Книги во поплава

Не е ништо друго, освен утешна флоскула она дека во секое лошо има нешто добро. Нема! Лошото е лошо, а доброто е добро. Но, сепак, во природата на човекот е да се обиде да најде некаква добра страна во злото што му се случило.

Добрата работа во сериозната катастрофа што ѝ се случи на издавачката куќа „Антолог“ со последните големи скопски дождови, кога им беа поплавени магацинските простории и уништен голем дел од книжевниот фонд што овој издавач го акумулирал со децении е агилната и експресна солидарност што првенствено ја покажаа луѓето од таканареченото „културно милје“ – колегите од издавачките куќи, авторите, читателите и воопшто голем дел од оние што сметаат дека книгата е или треба да биде битен фактор во македонското општествено живеење.

Се разбира, верувам дека луѓето од „Антолог“ повеќе би сакале ова никогаш да не им се случеше, иако знам дека им е драго сознанието дека имаат сочувство, па и конкретна помош, од нивните колеги и знајните и незнајните пријатели. На крајот на краиштата, тоа е доказ дека оставиле некаква сериозна трага во македонската култура и дека на многумина им значи нивниот опстанок на македонската издавачка сцена.

Кога веќе злото се случи, добро е да се знае дека постојат пријатели.

Малите издавачи и големата култура

Да, ќе кажете дека несреќата и маката се најголемите центрипетални сили што ги зближуваат луѓето, дека тоа се катализатори што ја забрзуваат природната емпатија и воопшто солидарноста во човечкиот род, но во последно време, не сум убеден баш во таа приказна.

На пример, што се случува со онаа несреќна Венецуела и најголемата природна катаклизма во поново време што ѝ се случи? Покажа ли Македонија некоја барем симболична солидарност? Владата прати некаква помош? Се огласија ли граѓанските организации? Фирмите? Кој било? За бројните војни, за Газа и за Иран нема потреба ниту да се зборува.

Меѓу другото, затоа и случајот на „Антолог“ и покажаната солидарност вреди да се евидентира.

Во таа смисла, потопот што му се случи на „Антолог“ не е само несреќа на еден од многуте македонски издавачи и не се гледа само во енормниот број уништени книги и наслови (што самото по себе секако е катастрофа), туку многу повеќе е општествен, па ако сакате и политички проблем. Тој ја покажува фрагилноста на нашиот издавачки, па и културен простор.

Книгите или насловите на овој или оној начин ќе се надоместат, секако, ако тоа воопшто му е потребно на ова општество. Но, ваква или слична непогода како еден тричасовен летен пороен дожд, е доволна буквално да збрише од сцената еден од не баш бројните, а битни субјекти во македонската културна или креативна индустрија. Денес тоа е „Антолог“, утре може да биде кој било.

„Антолог“ е еден од оние таканаречени „мали“ издавачи, значи издавачи, кои буквално почнале од нула и со својот ентузијазам успеале да создадат нешто што во материјална смисла можеби нема некое особено значење, ама во таканаречената духовна димензија секако има.

Не е „Антолог“ корпорација. Не зависат од него бројни семејства. Не го полни буџетот како што тоа го прават обложувалниците и казината, на пример. Нема акумулација со која ќе ги надмине кризните ситуации како оваа. И затоа оваа покажана солидарност е драгоцена. Затоа што барем дел од некаква „културна“ јавност покажа дека знае што значат нивните изданија, како и бројните книжевни настани што ги организираат.

Државни сирачиња

И тука доаѓаме до, барем за мене, круцијалното прашање. Што, по ѓаволите, презема или ќе презема македонската држава во случаи како овој? Најверојатно, ништо. Или, во најдобар случај, многу малку. Тоа е така, затоа што нашиот неолиберален економски систем го третира издаваштвото, па и културната индустрија воопшто, како некаква споредна индустриска гранка. Производство на чорапи, на пример.

Државата, имено, ќе субвенционира извесен број изданија со извесни средства. И што прави потоа? Се грижи ли каде завршуваат тие изданија? Се грижи ли за дистрибуцијата на културните добра што самата ги платила? Не, се разбира. Книжарниците во Македонија го имаат статусот на дуќани што продаваат чевли. Со истите обврски и истите давачки. Небаре книгата е потрошна стока, која треба да ги издржи пазарните законитости.

Ќе ги видите државните раководители како со големо задоволство отвораат некаков трговски мол, фалејќи се со странски инвестиции, ама нема да ги видите како отвораат некоја книжарница. Таа не влегува во графата „привлекување странски капитал“ и нивните сопственици не ги добиваат бенефитите што ги добиваат странските инвеститори.

Тие си ги плаќаат своите давачки редовно и уредно. Или плаќаат казни на Управата за јавни приходи. Или, едноставно ги затвораат своите објекти. И затоа во европската престолнина на културата имаме книжарници колку што ги имаме. Реално, дваесетина. И една киносала. На повеќе од 600.000 жители.

Не толку одамна, Општина Центар ја затвори читалницата „Славко Јаневски.“ Не сум бил натаму и не знам дали е дуќанот веќе издаден и со која намена е сега. Знам само дека по тој повод, никој не мрдна со мал прст. Ни меѓу општинските челници, а ни пошироко. Во тоа време некако се затвори и кафе-книжарницата „Буква“ во центарот на Скопје, мал културен центар во кој се одвиваа низа настани и случувања од независната култура, своевидно собиралиште на независните творци и љубителите на уметноста.

И во двата случаи, барем колку што јас знам, во прашање беше превисоката кирија. Или, што би рекле нашите неолиберални економски стручњаци, не го издржаа тестот на пазарот.

А, од друга страна, Скопје барем изобилува со празни и веќе запустени простори по бројните трговски центри. Голем дел од нив се во сопственост на градот или на државата. И не, нема никој да се сети да ги облагороди овие дуќани така што ќе ги издава под бенефицирани цени за културни содржини. Немаме време да размислуваме за вакви солуции. Ние си ги чуваме гордоста и идентитетот.

Велат дека во секое лошо има нешто добро. Сакам да верувам дека во катастрофата што му се случи на „Антолог“ и во сензибилирањето на јавноста по тој повод нема добрата страна да биде само поединечната солидарност, туку и промената на нашиот однос кон културата, а во конкретниот случај кон литературата.

Македонија, имено, е на дното на европската листа по читање книги. Според некои податоци, тука се чита едвај по една книга годишно по жител. Наспроти, на пример, Исланд, каде што во просек се читаат по 12 книги годишно, или во скандинавските земји, каде што овој просек е десетина книги.

Во македонските библиотеки има околу сто илјади активни членови, што е отприлика околу пет проценти од вкупното население. Во скандинавските земји, овој процент се движи меѓу 60 и 70 проценти од вкупното население.

Со овие податоци можат да се извадат и други корелации. На пример, во државите каде што се чита повеќе постои многу поголема доверба во институциите. Или има многу помалку случаи на говор на омраза. Функционалната писменост е многу повисока. И така натаму.

Значи, читајте луѓе, читајте… Не само водомери и струјомери, читајте и нешто друго. Читајте ги изданијата на „Антолог“, но и на другите издавачи. Добро е тоа. И за вас. И за сите нас.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија