Анализи

„Жолтите комбиња“ на ИФИМЕС

Контроверзните анализи на словенечкиот институт секогаш во полза на премиерот Заев

  • 9
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Јавната обвинителка за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска имала неовластени контакти со Мијалков и со Камчев, но за тие контакти се дознало и таа морала да побара притвор за двајцата.

Овој контроверзен, но апсолутно непоткрепен податок е поместен во мајската анализа на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС насловен „Северна Македонија: Дали ЕУ е пред нова историска грешка?“.

До ова сознание ИФИМЕС дошол откако претходно „вовел мониторинг над случаите за Мијалков и за Камчев“.

„Комплетна глупост е ова. Апсолутно може сè да проверат, да видат дека не сум имала лични контакти“, изјави за БИРН обвинителката Русковска.

Анализата доби медиумско внимание во Македонија. Таа претежно беше пренесена на интернет-портали, меѓутоа акцентот во тие новинарски написи беше ставен на сосема друг провокативен навод на ИФИМЕС.

Тој, пак, по својата содржина неодоливо потсетува на „приказната“ на Никола Груевски за странските служби што прислушувале низ Скопје преку жолти комбиња. Имено, извесни аналитичари, чии имиња не се објавени во текстот, предупредувале оти постои тајна разузнавачка операција, која во меѓународните кругови се нарекувала „Коњски скок“.

Анализата во која има два најблаго речено контроверзни наоди не е потпишана од автор и, од она што може да се забележи на нивниот сајт, во делот наречен „Истражувања“, тоа е честа пракса на ИФИМЕС

Операцијата, според анализата, се состоела во дестабилизација на Македонија преку постојано продуцирање бројни афери и дека крајната цел било враќањето на Груевски од Будимпешта, каде што ужива политички азил.

„Коњски скок“ е всушност називот на операцијата од мај 1945, попозната како Десантот на Дрвар, во која целта била германскиот окупатор да го зароби водачот на Народно-ослободителната војна, Јосип Броз Тито.

„Разузнавачките служби детектирале и лоцирале повеќе од 160 портали, кои продуцираат бројни (лажни) вести (фејк-њус) и афери со намера да предизвикаат хаос и дискредитација првенствено на премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски“, се вели во објавениот текст, без да се прецизираат некакви докази.

Анализата во која има два најблаго речено контроверзни наоди не е потпишана од автор и, од она што може да се забележи на сајтот на институтот, во делот наречен „Истражувања“, тоа е честа пракса на ИФИМЕС.

БИРН се обрати до директорот на институтот, Зијад Беќировиќ.

Нѐ интересираше зошто ИФИМЕС само понекогаш ги објавува имињата на авторите на анализите, односно врз основа на каква проценка ги носи тие одлуки. Сакавме да знаеме кој или кои се авторите на анализата и каков е нивниот бекграунд.

Му поставивме и прашање за природата на мониторингот над случаите за Мијалков и за Камчев.

Беќировиќ не одговори на прашањата, иако ги доби и ги отвори нашите електронски и СМС-пораки.

Платената соработка со премиерот

Словенечниот институт беше надворешен соработник на премиерот Заев | Фото: Влада на СРМ

ИФИМЕС, со седиште во Љубљана, се претставува како организација фокусирана на областите на меѓународната политика и економија и која советува влади, државни институции, компании и поединци.

Пошироката јавност за првпат се запозна со овој институт откако се објави дека тој беше единствената организација на листата на надворешни соработници на премиерот Зоран Заев.

Словенечкиот институт имаше договор со македонската влада со важност од јули 2017 до самиот крај на 2019 година.

ИФИМЕС за владата собирал и обработувал информации за прашања од областа на конфликтите во светот од верска, етничка, национална и расна основа.

Официјално, ангажманот на ИФИМЕС со македонската влада не се поврзува со неговите повремени извештаи што ја обработуваат Македонија, како овој во кој се шпекулира за обвинителката Русковска и за наводната операција „Коњски скок“.

Владата го плаќала институтот по 1.000 евра месечно, плус на нејзините претставници им ги покривала патните и трошоците за хотелско сместување, како и други трошоци.

Вкупно за ангажманот на институтот му се исплатени повеќе од 37.000 евра.

Македонската јавноста не дозна веднаш дека ИФИМЕС е на листата надворешни соработници на Заев, туку дури по две години, по притисок на серија новинарски текстови за соработниците во премиерскиот кабинет.

Македонската јавноста не дозна веднаш дека ИФИМЕС е на листата надворешни соработници на Заев, туку дури по две години, по притисок на серија новинарски текстови за соработниците во премиерскиот кабинет

Сега од Владата, за БИРН, информираат дека соработката со институтот престанала при формирањето на техничката влада за ланските предвремени парламентарни избори. Нов договор немаат.

Оттаму за БИРН велат дека информациите и анализите добиени од истражувањата на овој Институт биле „едни од многуте податоци кои му користеле на премиерот при неговите активности во рамки на меѓународната агенда“.

На барањето на БИРН да добиеме некој од пишаните извештаи што ИФИМЕС ги подготвил за премиерот, оттаму одговорија:

„Истражувањата и податоците изработени и обезбедени од ИФИМЕС беа од работен карактер, а истите на премиерот и кабинетот им беа на располагање во различни непубликувани формати, како дел од придонесот кон подготовките на премиерот за активностите што тој ги имаше во регионот и на меѓународната сцена.“

Надворешен соработник на Заев официјално беше и првиот човек на ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ, како и членовите на управните тела на овој институт, Аљаф Бакхатијар и словенечкиот професор Владо Димовски.

