Миграција на добрата литература

Своевремено напишав еден текст за феноменот што јас го нареков „интернетски парадокс.“ Сакам да кажам дека јас сум од оние генерации што „интернетската револуција“ ги зафати во раните 30-ти години на нивните животи. Односно дека можеби не ни беше многу тешко да се прилагодиме на новите околности, но не беше ни толку едноставно.

Она што бргу го сфатив во интернетскиот медиумски простор беше дека во него владее правилото „кратко, јасно и глупаво.“ Постоеше некоја мантра дека луѓето, ем сакаат да бидат информирани, ем немаат време за читање чаршафи.

Популарноста на овој тип медиуми бргу ги принуди и традиционалните печатени весници да се обидат да го следат примерот на „помалиот брат.“ И тие, наместо да се занимаваат со анализи, сериозни навлегувања во општествените и глобалните феномени, големи интервјуа… едноставно стануваа сè помали, и по обем, и по формат. И да објавуваат „кратко, јасно и глупаво.“ Таа трка, едноставно, беше осудена на неуспех.

И што се случи потоа?

Оние сериозни текстови каде што има и што да се прочита и што да се научи и што го изгубија своето место на медиумското небо – емигрираа на интернет. Звучи парадоксално, ама и сега кога сакам да прочитам некоја посериозна содржина, јас не посегнувам по она малкуте весници што останаа, туку одам – на интернет!

Да, за волја на вистината, ги нема многу и се бараат како ретки бисери во интернетските школки, но, сепак, можат да се пронајдат, ако имате доволно искуство во тоа. Секако, оној основен принцип на „кратко, јасно и глупаво“ сѐ уште е доминантен. Со особен акцент на она „глупаво.“

Книги за на плажа

На овој мој текст се потсетив во една неодамнешна летна кафеанска дебата за миграцијата на сериозната литература и воопшто на вистинската уметност. Морам да напоменам дека моите пријатели, учесниците во разговорот, се добри познавачи на состојбите во издавачката дејност и во литературата, воопшто.

Поводот за разговорот беше една забелешка што словенечкиот автор Андреј Блатник ја лиферуваше на социјалните мрежи. Тој вели дека се изненадил кога во списанието за „лесно“ читање, „Вог Адриа“ наишол на рубриката „Книги за на плажа“, во која, на негово изненадување, наишол на мошне сериозни автори, чии книги никако не очекувал да бидат препорачани на целната публика на ова списание.

Точно е дека непишаните правила за медиумскиот феномен „Кинги за на плажа“ пропишуваат тоа да бидат некои „лесни“ четива, љубовни романи, трилери, мистерии и евентуално куси раскази. Особено овие правила важат за таканаречените „женски“ списанија, оние на кои фокусот им е на модата шминката, кулинарството, советите за здрав живот, озборувањата на естрадата, модните детали на јавните личности и слични теми наменети за забава на „широките народни маси“ и што не бараат некое особено ангажирање на мисловниот апарат.

Иако, секако, изборот на книгите, не за на плажа, туку воопшто зависи од афинитетите на секој читател. Што би се рекло, важно е да се чита. Па, макар и водомери.

Она што е парадоксално е дека големите издавачи и кај нас, а богами и во светот, полека ја протеруваат таканаречената „сериозна“ книжевност, онаа што има некакви потврдени естетски и уметнички критериуми, од рафтовите на нивните книжарници, отстапувајќи ѝ место на „тривијалната“ литература. Побудата за овој културолошки феномен е јасна: брз профит преку „популарна“ литература.

Проверувајќи ги овие наводи, лично можев да се уверам дека и македонските портали, оние кои рубриката „Книги за на плажа“ ја ставаат под заглавието „Забава“, во својот избор знаат да стават сериозни книги и сериозни автори, за разлика, на пример, од издавачите, кои во својата „летна шема“ речиси без исклучок ги препорачуваат своите романси и трилери, најчесто од странски автори за чиј квалитет ни интернетот не дава некоја посебна потврда.

На читателот му останува само да верува во бомбастичните најави на нивните насловни страници дека „лимонадата“ што ја држат во рацете е „бестселер на ‘Њујорк тајмс’“ и на слични рекламни трикови.

Без критериуми

Темата на препорака на книги за читање отвора и низа други прашања. Се сеќавам како јас го правев изборот на мојата лектира во моите тинејџерски години. Ќе влезев во некоја од тогаш бројните книжарници. Најчесто во онаа на „Култура“ во зградата на Факултетот за музички уметности и по случаен избор ќе ги разлистував книгите. И ќе купев некоја книга само врз база на една прочитана страница, дури и на еден пасус што ми се допаднал.

Се разбира дека знаев за Достоевски, Толстој, Џек Лондон…, ама требаше да се откријат Џозеф Хелер („Квака 22“), Кур Вонегат („Кланица 5“), Томас Вулф („Погледни го домот свој, ангелу“)…

Подоцна, низ бројните македонски и југословенски весници и списанија почнав да ги читам литературните рецензии, да го препознавам вкусот на рецензентите и врз база на нивните препораки да читам некои книги. Едно време ги купував книгите од одредени едиции затоа што знаев дека нивните уредници речиси и не прават индиции. Почнав да ги распознавам и имињата на преведувачите, па ако некој преведувач превел некоја книга што ми се допаднала, ќе ја купам и следната со негов преведувачки потпис. И, се разбира, функционираа и препораките на пријателите во чиј вкус имав доверба.

Денес речиси не функционира ниту еден од овие критериуми. Книжарниците во Скопје се бројат на прстите на една рака, а оние каде што човек може комотно да седне и да прочита по некоја страница од десетина различни книги речиси и не постојат. Литературните (како и другите) рецензии се одамна протерани од македонскиот медиумски простор. И од интернетскиот и од кој било друг. И ако некогаш се појави некоја анализа на некое книжевно дело, тоа е она што се нарекува „исклучок што го потврдува правилото.“

Да не грешам душа, има кај таканаречените „мали“ издавачи уште некој ентузијазам и труд да се направи сериозна уредувачка концепција, ама реално и нивната моќ е ограничена во однос на пласманот на книгата и пристапот до медиумите, а со самото тоа и до потенцијалните читатели.

Нови прибежишта

Во таа смисла, „сериозната“ литература, за да опстане, мора некаде да мигрира. Теоријата дека тоа го прави во модни и слични списанија се базира на фактот дека тие имаат свој редовен круг на читатели и проценката дека ваквите „екскурзии“, не само што нема да им одземат од нивната читателска публика, туку ќе помогнат во градењето на имиџот на „сериозни“ медиуми.

Но, реално гледано, ваквите оази се веројатно привремено прибежиште. Иако овој феномен може да се забележи и на глобален план, сепак таму уметничката литература многу повеќе го наоѓа своето место во електронските изданија и во аудиокнигите, додека „треш“ литературата и натаму се печати и се родава на традиционален начин.

Во земјите на Европската Унија, секоја десетта продадена книга во 2025 година е електронско издание или аудиокнига.

Ирците, во најголем процент ги користат овие изданија (24,5 проценти), па следат Данците (22,5), додека најголем пораст бележи Хрватска, каде што во 2025 година, секоја петта продадена книга е електронска или аудио. Најмал интерес има во Унгарија (4,7), Италија (4,4) и Словенија (4,2 проценти).

Во САД, на пример, вкупниот пазар на книги во 2024 година изнесувал 32,5 милијарди долари. Од нив, околу половина, односно 15,7 милијарди отпаѓаат на хартиените изданија, додека остатокот отпаѓа на аудио и на електронските изданија.

И така доаѓаме до уште еден „интернетски парадокс.“

Излегува дека генерациите од типот на мојата, значи оние што релативно доцна ги усвоиле дигиталните технологии, сѐ повеќе прибегнуваат кон електронските изданија и е-книгите, додека генерациите што се родени и израснати со интернетот уште ги купуваат печатените изданија, затоа што таа литература (лесна, кратка и глупава) ги задоволува нивните читачки потреби.

Македонија е уште далеку од овие трендови и електронските изданија на македонски автори заземаат занемарлив процент од издаваштвото, но лесно е да се претпостави дека во догледно време и тука ќе се менуваат односите, затоа што добрата литература, едноставно, мора да го најде своето „место под сонцето.“

Се разбира дека постојат и други видови миграции на „сериозната“ литература. На пример, деновиве интензивно се зборува за епот „Одисеја“ на Хомер поради истоимениот блокбастер на Кристифор Нолан. Без оглед што и досега имаше повеќе екранизации на овој еп, се чини дека во претходните околу три милениуми, откога, според проценките, настанал овој еп, никогаш повеќе не се зборувало за него отколку сега. Но, тоа е веќе некоја друга тема.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија