Локални избори, глобална досада!

Што може да ги изненади граѓаните на Македонија, кога станува збор за политиката? Очигледно, ништо! Тоа, впрочем, го покажува здодевното и целосно неинвентивно „загревање“ пред претстојните локални избори.

Фактот дека предизборната кампања уште не е официјално почната, во случајов не значи ништо, затоа што овдешните гласачи се научија перманентно да живеат во континуирано предизборие. Она што нешто можеби значи е дека и овој изборен циклус ќе се претвори во меѓупартиски препукувања, без сериозни идеи, иницијативи и проекти што евентуално би можеле нешто да значат на ниво на локал.

Повторно ќе имаме „рововска битка“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ (овој пат придружени со своите коалициски партнери од албанскиот политички блок), уште еден изборен циклус со здодевни тези и непредвидливи резултати

Како што сега стојат работите, опозицијата главно е и ќе биде концентрирана на неуспесите на централната власт, што во поттекст значи дека тие всушност се подготвуваат за парламентарни избори, а локалните ги третираат како некој вид штих-проба, опипување на пулсот на гласачите во однос на овие теми и проверка на сопствениот рејтинг.

Од друга страна може да се очекува дека позицијата да ја интензивира виртуелната „изградба“ на убави и шарени потемкинови села, од типот на разно-разни тунели под Кале, зиплајнови, висечки мостови, паркови и зелени површини. Иако, ако сакаме да бидеме искрени, ништо или многу малку е направено на ова поле во изминатиот период.

Нема дебати или ги има многу малку за сообраќајниот метеж, на пример, или за можноста за обезбедување економска одржливост на општините, без притоа да се (зло)употребуваат генералните и деталните урбанистички планови; дури нема ни планови за функционирање во време на сѐ поизвесниот четврти бран на епидемијата на ковид 19.

Наспроти ребрендирањето на ДУИ во „зелена“ партија, ете, ни екологијата, чистиот воздух, комуналните служби, ѓубрето по улиците, рудниците „на смртта“, малите хидроцентрали… не се тема на ова предизборие.

Претпоставената апатија на македонскиот гласач, здодеаноста од партиските апаратчици и првенствено разочараноста во можноста двете најголеми македонски партии ефикасно да управуваат со власта, најавија дека е можна појава на некои нови идеи и нови политички иницијативи.

Но, како што сега стојат работите, големите партии и тука успешно ја разводнуваат приказната. Значи, наспроти евентуалните независни иницијативи, произлезени директно од граѓаните на конкретната локална самоуправа, се појавуваат два типа „независни“ кандидати. Зад првите стојат партиските машинерии и партиската инфраструктура, додека вторите се актуелните градоначалници, кои се „разочарале“ во сопствената партија затоа што не ги кандидирала уште еднаш за истата функција. Во секој случај, повторно станува збор за партиска, а не за граѓанска понуда.

По успехот на активистичката коалиција „Можеме!“ на неодамнешните локални избори во Хрватска (конкретно во Загреб) се очекуваше овој бран на влегување на активисти од граѓански организации во политичките води на локално ниво и кај нас да земе поголем замав. Но, без оглед на примерите или токму поради нив, се чини дека тој бран изостана.

Единствена штета е што „Шанса за Центар“ е, колку што знаеме“, единствениот ваков пример на овие избори. Се чини дека нивниот евентуален успех на претстојните избори ќе може да стане замаец и пример и за другите општини 

Коалицијата на невладини организации „Зелен хуман град“ прва се одважи на овој чекор. Меѓутоа, наспроти најавата за непартиска и натпартиска организација, првите луѓе во изборниот процес (носителката на листата и кандидатката за градоначалничка) беа до скоро видни луѓе и функционери во своите партии (Левица и ДОМ), што, секако, фрла сенка врз „оригиналноста“ на идејата, особено поради фактот дека едната е актуелна советничка во Собранието на град Скопје, а другата довчерашен висок државен функционер.

Нешто поинаква слика дава граѓанската листа „Шанса за Центар“, која ќе се бори за советнички места во Општина Центар. Станува збор за група индивидуалци, кои, секој во своето поле, имаат сериозни биографии и се чини дека сериозно можат да им ги замрсат конците на поголемите „играчи“. Се чини дека, всушност, тоа е рецептот за промена на принципите на владеење на локално ниво – некомпромитирани луѓе што живеат во таа општина и кои се борат за својата општина и за условите на сопствениот живот. Единствена штета е што „Шанса за Центар“ е, колку што знаеме“, единствениот ваков пример на овие избори. Се чини дека нивниот евентуален успех на претстојните избори ќе може да стане замаец и пример и за другите општини во некој следен изборен циклус.

Изборите се врвното демократско право, единствената шанса граѓанинот со својот глас да ги менува работите. Фундаментот на демократијата е токму комуната, односно општината. Тука се гласа за луѓе, а не за партии и идеологии. Ако го исчистиме сопствениот двор, на сите ќе им биде поубаво. За жал, онака како што е поставен комуналниот систем, општините практично зависат од централната власт и во голем дел од неа се финансираат. Тоа, со други зборови, значи дека повторно ќе имаме „рововска битка“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ (овој пат придружени со своите коалициски партнери од албанскиот политички блок), уште еден изборен циклус со здодевни тези и непредвидливи резултати.

Единственото изненадување што може да се случи е на изборите, во ваква ситуација и вакви услови, да има солидна излезност. И тоа ќе биде навистина големо изненадување.