Анализи

Суспендиран обид за суспензија на ДУП-овите

Властите имаат различни толкувања за тоа што е штетно, а градежниците имаат само корист

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Начинот на кој пропадна првиот обид да се суспендираат важечки урбанистички планови отвори сомнежи за подготвеноста и за желбата на властите на сите нивоа, од централни до локални, да се справат со прекумерното градење.

Министерството за транспорт и врски и Општина Центар, чии ДУП-ови (вкупно 22) беа предложени за суспензија, се заплеткаа во толкувањето детали и формалности од Законот за просторно и урбанистичко планирање за да утврдат кој е прав, а кој е крив.

Со тоа тие ја пуштија низ вода можноста да утврдат штета по јавниот интерес во ДУП-овите, како што предвидува Законот за урбанистичко планирање, и да ги стават под мраз. Наместо да најдат каде се штетните делови и како да се отстранат, двете страни влегоа во расправа во јавноста за тоа како требало да се напишат елаборатите за суспензија и на кои членови од законот треба да се повикаат.

Можноста за суспензија на урбанистички планови, воведена со законските измени од февруари 2020 година, беше најавувана како правна основа за да се исправаат неправилностите во ДУП-овите, откако одлуките за мораториум во Општина Центар беа двапати оспорени од Уставниот суд, а другите општини воопшто не се охрабрија да донесат такви мерки, стравувајќи од правни последици.

Првиот тест, сепак, не влева многу надеж, а во јавноста се појавија коментари дека и оваа законска можност се претвори во уште еден трик на политичкиот маркетинг.

Многу жители не биле проблем

Одлуката го отвори патот за изградба на висококатниците спроти Холидеј Ин | Фото: БИРН

Две точки на разидување беа клучни во пропаѓањето на обидот за ревидирање на плановите во Центар – што точно треба да се суспендира и што сѐ може да биде штета по јавниот интерес. Комисијата што одлучувала по барањата за суспензија во Министерството за транспорт и врски оценила дека општината утврдила неправилности само во одредени подрачја опфатени со ДУП-овите, а барала поради нив да се суспендираат целите планови.

„Ако се проблематични неколку парцели, зошто луѓето каде што е чисто да бидат исто така под суспензија? Законот дозволува да се суспендира и дел од план, не мора целиот. Тоа е исто како, ако некому му е определен домашен притвор, никој од неговата зграда да не смее да излезе од дома“, вели архитектот Мирослав Грчев, член на комисијата.

Тој посочи неколку примери, како планот за Долно Водно, каде што ако се барало да се суспендира само делот што навлегува во парк-шумата (плацевите што се поврзуваат со поранешниот премиер Никола Груевски), таквиот елаборат би можел да се прифати. Но, бидејќи се барало да се суспендира целиот план поради тоа, морале да го вратат барањето.

„Таму има над 1.000 дрвја и десетици илјади други растенија. За тој дел е јасна штетата по јавниот интерес во намалувањето на зелениот појас“, вели Грчев.

За планот што најмногу го окупираше вниманието на јавноста во изминатиот период, за просторот спроти хотелот „Холидеј ин“, каде што веќе се подготвува изградбата на три висококатници, професорот вели дека не биле понудени доволно аргументи дека има штета по јавниот интерес.

Главен аргумент била неусогласеноста на ДУП-от со Генералниот урбанистички план, особено надминувањето на максималниот број жители, што според Грчев не е проблем бидејќи има доволно простор за да се изградат и јавни установи (училишта, градинки) и деловни и комерцијални објекти за да се задоволат нивните потреби и да се постигне одржливост.

Јана Белчева-Андреевска, поранешната претседателка на општинскиот совет на Центар, која ги иницираше обидите да се променат спорните ДУП-ови во Центар, вели дека несовпаѓањето на еден детален план со Генералниот урбанистички план е само по себе штетно по јавниот интерес и е доволна основа за суспензија.

„Освен тоа, нема никаква логика да се суспендираат само делови од урбанистичките планови. Не можеме да одиме зграда по зграда. Планирањето е комплексно и треба да биде избалансирано, односно параметрите треба да бидат распределени на целиот простор, а не само на микролокации“, вели Белчева-Андреевска.

Враќање на врзаните раце

По две одлуки на Уставниот суд и една на Министерството за транспорт, ДУП-овите во Центар опстанаа | Фото: БИРН

Третата формалност што ѝ пресуди на можноста да се поправат грешките во деталните урбанистички планови беше членот од законот на кој се повикала општината во барањата за суспензија. Според Комисијата, требало да се искористи членот 23, каде што се предвидува можноста за суспендирање, а општината се повикала на членот 35, кој предвидува дека плановите од пониско ниво (ДУП) треба да бидат усогласени со тие од повисоко ниво (ГУП).

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, иако ја прифати одлуката на комисијата од Министерството, сепак не се согласува дека го употребил погрешниот член.

„Членот 23 ја предвидува можноста за суспензија, додека членот 35 ја регулира основата зошто ја бараме таа суспензија – неусогласеноста на плановите. Од формален аспект не мислам дека имаме никакви проблеми. Но, одлуката е веќе донесена“, вели Богдановиќ.

Иако советот на Центар уште во декември 2020 година го задолжи градоначалникот да подготви и да поднесе елаборати за суспензија, и иако тие биле готови за две недели, одлуката по нив падна дури денес. Последицата од тоа е што барањето за градежна дозвола на инвеститорите за висококатници спроти „Холидеј ин“ во меѓувреме стана правосилно, и со тоа се истрошија сите можности да се спречи градењето на оваа локација.

Богдановиќ вели дека одолжувањето било затоа што за дел од локациите опфатени во ДУП-овите, како т.н. шпански скали на плоштадот, се водат судски постапки, па тоа требало да биде опфатено со елаборатите. Тој додава дека, иако ова беше прв обид да се искористи можноста за суспензија на плановите, немале разговори или координација со Министерството за да спречат формални или други пропусти во барањата и во елаборатите.

„Тие ни рекоа – вие треба да ги направите. И сега ни ги одбија“, додава тој.

Кој е резултатот од сето тоа? Единствената општина што во изминатите години преку мораториуми и други активности се обидуваше да смени важечки ДУП-ови поради штета врз јавниот интерес, по две одлуки на Уставниот суд и една на Министерството, се врати речиси на почетните позиции на кои беа други општини, како Аеродром,а тоа е познатата позиција  „врзани раце“.

Иако СДСМ силно влезе во кампањата за локалните избори во 2017 година со ветување дека ќе го ограничи градењето за да овозможи простор за повеќе зеленило и помало загадување, повеќето градоначалници од оваа партија по изборните победи изјавуваа дека не можат да го сторат тоа бидејќи сопствениците на парцелите веќе имале стекнато некакви права и вредност, па ако им ги намалат градбите, би требало да ги обесштетат, а со тоа да го оштетат општинскиот буџет и да ризикуваат кривични постапки против нив во иднина.

Сега е речиси извесно дека ваков ризик не постои ниту во Центар.