. Но, оттогаш, од државите што се создадоа по распадот на социјалистичка Југославија, само Словенија и Хрватска ѝ се придружија на Европската Унија.

Експанзијата на НАТО се одвиваше побрзо, но корупцијата и организираниот криминал цутеа, а демократијата остана ранлива. Русија, Турција и особено Кина го засилија своето присуство.

Во наредбата на Бајден директно се споменува договорот од Преспа од 2018 година, со која се стави крај на повеќедеценискиот спор меѓу Грција и Северна Македонија поради името на втората страна, Охридскиот рамковен договор од 2001 година со кој се завршија неколкумесечните судири во Северна Македонија меѓу владините безбедносни сили и албанските бунтовници, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се заврши војната во Косово во 1998-1999 и Дејтонскиот договор од 1995 година со кој запре крвопролевањето во Босна и Херцеговина.

Во изјава за БИРН, американската амбасада во Белград рече дека САД ја прошируваат програмата за санкции за „пошироко да ги таргетираат штетните активности во регионот“, за да ја вклучат Албанија, за да се адресираат „регионалните мрежи на корупција“ и за да се вклучат новите настани како Договорот од Преспа и работата на Меѓународниот резидуален механизам за трибуналите за воени злосторства, со кој се заокружува работата на меѓународните трибунали за поранешна Југославија и за Руанда.

Вујачиќ за БИРН вели: „Ова е нов механизам за притисок врз владите и врз поединци, како и порака до сите актери на Балканот дека се следат внимателно и дека ќе бидат казнети ако е потребно“.

Вурмо смета дека наредбата е резултат на продолжената криза и стагнација во Босна, застојот во преговорите меѓу Косово и Србија, внатрешните тензии во Црна Гора, потребата да се награди Северна Македонија за Договорот од Преспа, како и заканите од „заробување на државите“ и преклопување меѓу политичките, економските и криминалните структури во некои земји од регионот.

„Очигледно ЕУ не можеше и не може да се справи со таков ‘тежок’ регион и не може ниту да ги исполни своите ветувања кон Северна Македонија, Косово (визна либерализација) итн.“, вели тој.

„Второ, наредбата доаѓа во време кога гледаме дека преовладуваат ставовите дека корупцијата ги кородира, не само економијата и демократијата на одредена земја, туку и безбедноста на заедницата кон која таа припаѓа“.

Американската политика е конзистентна, без разлика кој е претседател

Photo:Bundesregierung
/Bergmann

Вкупно 193 лица или организации од регионот се под американски санкции. Многу од нив се осудени за воени злосторства.

Додик, српскиот член на босанското тричлено претседателство, беше ставен на листата во 2017 година поради активно попречување на напорите да се спроведе Дејтонскиот договор од 1995 година.

Иако порано важеше за реформист и за сојузник на Западот, Додик стана тврд националист, кој со години активно бара распаѓање на Босна, со што би се овозможило ентитетот Република Српска, каде што неговата партија е на власт, да си оди по својот пат.

„Очигледно е дека не е важно кој е претседател на САД, нивните политики се конзистентни“, вели Топиќ.

„Со неговите изјави за независност на ентитетот на босанските Срби, распаѓањето на Босна и за референдум (за отцепување), Додик предизвикува дополнителни тензии во земја, која и онака има доволно проблеми“.

Додик рече дека наредбата на Бајден била обид да се „обликуваат односите во регионот“, но дека таа само ќе го направела дијалогот потежок „особено кога е во прашање Босна и Херцеговина“.

Политичарите не се недопирливи

Во наредбата на Бајден се нагласува и дека казните би се однесувале и на оние што се одговорни за „сериозни нарушувања на човековите права, вмешаност во корупцијата во регионот, вклучувајќи и злоупотреба на јавни фондови, отуѓување приватен имот поради лична корист или поради политички причини и мито“.

Во последните години сѐ посилно се гледаат знаци на поврзаност меѓу политичките елити од регионот и организираниот криминал и корупцијата.

Вујачиќ вели дека српскиот дилер со оружје Слободан Тесиќ, кој веќе е ставен на листата од 2017, бил посебно интересен. Тесиќ, кој помина една деценија на црната листа на Обединетите нации поради нарушување на ембаргото за оружје во Либерија, и натаму стопанисува со српската држава, објави БИРН.

Според Трезорот на САД, „Тесиќ директно или индиректно обезбедувал мито и финансиска поддршка за функционери“, за да добие договори за продажба на оружје.

„Сигурен сум дека на властите во Белград им било кажано дека го следат внимателно“, вели Вујачиќ за БИРН.

Исто така, Вујачиќ рече дека САД сакале да ги спречат и трговијата со дрога и перењето пари, активности што се толку раширени, што се смета дека мора да имаат некаква премолчена поддршка од државните структури.

„Ова е предупредување до политичарите, кои мислат дека се недопирливи, дека треба да размислат уште еднаш“, вели тој за БИРН.

Во Албанија, Вурмо вели дека многу албански политичари сигурно со загриженост ги прочитале вестите за наредбата на Бајден. На поранешниот претседател и премиер Сали Бериша и на неговото семејство им беше забрането да влезат во САД на 19 мај поради „вмешаност во значителна корупција“.

Неколку други политичари и судски функционери беа ставени на црната листа. Вурмо вели дека очекува и други да им се придружат, „имено соработниците на оваа група на политичари, кои и натаму држат силни позиции во економијата и во медиумите, ќе си ги најдат имињата напишани на листата“.

Наредбата на Бајден сама по себе нема да ги реши проблемите на регионот, рече тој, но на неа „треба да се гледа како на катализатор за порешителни активности од самите држави во регионот, нивните институции и општеството“.