Велат дека дури некому не му се стемни, на друг нема да му осамне. Иако по американското бомбардирање на иранските нуклеарни капацитети, се чини дека деценискиот „влажен“ сон на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху конечно се оствари, се чини дека во не толку далечен период на целиот свет дефинитивно ќе му се стемни.
Контроверзни цели
Американскиот претседател Доналд Трамп, во својот веќе познат непредвидлив и секако невообичаен манир донесе за многумина ненадејна одлука да ги бомбардира нуклеарните постројки во Фордо, Натанз и Исфахан. И тоа само еден ден по неговата изјава дека ќе им даде шанса на преговорите уште две седмици, а потоа ќе реши дали ќе го нападне или нема да го нападне Иран.
Контрадикциите на оваа одлука се бројни. Таа се коси со изолационистичката политика на МАГА движењето (Make America Great Again), чија идеологија ја персонифицира токму Трамп. Таа се коси и со неговите предизборни ветувања дека ќе ѝ стави крај на интервенционистичката политика, односно дека САД нема воено да интервенираат каде што не се директно загрозени животите на американските државјани, американскиот имот или нивните директни интереси.
Во контекст на овие ветувања, треба да споменеме дека војните што ги водеа неговите претходници, токму на Блискиот Исток, биле „глупави“. Реално гледано, овие војни на САД им донесоа многу поголема штета отколку ќар. Имено, ги чинеа стотици илјади милијарди долари. Извесно е дека евентуалната ескалација или поголема воена интервенција во Иран, американските даночни обврзници ќе ги чини многу повеќе, отколку на пример војната во Ирак.
Секако, за американската политичка јавност, а можеби и за неговите гласачи, ќе остане прилично проблематична одлуката на Трамп да не им верува на своите разузнавачки служби, кои само пред неколку дена излегоа со тврдење дека Иран во својата нуклеарна програма не развива производство на атомска бомба, туку на израелскиот премиер Нетанјаху, кој тврди дека Иран е во состојба да направи атомска бомба во рок од неколку дена.
Се разбира дека за американскиот претседател се целосно небитни и изјавите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), која, исто така, тврди дека Иран нема програма за развој на атомско оружје.
На крајот на краиштата, проблематична е и целта на бомбардирањето. Дури и да е точно тврдењето на Трамп дека е уништена иранската нуклеарна програма, а веројатно не е, затоа што Иран има десетици нуклеарни постројки во целата земја. Не толку големи, колку погоре наведените, ама сепак ги има. А го има и знаењето за збогатување на ураниумот. Нуклеарната програма е веројатно уназадена, но не е уништена.
Иранските власти тврдат дека збогатениот ураниум е навремено префрлен од бомбардираните подрачја во тајни објекти, што исто така не мора да биде точно, затоа што Иран е 24 часа набљудуван од вселената, односно од бројни сателити, и секое сомнително движење на камион или некое друго превозно средство ќе биде веднаш евидентирано. И Израел секако ќе го уништи.
Од друга страна, Агенцијата за атомска енергија тврди дека радијацијата во бомбардираните подрачја не е зголемена над нормалата. Што значи тоа? Или постројувањата не успеале да ги уништат ниту американските супербомби или дека таму навистина немало ураниум. Трето нема.
Во секој случај, прецинична е изјавата на американскиот претседател дека оваа интервенција е во функција на мирот, не само во регионот, туку и во светот. Да кажеш дека бомбардирањето е во функција на мирот е исто како да кажеш дека силувањето е во функција на невиноста.
Ако, пак, целта на интервенцијата е менување на режимот на мулите во Иран, тоа секако не може да се постигне со бомбардирање. Иран, сепак, е голема земја и никакви бомбардирања не можат и нема да ја натераат на тој тип капитулација. Да не заборавиме, станува збор за 90-милионска земја. И за некаква промена на режимот може да стане збор само со некаков внатрешен катализатор што ќе го тригерира евентуалното народно незадоволство од политиката на мулите. А тоа може да потрае со години, дури и децении, односно може да доведе до долготрајна граѓанска војна и уште една бегалска криза со несогледливи последици.
Го ставаме настрана тврдењето на претставниците на американскиот естаблишмент дека не се работи за војна против иранскиот режим или иранскиот народ, туку против нивната нуклеарна програма, затоа што во овој момент, сите изјави од засегнатите страни треба да се земаат со резерва.
Сепак, ситуацијата не е сосема ескалирана, затоа што САД ги гаѓаа само нуклеарните цели, а не, на пример, седиштето на владата, воените објекти или други стратешки позиции. Колку што мене ми е познато, во ова масивно бомбардирање нема ни човечки жртви (според некои информации има 11 повредени), што повторно говори дека можеби идејата на нападот е само заплашување и присилување на Иран да направи отстапки по диктатот на Израел и западните сили.
Ограничени опции
Засега нема индиции дека Иран во овој момент е подготвен за тој тип компромиси. Иако, слично како во ирачко-иранската војна од 1980 година, таа е една од ретките држави врз која е извршена агресија, а која е оставена без речиси ничија и никаква поддршка на меѓународната политичка сцена.
Од друга страна, ако Трамп реши да влезе во отворена војна со Иран, за тоа треба да добие „амин“ од Конгресот. А голема непознаница е дали ќе ја добие. Имено, без оглед што во Конгресот владеат републиканците, во овој случај, дури и тие не се баш толку единствени во поддршката на омилениот им претседател. Затоа и прашањето не од милион, туку од милијарда долари, со кое буквално се занимава целиот свет, е: Што ќе направи Иран?
Реално, со израелските бомбардирања, неговата борбена моќ е прилично оштетена, иако се проценува дека сѐ уште има доволен арсенал на балистички, па и крстосувачки ракети за да може некако да одговара на нападите.
Сепак, опциите на Иран се прилично ограничени. Првата е воопшто да не одговори на американското бомбардирање, што е, глобално земено, најдобро решение, но најмалку можно. На тој начин, иранскиот режим ќе покаже слабост, што секако нема добро да биде примено, на внатрешен план, а може да ги доведе Нетанјаху и Трамп до помисла дека режимот е на колена и да го нападнат со уште поголема жестина.
Втората е да ги одржува постојаните ракетни престрелки со Израел и да чека погоден момент да ја оствари својата закана и да ги нападне американските бази во регионот (околу 40.000 војници). Но, во тој случај, САД ќе бидат, што би се рекло, крвно обврзани да отворат широка војна против Иран. А последиците од тоа се веќе навистина несогледливи.
Третата опција е некој вид економска војна: да го блокира Ормускиот теснец, мореуз меѓу Персискиот и Оманскиот залив. Се проценува дека низ овој теснец, кој го контролира Иран, поминуваат меѓу 20 и 40 проценти од светското снабдување со нафта и околу една четвртина од природниот гас. Всушност, тоа е единствениот премин што го поврзува Персискиот залив со отвореното море.
Ваква акција може да се комбинира со истовремено блокирање на теснецот Баб ел Мандеб, кој го поврзува Црвено Море со Индиски Океан. Овој премин го контролираат Хутите од Јемен, проиранска воено-политичка организација, која и досега ги напаѓаше танкерите што поминуваа низ Црвено Море. Хутите, конечно, и во оваа ситуација отворено се ставија на страната на Иран. Иако нивната огнена моќ не е на некое завидно ниво, сепак е доволна да создава не мали проблеми на морските нафтени патишта.
Секако дека ваквото сценарио ќе ја крене цената на нафтата „до небо“, ќе ја качи енормно светската инфлација и, со еден збор, ќе предизвика уште една глобална економска криза.
Треба да се каже дека иранскиот парламент веќе го одобри затворањето на Ормуз, иако тоа можеби и не е премногу битно, бидејќи сите одлуки таму ги носи врховниот водач Али Хамнеи. Сепак, постои и поголем водач од Хамнеи, а тоа е Кина, една од ретките сојузнички на Иран. Имено, Кина, најголемиот дел од своите нафтени потреби ги добива токму преку Ормуз и тешко е да се поверува дека Иран ќе си дозволи луксуз да изгуби уште еден од и онака ретките битни пријатели.
Четвртото сценарио се нарекува „будење на спијачите“ и се состои во тоа Иран да ги активира своите агенти во САД и во светот, кои би извршувале терористички напади врз одредени цели. Иако ова не е опција за отфрлање, сепак не постојат никакви сознанија дали Иран воопшто има „спијачи“ и во колкав број. Натаму, не е познато што би постигнале со тоа, освен некаква залудна одмаздничка сатисфакција, без посериозни политички ефекти.
Она што мене ми е најверојатно во оваа ситуација е дека Иран ќе го направи токму тоа против што барем декларативно се борат Израел и САД, ќе направи атомска бомба. Во овој момент, атомската бомба изгледа како единствено решение за одвраќање на натамошните напади и спасување на сопствената држава.
Не знам дали е тоа воопшто можно во вакви услови, ама речиси сум убеден дека така размислува иранскиот верски и политички врв. И тогаш навистина на сите ќе ни се стемни!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија