Почетокот и крајот на рокенролот

Точно пред 30 години, отприлика во ова време, значи во 1996 година, напишав еден текст за тогашниот неделник „Пулс“, со кој ја одбележав 40-тата годишнина од појавата на рокенрол културата. Тоа би значело дека сега рок музиката го слави својот 70-ти роденден. Се разбира дека таа 1956 година како година на раѓање на рокот беше, помалку или повеќе, произволно избрана од моја страна, иако секако можам да го образложам и овој мој избор.

Почеток

И тогаш се најдоа, а верувам дека и сега ќе се најдат познавачи на историјата на субкултурата што ќе ме побијат во мојата теза. Многу автори ја споменуваат 1951 година како круцијална за раѓање на феноменот на рокенролот. Тогаш, имено, диск-џокејот од Кливленд, Ален Фрид, ја покренува радио-емисијата „The Moondog Rock and Roll House Party“, што се смета за прва употреба на ова име за новата музика.

Таа иста година излегува и синглот на Џеки Бренстон и неговите „Делта кетс“ – „Rocket 88“, што за многумина од авторитетите во оваа област е првата рокенрол плоча во историјата. Всушност, станува збор за бендот на Ајк Тарнер „Кингс оф Ритам“, што натаму води кон некои спорови околу авторството на песната. На плочата како автор е запишан Џеки Бренстон, всушност саксофонист во бендот на Тарнер и вокал во песната, но Ајк Тарнер ова го побива тврдејќи дека песната е негова. Со оглед на кусата кариера на Бренстон, прекината поради неговиот алкохолизам, владејачкиот наратив е дека сепак Тарнер е композиторот на првата рокенрол песна.

Во разубедувањето на ова убедување не помага ни фактот што самиот Бренстон, во едно интервју, дадено многу подоцна, вели дека ниту тој, ниту Тарнер не се автори на песната, туку дека едноставно ја украле од Џими Лигинс, односно од неговата песна „Кадилак буги“, снимена 1947 година. Ниту Џими Лигинс, а уште помалку Џеки Бренстон не останаа забележени во музичката меморија. Бренстон почина во 1979 година, како возач на камион во пензија и сосема заборавен од музичката и од секоја друга јавност.

Во некои извори ќе најдете дека првата рокенрол песна е „Strange Things Happening Every Day“ на Систер Розета Тарп, позната и како „кума на рокенролот“. Инаку, песната е снимена во 1944 година. Тоа, со други зборови, значи дека сите се во право и никој не е во право.

Зошто тогаш јас тврдам дека пресвртната година е токму 1956? Затоа што тогаш „белите“ изведувачи, првенствено Елвис Присли, но и Џин Кели, Бил Хали, Тенеси Ерни Форд, но и многу други завладеаја на американските и светските топ-листи. За да се разбере мојата „сеграгација“ меѓу „бели“ и „црни“ изведувачи мора да се сфати и контекстот или духот на времето. Рокенролот не е ништо друго туку музички правец што дотогаш се нарекуваше ритам и блуз.

Оваа музика практично беше „резервирана“ за афро-американските изведувачи и како таква беше стигматизирана во американските радио-станици. Таму, ете, не можевте да ги слушнете Чак Бери, Фетс Домино или Литл Ричард… Впрочем самиот Ален Фрид вели дека го измислил терминот „рокенрол“ само за да може да ја пушта и „црнечката“ музика на неговата радио-станица. И секако за да ги стимулира „белите“ изведувачи да се осмелат да влезат во оваа возбудлива музика.

Токму затоа продорот на Елвис Присли на светските топ-листи таа 1956 година беше толку значаен. Без него и без останатите пионери на „белиот“ рокенрол веројатно никогаш немаше да слушнеме ниту за Чак Бери, а богами ниту за Ајк Тарнер, па ако сакате и за неговата подоцнежна сопруга, Тина Тарнер.

Како и да е, рокенролот се појави одеднаш, како бунт, како пркос на светот околу себе, како некаков сопствен исказ на онаа бејби бум генерација… и го промени светот! Стана глобален феномен, барем некаде до крајот на минатиот век. И потоа исто толку ненадејно како што се појави – исчезна. Или можеби сепак не.

Крај

Деновиве, имено, добивме една величенствена посвета на рокенрол културата и нејзините корени. Во петокот незапирливите „Ролинг стоунс“ го објавија својот 25-ти студиски албум „Foreign Tongues“. Се разбира дека ја преслушав оваа едночасовна музичка етида на старите мајстори. Станува збор за 14, претежно нови песни, во кои можете да ги чуете Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд буквално во нивното најдобро светло. Албумот е истовремено и сиров и префинет, со препознатливите убиствени гитарски рифови и со уште попрепознатливиот глас на Џегер, кој никако не попушта пред одминатите години.

„Ролинг стоунси“ ни тука не бегаат од својот општествен ангажман, суптилно критикувајќи ги „лудите“ могули и авторитарните режими (со директни алузии на Илон Маск и Доналд Трамп). Особено во двата мои фаворита „Mr. Charm“ и „Covered in You“. Но, тука се и две директни посвети на нивното сопствено наследство: преработките на стандардот на Чак Бери „Beautiful Delilah“ (со која симболично се затвора албумот) и на евергринот на Ејми Вајнхаус „You know I’m No Good“.

Јас навистина не знам дали ова ќе биде нивниот последен албум (се надевам дека нема), ама мене навистина ми прозвучи како некаков заслужен врв на нивната сопствена кариера. „Foreign Tongues“, според мене, дефинитивно влегува барем меѓу нивните пет најдобри албуми, а можеби е и буквално најдобриот.

Не можам, се разбира, додека го слушам овој албум, да не бидам носталгичен за времињата кога рокенрол културата буквално владееше со јавниот простор, а богами и влијаеше во општествените процеси (хипи движењето, на пример). Во тие некои времиња во кои растев јас, во секое друштво од четири-пет деца задолжително ќе се појавеше некоја гитара. Рок музиката буквално се слушаше на секој агол. Не само во големите градови, туку во сите населени места, во сите домови на културата, сите средни училишта имаа свој рок бенд…

Се сеќавам дека во тогашниот Дом на млади „25 Мај“ во еден момент вежбаа повеќе од 60 рок-групи. На радијата и телевизиите имаше редовни емисии посветени на рок музиката. Весниците ги објавуваа светските топ-листи.

Во тогашна Југославија рок музиката практично беше мејнстрим. Југословенската рок сцена важеше за една од најсилните сцени во светот. Интересно е, на пример, да се забележи дека рок музиката не беше доминантна во една Франција (шансони), Италија (канцони), Германија, скандинавските држави… За земјите од социјалистичкиот лагер и да не зборувам. Во Југославија беше.

Се чини дека партијата на власт ги препозна идеите на рокот како сопствени. Да, тоа беше критика на системот, но во неа беа препознаени левите идеи за кои, барем декларативно, се залагаа и тогашните комунисти. „Критика и самокритика“ или „борба против општествените девијации“, што би се рекло. Во таа смисла, рок музиката беше и институционално помагана.

Во домовите на културата се купуваа музички инструменти. Младите беа стимулирани да музицираат. Од друга страна рок-бендовите свиреа по работните акции и по разни прослави на „револуционерните“ празници. Малку е познато, ама дури и еден арт бенд како „Екатерина Велика“ настапуваше по работни акции. Членовите на „Бјело дугме“ беа и самите акцијаши.

Во продавниците за плочи се појавуваше најактуелната музика. Во трафиките можевте да ги најдете најважните светски рок списанија, но и еден таков неделник каков што беше југословенскиот „Џубокс“.

Во тоа време во секоја соба на некој тинејџер што барем малку држи до себе ќе видевте постери од неговите гитарски херои. Каде исчезна сето тоа? Јас знам дека и денес свират купишта маестрални гитаристи, ама кој е тој што ја има харизмата на еден Џими Хендрикс или што ќе ги привлече стадионските рефлектори како Џими Пејџ, Ричи Блекмор или Ерик Клептон?

Се обидувам да бидам да бидам во тек со денешната музика, ама морам да признам дека прилично тешко ми оди. Знам дека, на пример, продажбата на електрични гитари во светот падна на една петина од она што се продаваше до пред две-три децении.

Затоа овој албум на „Ролинг стоунс“ ми е толку важен. Се чини дека рокот им остана само на „старците“. На оние престарите за рокенрол, а премладите за смрт, што би рекле „Џетро тул“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија