Знаете ли кои градови годинава ја носеа титулата: европска метропола на културата? Знаете ли кои градови ќе ја преземат оваа титула во годината што доаѓа? Или кои градови, заедно со Скопје, ќе бидат европски културни престолнини во 2028 година? Не знаете?
Ништо страшно. Не знам ни јас. Поточно, не знаев, сѐ додека не погледнав на интернет. Се разбира, за потребите на овој текст. И се разбира дека ќе ги заборавам набргу откога текстот ќе биде објавен.
Туристички имиџ
Мотивот да си ги поставам овие прашања беше „благата паника“ презентирана во јавноста поради евентуалната можност на македонскиот главен град да му биде одземена оваа титула. Експресно се направи некаква интернет-петиција со барање Скопје да остане европска културна престолнина (како божем „гласот на народот“ да е пресуден во доделувањето или одземањето на оваа титула), а се огласи и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Тој вели дека е во комуникација со сите европски амбасадори и дека ќе биде направено сѐ што треба за да не се случи Скопје да ја изгуби оваа титула. Зошто? Мислам зошто би било толку страшно ако Скопје ја изгуби титулата? Љутков вели: „Скопје во изминативе години го изгуби идентитетот. Со организацијата на Скопје, европска престолнина на културата, градот ќе си го врати сјајот. Универзална сала, Калето и зградата на Централната пошта ќе бидат главни пунктови на настаните“.
Добро е да се анимира јавноста за ова прашање… затоа што оваа титула ќе може (и не мора) да значи значително поправање првенствено на културната инфраструктура на градот
Еве, да речеме дека е така, иако не е најјасно на каков скопски идентитет мисли Љутков. На урбанистички? На „Скопје 2014“? На некаков културен идентитет? И каков тоа сјај ќе се врати во градот? Но, велем, ете и да е така, што го спречува министерот Љутков да направи сѐ што е потребно за да му го врати сјајот и идентитетот на градот и без тој да биде европска престолнина на културата.
Не сум сигурен ни во тоа дека со оваа титула градот ќе го подобри својот имиџ во меѓународни рамки и дека значително ќе го зголеми бројот на туристички посети.
Еве, тестирајте сами: колку во вашите очи се поправи имиџот на градовите Боде (Норвешка), Бад Ишл (Австрија) и Тарту (Естонија), градови што годинава беа европски културни престолнини? Добивте ли некоја ненадејна желба туристички да ги посетите токму овие градови затоа што се наводно европски културни престолнини?
Еве, годинава што е пред нас, заедничка културна престолнина ќе направат словенечката Нова Горица и италијанската Гориција (всушност, станува збор за еден град поделен меѓу овие две држави), како и германскиот Кемниц (поранешниот Карл Маркс Штад), па можеби ќе ја демантираат мојата скепса околу овие прашања.
Зошто тогаш за оваа и за секоја друга власт е важно Скопје да ја задржи оваа титула? Првенствено, затоа што станува збор за политичка одлука и за политички суети. Да, се разбира, дека титулата се добива врз база на конкурс и на приложена програма, но, сепак, достигнувањата во творештвото и таканаречената жива култура се второстепени.
Политички мотиви
Токму поради овие политички мотиви, министерот Љутков не ја пропушти шансата да го обвини Град Скопје, инаку формален носител на проектот, за узурпација на активностите. На крајот на краиштата, локалните избори се ближат и мора да се создава впечаток дека „новата понуда“ за раководење со градот ќе биде многу попосветена од актуелната, предводена од сега веќе сатанизираната градоначалничка Данела Арсовска (која, патем речено, дојде на ова место како предлог на истата политичка опција на која ѝ припаѓа Љутков).
И, се разбира, од истите политички причини нема да се спомене дека целата кандидатура на Скопје како европска културна престолнина ја изработи тимот на тогашниот градоначалник Петре Шилегов. И дека титулата ја прими претходничката на Љутков, тогашната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска. (Таа тогаш рече нешто во смисла дека Скопје е подготвен да одговори на предизвикот). Тие се, нели, од спротивниот политички табор.
Ако главните пунктови се уште недоизградената Универзална сала, руинираната зграда на поштата и скопската тврдина Кале, би рекол дека тоа е прилично недоволно за целогодишни културни активности. И несигурно
Втората причина поради која е важно на Скопје да не му биде одземена титулата се – европските пари! Загриженоста на Одборот при Европската комисија задолжен за овие прашања се сведува токму на тоа: не е јасно каде и како ќе бидат потрошени европските пари, а како што знаеме, Европа е прилично ригорозна кога станува збор за трошењето на парите на нејзините буџетски обврзници. И во таа смисла нема што да ѝ се забележи на Европската комисија, особено ако се знае местото на Македонија според истражувањата на перцепцијата на корупцијата, правени токму од Комисијата.
Забелешките на Одборот, помалку или повеќе, исто така се политички и главно се сведуваат на непочитувањето и неостварувањето на зададените и прифатените критериуми (медиумите не пренесоа за кои конкретни критериуми станува збор), за неисполнувањето на програмата што Скопје самиот ја предложил и воопшто за нетранспарентноста на целиот процес.
На веб-страницата на Скопје 2028 не може речиси ништо да се прочита. Постои хронологија на патот до добивањето на титулата (2014 – 2023), но нема ништо за програмата, плановите, идеите… Под секцијата „вести“ буквално се наредени вести од медиумите. На пример, дека вечерва на Железничката станица во Скопје ќе се изведе перформансот „Дедо Мраз доаѓа со воз“ или дека е промовиран романот „Леска Брезоска“ на Симона Јованоска…
И ништо за она што се прави за 2028 година. Во секцијата за контакти е наведен еден мобилен телефонски број (на 075). Не е наведена службена електронска адреса, така што на овој начин можете да комуницирате само преку нивната веб-страница. А како физичка адреса е наведена катната гаража „Беко“. На крајот на краиштата, сите овие забелешки можат да се подредат под некаков вид (не)култура, да не кажам домашно воспитание.
Алармот е кренат (и тоа е добро), иако никаде во извештајот на Одборот не се споменува можноста за одземање на титулата европска престолнина на културата. Добро е да се анимира јавноста за ова прашање, не поради меѓународниот имиџ на Скопје или неговиот наводен туристички бум, туку затоа што оваа титула ќе може (и не мора) да значи значително поправање првенствено на културната инфраструктура на градот.
Скопје немал и нема сериозна културна политика… Сите релевантни културни содржини што се направени во мојот град се плод на индивидуални заложби на неколкумина ентузијасти и урбани фанатици
Тоа значи „освојување“ јавни простори за уметнички, културни и творечки иницијативи. А Скопје, дал Господ, сѐ уште ги има во доволен број. Сѐ додека урбаната мафија не ги узурпира сите. Или корупцијата не ги изеде. Засега најавите се скромни. Ако главните пунктови се уште недоизградената Универзална сала, руинираната зграда на поштата и скопската тврдина Кале, би рекол дека тоа е прилично недоволно за целогодишни културни активности. И несигурно. Особено ако се знае дека трикилометарскиот булевар што треба да ги спојува Пинтија и Драчево еве се гради петта или шеста година и уште не е готов.
Се разбира дека не сум против Скопје да ја задржи оваа титула. А, да бидам искрен, нема да бидам нешто многу загрижен и ако ја изгуби. Не е проблемот во оваа или која било власт. Не е проблемот во тоа што Скопје нема сериозна концерна сала. Уште помалку во тоа што уште не знаеме да го селектираме ѓубрето. Или во тоа што сѐ помалку им стануваме на постарите во градските автобуси. Проблемот е во тоа што Скопје немал и нема сериозна културна политика, нема никаква културна визија. Сите релевантни културни содржини што се направени во мојот град се плод на индивидуални заложби на неколкумина ентузијасти и урбани фанатици.
Но, нека ни е со среќа. И нам и на останатите два града кои таа година ќе го поправат својот имиџ и ќе доживеат туристички бум: Чешке Бујовице (Чешка) и Бурж (Франција).
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија