Деновиве, во европските медиуми и воопшто во европската јавност повторно се актуализира дебатата за употребата на вештачката интелигенција во творештвото. Со оглед на фактот дека неодамна, токму на ова место, објавив текст за влијанието на ВИ врз творештвото, но и врз севкупните општествено-политички процеси (види: „’Новото нормално’ на вештачката интелигенција“, Призма, 6 април 2026) веројатно немаше да почувствувам никаков порив повторно да се јавувам на истата тема, ако овојпат во центарот на европската полемика не се најдеше – Олга Токарчук.
Токарчук важи, не само за една од најзначајните европски писателки, туку таа спаѓа во редот на најголемите мислители на епохата. Добитничката на Нобеловата награда за литература за 2018 година е позната како општествено сензитивна личност, како активист во борбата за правата на ЛГБТ заедницата, заколнат екологист и воопшто борец за човековите права.
Олга Токарчук не е само една од моите омилени писателки, туку таа е омилена и меѓу македонската книжевна јавност. Една е од ретките лауреати на Нобеловата награда за литература што е преведувана и објавувана дури десетина години пред да го добие ова признание. Не сакам да лицитирам, бидејќи не го знам прецизниот податок, ама би можел да се обложам дека досега се преведени барем пет или шест нејзини наслови. Во секој случај, повеќето нејзини поважни дела се достапни и кај нас.
Морална одговорност
Што е тоа што ги надразни европските интелектуални умови во ставовите на Токарчук? Таа, во интервју пред публика на конференцијата „Импакт ‘26“ (Познањ, Полска, 13-14 мај), со голем ентузијазам зборувала за користењето на ВИ во процесот на создавање на книжевното дело. Според она што можев да го видам и разберам по медиумите, Токарчук рекла дека ВИ ги „проширува хоризонтите“ и го „развива креативното мислење“, дека е „огромна предност“ за писателите, дека тие набргу ќе влезат во симбиоза со ВИ, во создавањето на своето дело, затоа што нивниот начин на размислување е асоцијативен.
Во тоа интервју, Токарчук признала дека користела ВИ во создавањето на својот нов роман што ќе излезе наесен во Полска, дека набавила напреден јазичен чатбот, дека му се обраќала нешто во стилот: „драга, како можеме ова убаво да го развиеме?“, итн.
Уште зборот недоречен, што се вели, а „оправданиот“ гнев на општествената критика веќе се урна врз интелектуалниот хабитус на Токарчук. Условно речено, бројните критики што ги доживеа нобеловката можат да се поделат на две групи: првата ги опфаќа прашањата на моралот, а втората прашањата на општествениот контекст и контрадикторностите во изјавите на Токарчук.
Во онаа „морална“ група се издвојуваат критики на нешто што Токарчук суштински не го ни рекла. Таа е обвинета дека користела ВИ во создавањето и на нејзините претходни романи, па се оди дури и дотаму да ѝ се одземе Нобеловата награда. Во крајната инстанца се предлага и некој вид легислативно санкционирање на каква било употреба на ВИ од страна на писателите. Дури и за некакви истражувачки цели. Наводно, писателското истражување треба да биде исклучиво теренско, за да може писателот лично да почувствува и да „влезе во кожата“ на своите херои. Според нив, сѐ друго е некој вид блефирање.
Овој став ми ја разбуди меморијата, потсетувајќи ме на времето кога Гоце Смилевски ја доби наградата „Роман на годината“, за романот „Разговор со Спиноза.“ Кога Гоце се појави пред членовите на жири-комисијата, за да му честитаме и да ги договориме следните чекори, еден член, Благоја Иванов, го праша лауреатот колкав период престојувал во Амстердам?
Имено, романот, во најголемиот свој дел се одвива токму во Амстердам, а Иванов таму престојувал во некој период од својот живот. Се сеќавам дека рече дека од описите во романот ги препознал амстердамските улички и дуќанчиња („како сега да ги гледам“). И се сеќавам дека Гоце Смилевски, онака мртов-ладен, што би се рекло, одговори дека никогаш во животот не бил во Амстердам и дека сите описи практично му се од Гугл.
Оваа анегдота ја раскажувам за да ја поставам дилемата дали романот „Разговор со Спиноза“ е блеф затоа што авторот дотогаш никогаш не бил таму, туку истражувањето го направил со помош на некои други алатки? Или, во крајна инстанца, дали се блеф романите на Жил Верн, кој никогаш во својот живот не го обиколил светот, а камоли за 80 денови? Или романите на Херберт Џорџ Велс за докторот Џекил и господинот Хајд, па и оној за нападот на Марсовците? Да, не користеле тие ниту ВИ, ниту Гугл, ниту Википедија…, ама секако користеле некои други извори, освен нивното лично присуство таму.
Општествена одговорност
Иако другиот сет критики, оној за ВИ и општествениот контекст се поиздржани и порационално го поставуваат прашањето на општествената свест на Олга Токарчук, со посебен акцент на нејзината еколошка хипокризија, и тие, како и претходните, се движат на некоја линија на модерен „лудизам“ – вештачката интелигенција сосема да се уништи или барем да се направи сеопшт (универзален) бојкот на нејзината употреба и така да се отстранат сите нејзини негативни последици.
Во таа смисла, симптоматичен е и насловот на колумната на босанско-хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ, напишана баш по овој повод: „Секогаш кога нешто ќе ја запрашате ВИ, сметајте дека некој сиромашен, поради вашето прашање, останал без струја.“ Тезата, јасно, се движи по линијата дека ВИ не е општо добро, туку (главно) служи за оставање милиони луѓе без егзистенција и за богатење на мал круг олигарси (Јерговиќ ги нарекува техно-фашисти), чија интенција е да го колонизираат остатокот на светот.
Со еден збор, пофалните зборови за вештачката интелигенција од страна на Токарчук, од сите страни се доживуваат буквално како пофалба на ѓаволот, лично. Но, мислам дека еден факт не смее да се пренебрегне. Секоја технолошка револуција, барем од времето на средновековната книжевност наваму ги менува сите параметри, па и параметрите на литературата.
Умберто Еко има еден есеј (чии тези ќе ги парафразирам по сеќавање), во кој ги анализира пишувачките стилови според средството со кое е пишуван текстот. Па, така, пишувањето со перо значи барок. Додека стасаш да ја напишеш реченицата, ќе ти паднат на памет илјада епитети и така ќе го накитиш текстот, што добиваш барок. И натаму оди анализата преку пишувањето со налив-перо и хемиски молив, па сѐ до машината за пишување и компјутерот.
Ако добро се сеќавам, а не сум сигурен во тоа, машината за пишување беше „тек на свеста“ или „роман-река“, односно стилот на Вирџинија Вулф, додека компјутерското пишување ни го носи фрагментарниот стил и прескокнување и мешање на времиња – нелинеарна проза.
Постојат и сега релевантни истражувања, кои ги докажуваат стилските промени во начинот на пишување со појавата на Гугл и Википедија. Уште нема, ама не се сомневам дека ќе има и истражувања што ќе го дефинираат стилот според вештачката интелигенција.
На крајот на краиштата, самата Олга Токарчук е докажан ентузијаст за „новотариите“ во технолошкиот прогрес. Дури и во нејзиното обраќање по повод врачувањето на Нобеловата награда искажа низа пофални зборови за Википедија, каде што милиони луѓе го складираат своето знаење, кое потоа е достапно на сите. На некој начин дури и ја спореди Википедија со проектот „Пансофија“ (сезнаење или семудрост) на Јан Амос Коменски, сепак истакнувајќи дека кај Коменски идејата на сезнаењето е идеја на глобално поврзување на светот и наоѓање некаков заеднички именител или иста нишка меѓу сите луѓе на светот, додека кај Википедија, знаењето е парцилизирано и не може да ја достигне истата цел.
Слични се нејзините забелешки и за дострелите на вештачката интелигенција, за чие елаборирање овој текст, едноставно, немаше премногу простор. Накусо (онака како што јас разбрав), тоа се упростување или недлабинско презентирање на фактите, „халуцинирање“ и отсуство на контекст.
Македонска одговорност
Што се однесува до мене, лично сум фасциниран од некои, ајде да кажам, спорадични ефекти од оваа полемика. Прво, дека некои зборови на некоја јавна личност, па нека е и нобеловка, изнесени во живо, а не преку пишан текст, имаат толкава одговорност што и некој човек во Македонија ќе се запне да пишува текст за тоа. И, второ, дека зборовите на еден писател, во случајов писателка, предизвикуваат јавна дебата, која ги отвора клучните прашања на развојот на човештвото.
Навистина не сакам да бидам малициозен, ама… Кои зборови, на кои јавни личности, особено на кои писатели, кај нас предизвикуваат вакво внимание? Кои теми се теми на јавни дебати? Кој ја носи одговорноста за јавно искажаниот став?
Еве, деновиве, вицепремиерот Александар Николоски ги правдаше измените во законите за урбанистичко планирање и градење со тезата дека така законски ќе се овозможи градење дата центри во Македонија. И така ќе се привлечат инвеститори, ќе расте БДП и ќе се зголеми вработеноста. Нема да навлегувам во еколошкиот дел (колку вода се троши за ладење на серверите, колку струја трошат, како влијаат врз околината итн.), само ќе кажам дека бомбастичната најава на изградба на дата центри, мене ми личи на ентузијастичко прифаќање на колонијално-вазалскиот однос (за кој, од многу причини, сме прилично отворени и, просто, го посакуваме).
За бадијала ќе ја распродадеме (поточно разделиме) земјата за изградба на алфа-мозоци за АИ, енергетски ќе ја поробиме и дополнително ќе ја упропастиме оваа кутра држава. Тоа ме асоцира на приказната за рудниците. Не е Конго богат затоа што е пребогат со руда, злато и дијаманти. Всушност, не само што не е богат, туку е и тешка беда.
И, на крајот, да не излеземе сосема нефер, токму на врвот на аферата, Олга Токарчук се појави со свое соопштение, во кое не би рекол дека ги демантира, туку дека, ајде, ги дообјаснува своите ставови. Се разбира, веднаш вели дека е погрешно разбрана и дека тоа така се случува во разговори во живо. Потоа вели дека ја користи ВИ како и милиони други луѓе, првенствено за добивање податоци, и дека потоа ги проверува, како што тоа го правела секогаш (додека „копала“ по книги, архиви и библиотеки). И дека сите романи ги напишала сама, без ничија помош, па ни на ВИ.
И на крајот вели: „Понекогаш ме инспирираат соновите, но пред експертите да ја отераат и оваа реченица во ќош и потоа да ја растргнат на парчиња, би сакала да кажам дека се тоа мои лични соништа.“
Вештачката интелигенција постои и ќе зазема сѐ поважно место во нашите животи, па и во нашето творештво. Но, едно не смее да се заборави. Вештачката интелигенција не сонува. Ние сонуваме. И тоа е нашата предност.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












