Ахилова пета

Поплава, земјотрес, активиран вулкан. Земјотрес, пожар, невидена суша… Секој ден истото се случува во различни точки од светот. Со една разлика: најинтензивно е од кога било досега!

Очигледно е дека светот го тресат катаклизми. Не знам како е регистрирано тоа на часовникот „Думсдеј“, ама во воздухот лебди чувството на пат кон распад.    

При сето тоа, луѓето се однесуваат како да се при очи слепи. Како ништо да не се случува. Вртат мешалките за бетон, тече преселбата во урбаните центри, што ја поттикнува изградбата на нови станбени објекти, кои веќе утре ќе бидат дел од веќе огромните бетонски џунгли.

Ако досега важеше изреката „фали го селото, живеј во градот“, нештата набргу ќе почнат да се менуваат, не поради активностите на локалните власти, туку поради притисокот на глобалните предизвици

А на прагот сме кога климатските промени со сиот арсенал последици ќе ги принудат луѓето да тргнат во спротивната насока – да бегаат од урбаните центри, да трагаат по недопрени катчиња на природата, да не сонуваат за блескавите светла на градовите и велеградовите, туку за дрвена колиба покрај шума, поток и парче незагадена земја.

Во нашата реалност ништо не е подготвено за тоа. Се ближат локалните избори, се лицитира со кандидати, со ветувања, со најави дека ќе се спречат штетни ГУП-ови и ДУП-ови. Но, просторот во градовите е неповратно потрошен.

Поминаа толку изборни циклуси, а не видовме ниту еден концепт, нешто што ќе ги отвори перспективите на рамномерен развој, што ќе ја стопира внатрешната миграцијата село-град, што ќе направи пресврт во спротивна насока и подготвено ќе ги дочека или ќе ги мотивира тие тенденции.

Промената наскоро и ќе почне да се случува, ама, за жал, не поради постоењето локални планови и визии, туку под притисок на неподносливото живеење во урбаните средини. Скопје, на пример, нема што да понуди, освен бетон, сообраќајни метежи и инфраструктура што не е соодветна да опслужи толку луѓе.

Во услови на пандемија, пренаселеноста и густината стануваат негов клучен хендикеп, бидејќи нема многу алтернативи за безбедна социјална комуникација и фреквенција во отворени простори. Концептуално, градот е заробен во затворени простори. И загаден.

А начинот на живот сосема се измени поради пандемијата и веќе е јасно дека никогаш нема да биде како порано. Урбанистите во светот веќе се посветени на нови концепти за градби и живот во новото (не)нормално, ги планираат што подалеку од метежот, избегнуваат големи градби што наликуваат како да врие во кошница, се оди кон минимализам и востоличување на отворените простори.

Работодавачите се свесни дека сликата за „работно место“ никако нема да биде некоја од досегашни океански простори во кои работеа стотици луѓе, свесни дека работното место мора да се децентрализира и да се „пресели“ таму каде што е поединецот.

„Мамутот“, сфатен како симбол на мегаконцентрација – урбана, културна и образовна, се распаѓа на делови. Сѐ се движи кон децентрализација, во сите сегменти на живеењето.

Кај нас луѓето се однесуваат како да не гледаат дека концептот на живеење се менува. Веќе не се „на цена“ големи згради, хотели, висококатници, молови. Она што е многу/големо/мега станува ништо. Она што е малку, станува сѐ.

Се менуваат и приоритетите. Ако до вчера било битно некаде да има автобуска постојка, денес е битно да има два реда дрвја. Ако до вчера фокусот бил врз градовите, сега не е.

Градоначалниците во регионов веќе водат битка како да ги оживеат селата во своите општини. Се нудат огромни субвенции за реконструкција/адаптација на напуштени селски куќи или за поддршка на локални бизниси за тие што сакаат да живеат таму. Но, нивните општини веќе ги обезбедиле сите инфраструктурни погодности за да ги привлечат луѓето таму – пат, вода, амбуланта, интернет…

Никнуваат екосела, се инвестира во селски и планински туризам, се обновуваат стари напуштени летувалишта, се востановуваат нови манифестации поврзани со локалните посебности на тие краишта, се враќаат во живот ретки и заборавени занаети, се отвораат мини-фарми, мини-работилници за ракотворби…

Нашиот речник за развој на локален план е сиромашен, стереотипен, во него со години се вртат едни исти фрази со ветувања за улици, тротоари, канализации и водоводи, кои никако да се изградат, а некаде нема ни потреба, затоа што последните жители, или заминале, или починале.

Со години, понудата за локални извори е конфекциска, со мирис на продолжено статус кво и барање алиби за несработеното во претходната власт

Но, ако досега важеше изреката „фали го селото, живеј во градот“, нештата набргу ќе почнат да се менуваат, не поради активностите на локалните власти, туку поради притисокот на глобалните предизвици. Во локалната власт нема свест за тоа. Ниту во централната.

Постои единствено натпревар која партија ќе номинира попознати кандидати според принципот „твоето лице звучи познато“, а не дали кандидатот има какви било квалификации за менаџирање локални проблеми. Како и досега, кандидатите ќе протрчаат низ кампањата и ќе чекаат да им го дадеме и единствениот наш капитал – нашиот глас, со кој ќе им биде трасиран патот до сите нереализирани ветувања или несуштински проекти во следните четири години.

Со години, понудата за локални извори е конфекциска, со мирис на продолжено статус кво и барање алиби за несработеното во претходната власт. Она што особено иритира, е тактизирањето со објавувањето имиња на кандидати за градоначалници за некои општини. Се форсира неизвесност – дали ќе останел актуелниот градоначалник или ќе имало нов кандидат?

Јака дилема. Тој тип негување „неизвесност“ само сведочи дека фокусот не е ставен на интересот и потребите на граѓаните, туку дека егоцентрично се врти околу носителот на функцијата. И дека функцијата постои заради него, а не заради јавниот интерес.

Сите партии паѓаат на истиот испит. Во обид што подоцна да ги откријат кадровските адути, мислејќи дека тоа им носи тактичка предност во однос на опонентот, фактички си ја откриваат Ахиловата пета. А таа со години покажува иста болка: летаргија и неинвентивност за големи нешта, покриени со крпење на малите дупки. Некогаш ни со тоа.

Дали и натаму ќе продолжат така, зависи од ставот на гласачите. Тие одлучуваат дали ќе прифатат да слушаат исти приказни на секои четири години, дали ќе декларираат многу повисоки очекувања и построги критериуми при одлуката кого ќе пропуштат низ филтерот, и дали ќе бараат јасни гаранции за тоа.

Кога ваквото одлучно лице на македонските гласачи ќе зазвучи попознато од она на кандидатите, ретко кој ќе се осмели да им нуди полусуровини, во секаква смисла на зборот.