Беќировиќ и Бакхатијар не добиваа надомест за својата работа, додека Димовски имаше договор од февруари 2018 до декември 2019 година.

Беше ангажиран како советник за економски прашања и добивал месечен надоместок од 1.000 евра или вкупно 22.789 евра за целиот период на соработка.

ИФИМЕС секогаш на иста „бранова должина“ со Заев

Обвинителката Рускоска „мета“ на контроверзни наоди на ИФИМЕС | Фото: Роберт Антасовски

Мајската анализа на ИФИМЕС, во која се зборува за наводните неовластени контакти на Вилма Русковска со лица што нејзиното обвинителство ги гони, доаѓа еден месец по одлуката на судот, по барање токму на Русковска, блискиот соработник на премиерот Заев и поранешен генерален секретар во Владата, Драги Рашковски да оди во притвор поради софтверската афера.

Не е првпат ИФИМЕС да исфрла контроверзни наводи што интерферираат со интересите на премиерот Зоран Заев и владејачката СДСМ.

Поголемо медиумско внимание доби анализата на ИФИМЕС од септември 2019 година, во која случајот „Рекет“ беше оквалификуван како „меѓународна разузнавачка операција против државата“.

Оваа анализа се појави еден месец откако италијанскиот весник „Ла верита“ го објави видеото, на кое, според сега веќе првостепената пресуда, Камчев му давал изнудени 1,5 милион евра на Бојан Јовановски – Боки 13.

„Во меѓународната разузнавачка операција ‘Рекет’ насочена против Република Северна Македонија и нејзиното водство учествуваат покрај разузнавачи, политичари, поединци од институциите во државата, новинари, естрадата, бизнисмени, професори, медиуми и еден број на поединци кои (не)свесно се вовлечени во оваа разузнавачка операција“, пишува ИФИМЕС во септември 2019 година.

Следната 2020 година, словенечкиот институт, во очи предвремените избори во Македонија, излезе со анализа, која ѝ „легна“ на агендата на СДСМ и на Зоран Заев во предизборниот дуел со ДУИ.

И овојпат анализата имаше непоткрепени контроверзни информации и повторно таа не беше потпишана од автор.

Не е првпат ИФИМЕС да исфрла контроверзни наводи што интерферираат со интересите на премиерот Зоран Заев и владејачката СДСМ

Ако Заев на митинзите велеше дека е дојдено времето ДУИ и Али Ахмети да одат во опозиција, оти тоа било здраво за државата, словенечкиот институт четири дена пред изборите напиша:

„Претседателот на ДУИ, Али Ахмети ги интензивираше своите контакти и ги координира активностите со Никола Груевски, со кого има 11-годишно политичко и криминално минато за да им овозможи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно да формираат македонска коалициска влада.“

„Затоа, гласањето на претстојните избори за ДУИ, всушност, ќе биде глас за ВМРО-ДПМНЕ и Груевски.“

Словенечкиот институт не го смени стилот ни во анализата што се појави по бегството и враќањето на Сашо Мијалков.

Во март годинава, ИФИМЕС исфрли анализа, во која, повторно повикувајќи се на анонимни аналитичари, пишуваше дека во тој период „во Северна Македонија бил на сцена мини државен удар за да се сруши владата на Зоран Заев“.

„… на денот кога беше официјализирано бегството на Мијалков, ВМРО-ДПМНЕ веќе имаше список со членови на новата влада и се надеваше на ново парламентарно мнозинство.“

„Експресното апсење и долгогодишната затворска казна на Мијалков спречи обид за ‘мини-пуч’ и ја продолжи демократската влада на Зоран Заев до редовните парламентарни избори…“, пишува во анализата.

Нарушен кредибилитет

Анализите на ИФИМЕС предизвикуваат контроверзии и на просторот од поранешните југословенски републики.

Словенечкиот интернет-медиум „Под чрто“, во 2016 објави сторија во која тврди дека институтот меѓу 2011 и 2016 година изработил шест проблематични студии за словенечката Општина Копер, за вкупно околу 70.000 евра. 

Содржината на тие студии била многу општа и не нудела детална анализа на темата што ја покривала. Според наодите на „Под чрто“, две од тие студии се речиси целосен плагијат, додека во други две анализи, словенечките новинари нашле неколку страници буквално препишани од други извори.

Првиот човек на ИФИМЕС не коментирал во врска со наводите за плагијат и објаснил оти студиите биле напишани на поедноставен начин за да можат да бидат полесно разбрани.

Присуството на поранешните политичари во телата на ИФИМЕС го засилуваат имиџот на овој институт, меѓутоа минатата година тие остро се оградија од две негови анализи

Почесен претседател на ИФИМЕС е поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, а последниот министер за надворешни работи на СФР Југославија, 97-годишниот Будимир Лончар е претседател на советодавниот одбор на овој словенечки институт.

Присуството на поранешните политичари во телата на ИФИМЕС го засилуваат имиџот на овој институт, меѓутоа минатата година тие остро се оградија од две негови анализи.

Месиќ и Лончар лани во заедничко соопштение се дистанцираа од анализата посветена на Србија во очи парламентарните избори и на активностите на странските разузнавачки служби во земјата и од анализата за состојбите во Црна Гора и во Република Српска.

„Двете ‘анализи’ (сосема свесно ја ставаме таа реченица под наводници) се пример на еднострано и тенденциозно интерпретирање факти со додаток на претпоставки, кои не се поткрепени со ништо, па дури и директни обвинувања (на сметка на поедини политичари или држави)“, се вели во реакцијата на Месиќ и на Лончар.