Анализи

Гради каде ќе стигнеш – државата ќе те амнестира

Можна е правна хаварија по новите измени за легализација на дивоградби

Зеленото светло од пратениците за легализација на бесправно изградените објекти, не само што ќе ги размрда бетонските завртки на правната држава, туку и ќе предизвика правно цунами во тековните судски и обвинителски предмети.

Правната фела е внимателна во заклучоците за тоа какви правни последици би предизвикале промените за кои јавноста жестоко реагира. Но, во едно се сигурни – измените ќе внесат правна ентропија и ќе поттикнат градежно самоволие.

Анализата на пресудите за бесправно градење што ја направи БИРН покажа дека и досега не биле бројни предметите за дивоградби. Обвинетите што граделе на диво, најчесто поминувале со условни казни.

Членот 41

Новите измени нема да влијаат врз судењето за „Мавровка“, тврди адвокатот на обвинетиот | Фото: БИРН

Четириесет и осум часа по формирањето на новата влада, лани во септември, механизација од „Македонија пат“ се истовари пред трговскиот центар „Мавровка“ за да ја урне доградбата, на чиј габарит се распостилаше ново бетонско здание.

Овој настан стана симбол за тоа како со месеци институциите не постапуваат за нешто што е толку очигледно. На шега може да се чуе и приказна дека додека да пресечат судиите дали има кривично дело бесправно градење, тие ќе испијат многу кафиња во истиот објект. Но, кога политиката ќе процени дека недејствувањето му штети на рејтингот, во еден ден работите се менуваат.

Адвокатот на обвинетиот за овој случај, Мевљудин Алити, Александар Варела, за БИРН вели дека не верува оти новите измени ќе го допрат обвинението за бесправно градење за случајот  „Мавровка“.

Причината е тоа што кај нив било спорно дали воопшто требало да има одобрение за доградба, а не за легализација на бесправно-изградени објекти, бидејќи, како што рече, објектот е легален.

Но, независно од исходот, ова е само еден од оние примери на високоекспонирани случаи, кои би можеле пред судот да настапат со аргумент дека во полза им оди новодонесениот закон, кој уште не е пуштен во правен промет.

Додека да почне судската постапка за „Мавровка“, парламентарците по брза постапка ги изгласаа измените за продолжување на „традицијата на легализација“ на бесправно изградени објекти.

Членот 41 предвидува да запрат сите тековни кривични, граѓански и управни судски постапки што произлегуваат од постапките за отстранување објекти што се завршени или се во тек и постапките за изградба на бесправни објекти.

Лани во Кривичниот суд имало само една затворска и пет условни осуди за бесправно градење

Има и други вакви слични предмети како оној со единаесеттемина обвинети во случајот со поранешната кафеана „Имес“, меѓу кои е и ексградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Други два такви примера се предметите на СЈО „Тревник“, каде што обвинети се браќата Павловиќ за бесправно градење викендички во Зелениково, како и предметот „Лидери“, каде што е обвинет 50-годишник, затоа што без одобрение за градба изградил зграда на два ката со вкупна површина од 1.000 квадратни метри, со деловен простор и шест стана.

Билтенот на МВР изобилува со кривични пријави за бесправно градење. И во заштитени зони и во национални паркови. Така, на пример, два месеца пред собранието повторно да го озакони бесправното градење, полицијата поднела кривична пријава за охриѓанец, за бесправно градење во национален парк.

„Во месноста „Трпеичко кале“, кое е во состав на националниот парк „Галичица“, без да поседува одобрение за градба изградил индивидуален објект. Тој, како доказ, употребил фалсификат геодетски елаборат“, пишуваа медиумите за случајот во март годинава.

Со законските измени, дивоградбите во заштитените зони и во националните паркови ќе може да се легализираат.

Вовед во легализација на корупцијата

Прерано е да се оцени како измените ќе влијаат врз тековните постапки | Фото: БИРН

Судијата Владимир Туфегџиќ јавно објави став, според кој, со новодонесените измени на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, се проблематизира постоењето на кривичното дело „бесправно градење“.

„Во вакви околности се поставува прашањето за основаноста и потребата од понатамошното опстојување на кривичното дело Бесправно градење согласно член 244-а од Кривичниот законик“.

Честото донесување закони за легализација на дивоградби, како што пишува судијата, е „вовед во легализација на корупцијата“ бидејќи отвора можност за скриена сопственост, за потеклото и прикриените финансиски текови и перењето пари.

Адвокатот Владо Бангиевски за БИРН е на иста линија со судијата. Вели дека со овие законски измени се урива правната сигурност на граѓаните.

„Стануваат бесмислени сите донесени урбанистички планови и заложби и апели за урбано и хумано живеење, се поттикнува стихијното и беззаконско градење, што е многу голем проблем, заштитата на животната средина е доведена во прашање, а владеењето на правото во урбанизмот и градежништвото е урнисано“.

Од граѓанската организација „О2“, која беше најгласна против новите законски измени, искоментираа дека со овој закон се запираат сите постапки за рушење дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки. „Да, тоа значи и ако има кривични пријави, и тие се стопираат“.

БИРН разговараше со повеќе обвинители и судии за тоа што би можело во правна смисла да предизвика донесениот закон, доколку биде официјално пуштен во правна сила.

Нивниот став е дека е прерано да се извлекуваат заклучоци, но сметаат дека ова е амнестија на непочитувачите на законот. Тековните обвиненија може да бидат повлечени и случаите би можеле да се ценат посебно. Отворени ќе останат прашањата што ќе се случи со предметите каде што веќе има пресуди за бесправно градење и каде што судот наредил одземање на дивоградбите.

Освен тоа, кога ќе запре кривичната постапка, судските трошоци и трошоците за адвокатите паѓаат на товар на Буџетот, што значи дека на тие што биле обвинети за бесправно градење, ако ги опфати овој закон, би требало да им платиме. Причината е едноставна: државата еднаш ги гонела, но се премислила, па одлучила да ги „амнестира“ од кривична одговорност.

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, за БИРН вели дека е прерано да се оценува влијанието на овој закон врз актуелните предмети во судот со кој менаџира, зашто сè уште не е влезен официјално во правниот поредок.

Штом излезе во „Службен весник“, најави дека е можно да свика колегиум со судиите и да се усогласат за тоа во која насока ќе се дели правдата за вакви случаи.

Пиши условна!

Во најголемиот кривичен суд, лани имало само 1 затворска казна за дивоградби | Фото: БИРН

Државата, досега, не се покажа како многу агилна да ги гони кривично тие што одлучиле бесправно да градат. Овој заклучок не треба посебно да се докажува, доволно е се види бројот на бесправно изградени објекти во Скопје.

Но, и кога ќе се земе предвид статистиката, бројките се неумоливи. Една затворска казна и пет условни осуди. За цела 2020 година, во најголемиот кривичен суд во државата, во скопска единица биле примени два предмета, и решени четири.

Ниту во судската база со пресуди нема многу што се однесуваат на бесправно градење. Од увидот што го направи БИРН во пресудите се гледа дека најголемиот број се условни осуди, а имало и такви во кои се одбива обвинението или се ослободуваат тие што биле кривично гонети.