Културата на министерката

Кога ќе го слушнам зборот „култура“, веднаш се фаќам за пиштол. Оваа славна реченица им се припишува на голем број диктатори и автократи: на Сталин, на Жданов, на Геринг, па дури и на самиот Хитлер. Но, како што стојат работите, ако реченицата воопшто е изговорена, неа ја има кажано магот на нацистичката пропаганда Јозеф Гебелс.

Тоа е оној монструм, кој, заедно со сопругата Магда, си ги отру своите шест деца, пред и тој и жена му да го испијат истиот отров.

Јас навистина не можам да претпоставам на што помислува актуелната министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, кога ќе го слушне зборот „култура“, ама тоа бездруго не е некој добронамерен предмет или некое благопријатно место.

Ваквиот „црн“ заклучок, ставен во, признавам, прилично несоодветен контекст, ми се наметна самиот по себе, по моето задоцнето слушање (поради годишноодморските „обврски“) на едно нејзино интервју во еден поткаст.

Во моето крајморско годишноодморско расположение си ветив дека нема самиот да се трујам со оние претешки зборови што првин ми паѓаат на ум, па ќе се обидам да бидам што поблагоречив. На пример, да тврдам дека министерката за финансии нема блага врска како функционира системот што самата го креира или барем е (битен) дел од неговите креатори. А уште помалку знае што се тоа културни политики и кој е интересот на државата во нивното креирање.

Неприфатливоста на прифатеното

Нема, значи, да се осврнувам премногу на тезата дека кога ќе дојде редот за разговор со синдикатите (се мисли главно на синдикалните организации од јавната администрација), за неа е неприфатливо синдикатите сите вработени да ги третираат „топтан“ (нејзин израз), туку дека треба да разберат дека голем дел од вработените не работат ништо.

Само ќе прашам – зошто треба да разберат? Синдикатите ли им ги избираа вработените во администрацијата? Или партиите? Зошто партиите не го разберат тоа, па да прекинат да ја пренатрупуваат администрацијата? Синдикатите ли ги носат законските регулативи? Постои ли законска можност за бркање од работа, ако не се појави некоj три дена на работното место? Постојат ли некакви законски дисциплински мерки, казни од плата итн? Синдикатите ли ги спроведуваат?

Министерката се жали дека во нејзиното Министерство имало 550 вработени, а нејзините потчинети ѝ рекле дека работата комотно можела да се врши со 300 вработени. Па, зошто се тогаш 550? Синдикатите ли ги примиле на работа? Министерката констатира дека „вишокот“ бил прераспределен во некои сектори „каде што суштински не се работи ништо“.

Синдикатите ли ѝ го организираат Министерството? Еве една бесплатна поука за министерката (не мора за тоа да го оптоварува буџетот), синдикалните организации ги штитат правата по основ на работен однос на своите членови, а не на неработниците или на работниците.

Нема, реков, да го коментирам фактот изнесен од нејзина страна дека нејзиниот брат работел во јавно претпријатие, кое не давало плата, не давало давачки итн. И дека таа немало да одвои пари за тоа претпријатие, што, претпоставувам, треба да покаже некаква чесност на министерката.

Нема, се разбира, ни помен дека владата е лош работодавач, што буквално отвора нови министерства (и соодветно јавни претпријатија) само за да се задоволат интересите на партиите на власт, да се вработат, ако не браќа, сестри и други поблиски и подалечни роднини, тогаш сигурно партиски активисти и лепачи на плакати.

И нема ни помен за некаков инспекциски надзор врз тоа јавно претпријатие, каде што родениот брат на министерката не може да си ги оствари своите работни права.

Реков, значи, дека фокусот ќе ми бидат оние десетина минути што во разговорот беа посветени на државната, поточно на институционалната култура. Првата констатација беше дека во Министерството за култура има луѓе што имале поголеми плати „дури и од министри“. И на изјавата следи „додадена вредност“ – „а воопшто не доаѓаат на работа“, што веројатно би требало да го побие контрааргументот – а зошто да немаат поголеми плати од министерот или од некои министри?

Министрите се функции, вработените се професионалци, а системот би требало да се потпира врз професионалноста, а не врз функционерите.

Театарската плата е преголема

„Надградбата“ на тезата за културата како одвишен трошок се префрла врз театрите. Има актери, вели министерката, со над 120.000 денари. И тоа го кажува наводно чисто информативно. Па, следи податок дека во МНТ биле вработени 50 актери, од кои 25 работеле, а 25 не работеле. А платите им биле од 60.000 (почетна), па нагоре (податокот со платите беше мошне ефектно демантиран од Синдикатот за културата на Република Македонија).

Претходно постои извесна ограда: разговарала министерката (не се знае со кого), па ако греши, нека ја демантираат надлежните институции (?). Тоа отприлика звучи како јас сега да кажам (а нема) дека сум разговарал (не се знае со кого) и тврдам дека министерката нема никаква врска од култура. Ако грешам, нека ме демантираат надлежните институции.

Ете, можела да разговара и со нејзиниот колега, министерот за култура (сега и за туризам), актерот Зоран Љутков, кој, ако сакаме да бидеме искрени, не беше баш носител на репертоарот на неговата матична куќа. Можеби ќе можеше да ѝ објасни некои работи.

Јас навистина не можам да влезам во главата на министерката и да видам како таа мисли дека функционира еден театарски ансамбл. Јас не можам да знам дали таа навистина мисли дека животен идеал на еден школуван актер е „да не работи ништо, а да прима плата“. Јас не знам дали министерката знае на кој начин може да се слушне македонскиот јазик на некои далечни меридијани, на пример во Костарика или во Казахстан, освен ако не се направи добра театарска претстава или добар филм.

Јас не знам дали знае дека не треба да отпушта образовани актери, туку дека треба да ги зголеми парите за продукција. Треба да финансира меѓународни презентации. Треба да овозможи вмрежување со светот. А како се прави тоа? Со сериозни и докажани менаџерски капацитети. Кои од времињата на Ристо и Благоја Стефановски изгледа дека ги немаме.

Биро за желби

И тоа, се разбира, не е сѐ. Министерката вели дека некоја нејзина колешка (од Министерството за финансии), кавадарчанка ѝ рекла дека сака да се врати во Кавадарци и да биде кустос во тамошниот музеј. Бидејќи платата ќе ѝ била 72.000 денари. Оваа изјава има повеќе значења. Она што прво ми паѓа в очи е дека вработувањата на владејачката каста, всушност, се одвиваат преку некакво биро за желби.

Друго објаснување немам.

Ако работи жената во Министерството за финансии, тогаш претпоставка е дека нема никакви квалификации да биде кустос во каков било музеј, освен големата желба за поголема плата. Ако, пак, има квалификации да биде кустос, тогаш нема никакви квалификации да работи во Министерството за финансии. Освен големата желба, се разбира. Што значи да се биде кустос, ете, повторно може да ѝ објасни нејзиниот колега, министерот за туризам (сега и за култура) Зоран Љутков.

И тоа уште не е сѐ. Министерката вели дека во Кавадарци не знаат ниту кај им е музејот, а камоли некој да влезе таму. Сите што оделе во Кавадарци, оделе во кафеана. Јас не знам дали министерката била во Кавадарци и дали знае каде се кафеаните, ама јас, по некое чудо, знаев каде е Музејот-галерија, дури и старата и новата зграда.

Додуша знам и некои кафеани.

Но, сѐ и да е така како што вели министерката, прашањето е зошто е така? Зошто луѓето ги знаат кафеаните, а не културните институции. Можеби на Министерството за култура требаше да му се придодаде секторот кафеани, наместо туризам.

Се споменуваа тука и библиотекари и уште куп други работи. И сето тоа во поттекст дека културата е некој одвишен трошок наспроти административците по министерствата.

Јасно е дека министерката никогаш не слушнала за терминот „мека моќ“, дека нема претстава зошто Турција е водечка сила во светот по производство на телевизиски сапуници, зошто бугарската музика се појавува по светските филмски продукции, зошто Романија има една од најдобрите европски филмски кинематографии… Конечно зошто Стејт департментот има оддел за „културна дипломатија“… Не велам дека не ја разбрала улогата на државата во културата, ама велам дека не ја разбрала улогата на културата во државните политики.

И дури тоа го разбере, ние и натаму ќе си ги следиме престарените турбофолк-ѕвезди од северниот сосед.
Или, ако смеам да го парафразирам стариот добар Станислав Јиржи Лец, мене не ме плаши министерката за финансии, мене ме плаши културата на министерката за финансии.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија