Колку што успеав да разберам, институцијата Христијан Мицкоски, при својата посета на САД, оствари повеќе средби на „ултра високо ниво“, како што и самиот ги најави. Се сретна со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи при Конгресот, конгресменката Клаудија Тенеј, копретседавачка на македонската група за пријателство при Конгресот на САД, со основачот на „Рамбл“, Крис Павловски, како и со пет други неидентификувани компании во врска со можно инвестирање во фамозните дата-центри во Македонија.
Секако, премиерот Мицкоски се сретна и со претставници на македонската дијаспора во САД.
Која е цената?
Сепак, и покрај овие „ултра високи“ средби, најголем акцент е ставен на разговорите со Каролин Вик, високопозиционираната директорка на финансиската агенција ДФЦ. ДФЦ (U.S. International Development Finance Corporation) е практично американска владина агенција, која стимулира вложување на приватен капитал во развојни проекти, првенствено од областа на таканаречените критични метали и електроенергетиката.
ДФЦ, инаку, располага со капитал од околу 205 милијарди долари. За разлика од УСАИД, ДФЦ не е донаторска агенција, туку инвеститорска, што ќе каже дека очекува поврат на вложените средства и, се разбира, одредена профитна стапка.
Речиси сите медиуми објавија дека ДФЦ ќе вложи пет милиони долари во проектот за обновување на рудникот за антимон во Крстов Дол, Кривопаланечко. Безмалку колку што вложи Република Северна Македонија во диџејот Давид Гета и во останатите шоу-програми при одбележувањето на 35-годишнината од осамостојувањето.
Државите со големи природни ресурси се стратешки важни, но само како плен на големите сили и како полигон за неоколонизирање
Иако поради начинот, фреквенцијата и контекстот на пласирањето на оваа информација, се добива впечаток дека ова вложување е резултат на посетата на Мицкоски на САД, сепак веста датира од почетокот на април годинава, кога австралиската фирма „Пела глобал лимитид“ (ПЕЛА), во чие владение е рудникот, објави дека постигнала договор со ДФЦ за петмилионско вложување во нивниот проект. Со други зборови, средствата наменети за правење студија на одржливост и испитување на теренот ќе бидат во владение и располагање на австралискиот концесионер.
„Пела“, исто така, објави дека е постигнат договор со американската фирма „ПГМ Процесинг“ за потенцијалниот таканаречен офтејкинг, односно за преработка на антимоновиот концентрат во САД. Со други зборови, Македонија ќе биде исклучена од технолошкиот процес на преработка на рудата, односно ќе претставува само суровинска база за австралиско-американско експлоатирање. Нешто слично, како што Мајданпек и Бор во Србија беа продадени на Кинезите.
Ваквите сомнежи се поткрепени и од фактот дека деталите од договорот меѓу „Пела“ и македонската држава не се објавени или барем јас не успеав да стасам до нив. Тоа значи дека не знаеме дали станува збор за класичен концесионерски договор, на колку години е потпишан и под кои услови Македонија го отстапува своето земјиште и своите руди и минерали. И што добива во замена!
Мицкоски вели дека првичните извештаи од теренот се оптимистички и упатуваат на потенцијално големи резерви антимонова руда. Според него, тоа ќе ја зголеми стратешката важност на државата и ќе донесе економски придобивки.
Сепак, не образложи на кој тоа начин ќе се зајакне стратешката положба на Македонија и кои се тие конкретни економски бенефити. Еве едно блиц прашање: која држава ја зајакнала својата меѓународна позиција затоа што има значителни резерви антимон? Да, државите со големи природни ресурси се стратешки важни, но само како плен на големите сили и како полигон за неоколонизирање.
Околу половина од познатите светски резерви на антимон поседува Кина. Таа, воедно, е и најголем производител на антимон, покривајќи повеќе од една третина од светските потреби. По неа по овој редослед следат: Русија, Боливија, Киргистан, Мианмар, Австралија, Турција, Канада, САД, Таџикистан, Виетнам, Пакистан, Мексико… Читателот нека процени сам кои од овие држави имаат стратешка важност и поради што.
Во периметарот на Трамп
Антимонот како критичен метал е, што би рекол Мицкоски, во периметарот на американскиот претседател Доналд Трамп и на неговата администрација. Интересен факт, на пример, е дека САД имаат меѓу два и три проценти од вкупните резерви на антимон, меѓутоа немаат ниту еден посериозен активен рудник за овој метал. Подоцна ќе видиме и зошто. Иако се зависни од увозот на оваа руда, САД не се дури ни голем увозник. На пример, Франција, Белгија и Тајланд се поголеми увозници од САД на оваа руда.
Зошто тогаш е толку важен за Американците? Прво, затоа што Кина доминира на светскиот пазар и затоа што е најголем извозник во САД. Во омилените трговски војни на Трамп, овој факт никако не му оди во прилог. На пример, во август во 2024 година, во САД, една фунта антимон чинела 9,8 долари, додека само неколку месеци подоцна, во декември истата година, истото количество чинело 18,1 долар. Натаму, антимонот е необично важен, дури и незаменлив во воената и енергетската индустрија. Со други зборови, кој ги контролира резервите на антимон, може да го контролира и производството на оружје и воена опрема на глобално ниво. А, во овој момент, тоа го прави Кина.
Се проценува дека рудниците на антимон се вистински „црни точки“ за нивното опкружување. Антимонот е класифициран како потенцијално канцероген метал
Зошто тогаш САД не се фокусира на сопствено производство на антимон? Затоа што се проценува дека рудниците на антимон се вистински „црни точки“ за нивното опкружување. Антимонот е класифициран како потенцијално канцероген метал. Долгото изложување на антимон предизвикува заболувања на белите дробови и на кожата. Акумулирањето на антимонот во почвата, како впрочем и на другите тешки метали (олово, арсен, кадмиум) ги прави земјоделските површини неплодни и токсични.
Соединенијата на антимонот се растворливи во вода, па голем е ризикот за негово навлегување во подземните и во површинските води. На тој начин се зголемува ризикот за опстанок на рибите и на другите водни организми, а и ризикот за загадување на изворите со питка вода. При дробење и печење на рудата се ослободува прашина со антимон и со сулфиди што навлегува во воздухот и предизвикува респираторни болести кај луѓето. Екосистемите околу рудниците практично се уништуваат и со губењето на флората и фауната се нарушува природната рамнотежа.
Јас го разбирам, а и не баш, нашето врзување за САД и неговите актуелни политики, а антимонот навистина може да биде политичка алатка за пробив под нивниот чадор, барем до моментот додека го проценуваат како важна стратешка суровина. Од друга страна, Европската Унија е многу поголем потрошувач на антимон од САД. На пример, ЕУ, во 2024 година увезла 19,2 милиони килограми антимон со проценета вредност од 346 милиони долари, наспроти САД, кој увезол 5,2 милиони килограми во вредност од 96 милиони долари.
И во ЕУ, антимонот е на листата на критични метали. Тоа значи дека ако навистина имаме значителни резерви антимон, тогаш тие можат да се искористат и како политичко средство за полесен пристап кон Унијата. На крајот на краиштата, Доналд Трамп нема да нè прогласи за педесет и некоја американска сојузна држава, а колку што знам, нашите аспирации уште се насочени кон Унијата. Или можеби се лажам.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











